ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

ТРНОТ АРБЕН ЏАФЕРИ

Гог ма Гог

Сега веќе заборавив кога беше тоа, но паметам, бев во Тетово и во еден момент главната улица забележав една исправена, тенка и одважна фигура која како новоиспилен паун се шеташе опкружен од непомалку одважени и стасити телохранители. Колешката Ирина ми ја денетиса љубопитноста и рече: Мендух Тачи! Ништо, продолжи Тачи, продолжив и јас, а сакав разговор. Ќе беше тоа прво интервју со човекот што доаѓаше залепен како поштенска марка на една нова политичка опција.

Подоцна, од каде излезе, и низ која врата дојде не знам, ама се појави веднаш до Тачи една друга фигура, дотогаш невидена, нагласено трома, секогаш испеглана, уредно исчешлана, одмерена, со некоја нова реторика набилдана...Арбен Џафери. Лично не сум го видел, ниту сум го сретнал. Колку до вчера, за тој "Албански Клемент Атли" ми раскажуваа легенди: демек политичар од голем формат, кој успеа да го слисти Црвенкомунизмот (алузија на Црвенковски и Комунизмот) и да го донесе на власт "македонскиот Тони Блер (Љубчо Георгиевски); да изведе успешни фалсификат претседателоски избори и да организира таква картелска мафија за некои "зависнички" субстрати, да му позавиди дури и - Ескобар.

Од легендите за Арбен што ги слушав си создавав своја лична претстава и во еден момент ми се пристори дека Македонија доби витез "Џафери Величенствениот" на кого допрва ќе му стасуваат ловорови венци. Сите потези во почетокот што ги влечеше ми изгледаа мудри и добитнички. Но партијата се уште траеше и "Кралот" успешно се држеше.

Арбен Џафери не влегуваше во конфликти со новинари. Знаеше оти тие се "заразна болест", па превентивно се бранеше. Е, единствено неможеше да се одбрани од Мирка, но затоа пак подоцна во негов стил изработи таква стратегија, успешно и елегантно да ја - скроти. Додуша Мирка никогаш не застана зад Џафери, но едно време осетно го "заборави" надевајќи се на оштетата што требаше да му ја плати, или да & ја плати.

Стасаа новите избори. Волкот во јагнешка кожа почувствува дека го губи "трлото што го божем вардеше". Стариот добар, трпелив, толерантен, елоквентен, надмоќен Арбен Џафери ја почна својата видлива промена, за жал за него и за македонските Албанци, на полошо, всушност онаков каков што бил.

Неговиот "политички чип" кодиран деструктивно во собранието на "неговата држава", како што милува да каже, го употреби за разорување на демократијата, светлиот килим што му беше послан кога од Косово доаѓаше во Македонија. Замислете: "Велинчествениот Џафери" побара неговата ДПА да се дистанцира од паламентарната демократија и прогласи мораториум со кој ги повлече своите пратенци од клупите на Собранието, и изгледа им даде други (не)демократски задачи.

Мислев, искрено ви кажувам, дека Арбен Џафери бил умен и видовит политичар. Меѓутоа, дури сега кога е во "политичкиот лер" на Љубчо Георгиевски му се дава можност да оцени што доби, а што загуби со братското дружење на неговиот коалиционен партнер?! Да се резонира и јавно да се каже дека "членството на ДПА и граѓаните биле разочарани од движењата во земјата" е најголема хипокризија што можеше да му се случи на најтесното раководство на партијата на Џафери и Тачи. Па, кој влијаеше на тие движења, кои ги "дизајнираше" и за што?!

Џафери не е од Марс паднат. Знае Арбен што значи синтагмата: при полна свест и чиста совест...Да изјавиш нешто што е содржано во концептот на уривање! Оти еднаш не излезе храбро и одважно, како што тоа го прави во неговите ренгенски снимки на потезите на власта, со став и акција, што да преземеме против терористичките напади што ни се случуваат речиси секој Божји ден? Или тоа да го прифатам баш онака како што им го кажа на тетовските новинари на 20 јуни: "...Не се повлекувам. Останувам трн во Македонија"!

Искрено сметам дека во Македонија, освен Џафери, сега веќе има многу повеќе Трње, отколку што мислиме...Џафери заборави да каже каков "трн е": тендафил, или магарешки?! Верувам во неговите добри познавања на семазиологијата. Да беше Тертулијан, и да му се прости...Но тој тоа го стори при "полна свест и чиста совест"!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"