ПОЛИТИКА

Прекинат протестот на припадниците на поранешната Единица за брзи интервенции

КОСТОВ СЕ ДОГОВОРИ СО "ЛАВОВИТЕ"

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Штрајкот со глад го прекинавме поради напредокот во разговорите, изјави Билјана Николовска, припадничка на поранешната Единица за брзи интервенции "Лавови".
  • Бевме на бојното поле и издржавме, не чуваше Господ, па може и овде ќе не чува. Ќе издржиме до крај, коментираше Тони Стојоски, припадник на поранешната Единица за брзи интервенции "Лавови", пред да биде прекинат штрајкот.

Припадниците на поранешната Единица за брзи интервенции "Лавови" го прекинаа двонеделникот штрајк со глад пред Министерството за внатрешни работи на РМ поради, како што изјави Билјана Николовска, поранешна припадничка на "Лавовите", напредокот во разговорите за нивното вработување. Ваквиот епилог произлезе од средбата помеѓу штрајкувачите и министерот Костов, која се одржа на 24 јуни.

Според неофицијални информации сега се бараат начини за вработување на околу 170 -те "лавови", кои штрајкуваа пред МВР. Вработувањето би требало да биде етапно во зависност од потребите на МВР. Целиот процес би се одвивал во подолг недефиниран временски период, а временските рокови допрва ќе се утврдуваат. Се зборувало и за можна ревизија на вработувањата на 400 - те "Лава" примени во април, но претставниците на Министерството изјавиле дека трансформацијата на Единицата за брзи интервенции "Лавови". е завршена работа.

ЗЛОУПОТРЕБА

Пред да биде прекинат штрајкот неколку припадници на веќе расформираната Единица за брзи интервенции "Лавови" ни изјавија дека им се злоупотребени човековите права до крајна мера, дека ќе бараат ревизија на извршената тансформација и дека поради тоашто лежеле на бетен, на дожд и сонце ќе имаат последици врз здравјето.

Постоеше, вели Тони Стојоски, припадник на првиот баталјон од Идризово на поранешната Единица за брзи интервенции "Лавови", одлука на Владата за трансформација на Единицата за брзи интервенции. Таа требаше да важи за трите баталјони. Сите луѓе што ги исполнуваат критериумите требаше да влезат на работа во МВР, а оние што не исполнуваат одредени критериуми да бидат прераспоредени во други јавни институции и установи во државата. Меѓутоа, тоа не се случи. Беше извршена трансформација, на не знам каков начин, на еден дел од вториот баталјон. Останатиот дел од тој баталјон, потоа првиот баталјон во целост и третиот во целост, воопшто не беа опфатени со таа трансформација. Не знам дали под закана на оружјето луѓето издејствуваа да стигнат на работа во МВР, а голем дел од нив да станат инспектори, со високи функции. Тоа го знааат одговорните во Министерството. Додека ние што целосно ги исполнуваме условите и критериумите за вработување, и што бевме на списоците за вработуање, за што постојат документи во Министерството, со директен влез во двата баталјони во антитероризам и во оклопниот баталјон, останавме тука пред МВР.

"Го бараме она што го заслужуваме", велат некогашните "Лавови"

Според одредени сознанија на "Лавовите", од МВР биле испратени телеграми до полициските станици низ градовите, со кои се барало од нивниот состав да се пополнат испразнетите места во двата баталјона, од каде што всушност тие биле избркани. "Лавовите" велат дека тие два баталјони со нивното отсуство се онеспособени, работат делимично со помал интензитет, и им е намалена борбената готовност.

Веројатно Министерството и институциите во државата планираа да ги надополнат нашите места во тие два баталјони со луѓе од полициски станици кои што немаат ниту еден ден поминато таква обука. Додека ние што по година дена, а некои и по 13 месеци поминавме разни специјалистички обуки во тие единици со разни инструктори од странски разузнавачки служби, бевме на терен 100-200 дена, еве седиме тука, и чекаме да не вратат на работа. Во униформа седиме пред вратата на институцијата која не повика да ја браниме, односно да & го обелиме образот. Во текот на војната, ние тоа го сторивме и сега таа институција ја молиме да не врати на работа, да ни го регулира статусот кој ни беше ветуван со месеци и години. Не знам дали од овој има поголем срам за таа институција и за државата воопшто, додава Стојоски.

Припадниците на поранешната Единица "Лавови", велат дека кога влегле во Единицата ги оставиле своите семејства, заминале на бојното поле и не знаеле дали воопшто ќе се вратат.

Кога влеговме во Единицата ние ги оставивме нашите деца. Знаеме каде сме биле и дали ни било сигурно враќањето назад. Господ не чувал. Се вративме назад. Меѓутоа еве сега очигледно никому не му е гајле за нас. Ние сме решени тука да останеме до крај и по цена на нашите животи. Бевме на бојното поле и издржавме, не чуваше Господ, па може и овде ќе не чува. Ќе издржиме, коментираше Тони Стојоски, пред да биде прекинат штрајкот.

РЕВИЗИЈА

Билјана Николовска, исто така припадник на поранешната Единица за брзи интервенции, "Лавови", потполно се согласи со ставот на нејзинот колега Стојоски.

Сите ние тука, 170 луѓе, бараме едно право што ни е ветено и што го заслужуваме. Тоа е наше вработување. Не бараме ни помалку ни повеќе од тоа. Бидејќи по многу лаги и ветувања не наидовме на резултати, се одлучивме на ваков чекор, иако најмалку што сакавме е со протест да го оствариме нашето право. Но, немавме избор и ќе останеме до последен тука, додека не ни се одговори позитивно. Нашето барање е врз основа на тоа што ние две години бевме инволивирани во кризата, ги поминавме сите обуки и терени, ги исполнуваме сите критериуми за работа што беа поставени при трансформацијата. Но на наши места влегоа луѓе што ниту еден ден не биле во Единицата за брзи интервенции "Лавови", луѓе што воопшто не ги исполнуваат критериумите. Затоа инсистираме на ревизија на трансформацијата и ја негираме одлуката на Советот за безбедност дека трансформација е завршена работа, вели Николовска.

Оваа припадничка на "Лавовите" коментира дека го негираат и ставот на МВР дека не ги исполнувале критериумите.

Целата наша документација, лекарски потврди, документи за завршено средно образование, потврди дека не сме кривично осудувани, се наоѓа во МВР. Ако тие имаат аргументи спротивни на нашите нема да молчат, ќе дојдат тука и ќе го изнесат нивниот став. Ние ќе го изнесеме нашиот став. Зошто генералите Георгиевски и Јовановски ниту еднаш не се одзваа да дадат образложение. Факт е дека ако се е исправно, и ако не ни се повредени нашите човекови права, нашето достоинство, ние нема да штрајкуваме, да спиеме под дожд и сонце, на бетон. Нека излезат и јавно нека докажат дека не е така, а не да молчат, зошто тоа само по себе повлекува логична реакција дека ние сме во право. Тоа е обелоденето и по печатените и електронските медиуми, и не можат тоа да ги оспорат, вели Николовска.

Оваа припадничка на поранешната Единица "Лавови", потенцира дека нема да се откажат од нивните барања и дека ќе тропаат на сите врати, ќе продолжат да поднесуваат молби до надлежните, и до секој кој сака да ги ислуша.

Атанас Андиевски, објаснува дека како припадник на оваа Единица одговорно тврди оти во Единицата има професионалност.

Не е точно тврдењето дека не ги исполнуваат критеримите, бидејќи како старешина од АРМ, имам седум годишно искуство. Исто така има уште неколку колеги старешини и професионални војници, кои останаа на улица, потенцира Андриевски.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"