олемиот аналитичар и
стручњак на разузнавачките и контраразузнувачките активности во Република
Маке-донија и пошироко, господинот Иван Бабановски, професор на поранешниот
Факултет за безбедност воИдризово е фрапиран од тафтологијата и нејасноста
на новата Национална концепција за безбедност и одбрана на Република
Македонија. Тој ги лоцира проблемите, недостатоците и конфузиите во
понудениот Документ.
МС: Господине Бабановски, кои се вашите забелешки во однос на
Националната концепција за безбедност и одбрана?
БАБАНОВСКИ: Крајно сум изненаден од некомпетентноста на содржините
што се структуирани во еден ваков мошне значаен документ, а како што треба
да биде Националната концепција за безбедност и одбрана. Според мене повеќе
не важи сваќањето и впечатокот дека подолг текст на документов е некаква
гаранција за квалитетот на истиот. Напротив овој Документ мора да биде
краток и јасен без можности за двојно толкување на ставовите запишани во
текстот. Меѓутоа, добивам впечаток дека токму во понудениот документ се е
оставено да може да се толкува, кој како сака и на кого како му треба да ја
употреби содржината која е нормативно уредена во концептот.
МС: Врз кои факти го образложувате својот став, бидејќи на нешто слично
укажуваат и други стручњаци од Институтот за одбрана и мировни студии?
БАБАНОВСКИ: Јас би рекол за сериозни теми и содржини потребни се
одговорни и умни луѓе кои знаат колку многу незнаат за да можат да побараат
мислење и помош од компетентни личности. Самобендисаноста е лоша карактерна
особина, незнаењето и нестручноста најчесто се покриваат со бирократско
блеферство. Ароганцијата ја заменува мудроста и наместо проблемот на
обработката да го поопштествуваме до базата на државата, Република
Македонија, ние дозволуваме со Националната концепција за безбедноста и
одбраната да си играме модерни играрии, работилници, агенди менаџменти и
интернети. За на крајот “мртвороденчето” да му го протнеме на изморениот
Парламент да го закопа без обреди и говори во службениот весник на РМ, со
потпис на десетина повикани да бидат до смрт сериозни со сегашноста и со
иднината на нашата држава. Запаметете, овој документ има големо значење и за
објаснување на минатото. Инаку, како ќе им објасниме на генерациите кои што
доаѓаат како, зошто, кога и кои лица ги потрошиле независноста,
суверенитетот, територијалниот интегритет и слободата на оваа намачена земја,
од два милиони маченици.
НЕЗНАЕЊЕ
МС: Која била целта на подготвувачите овој текст така набрзина да се
изработи и да се преточи во Документ?
БАБАНОВСКИ: За мене нема никакво оправдување, ако сме чекале десетина
или дванесетина години да дојдеме до ваков Документ можеше уште малку да се
причека и сериозно да се пристапи во работењето на концептот. Инаку, лично
сметам тој мораше многу порано да биде изготвен и со него да се утврди
минимум консензус за одредени прашања, како што е основно и најбитно
прашањето на државноста на РМ, нејзиниот суверенитет и неделивоста на
територијата, унитарноста на државата, односно на местото и на улогата на
македонската нација во сопствената држава. Вака ние дозволивме да дојдат
некои уличари од белиот свет и да ни ги уредуваат односите затоа што видоа
дека сме малоумни, дека не знаеме да си ја организираме сопствената држава,
дека не знаеме да си ги уредиме односите во сопствениот дом, а притоа
започнаа да си играат и да прават т.н. модерни држави, некакви си
“панама-портабл” држави, и не знам какви се државички.
МС: Што му недостасува на овој текст?
БАБАНОВСКИ: Целиов текст ме потсетува на една огромна одбрана на
докторска дисертација од областа на безбедноста. Притоа кога кандидатот нема
точен одговор на зададената тема или на прашањата, употребува изрази: таа
институција, тој институт. Во тој миг, замислете си, претседателот на
испитната комисија за да го разбуди од незнаењето, односно да докаже дека
говори глупости му го поставува прашањето: Го молам кандидатот да ми објасни
која е разликата меѓу институт и институција? И нормално, бидејќи кандидатот
не знае што е институт или институција, претседателот го прекинува
испитувањето. Содржините на понудениот Документ мене ми личат на учебник за
комбинирана селска паралелка од прво до четврто одделение. Се е смесетно на
куп, збрано, а кој знае и умее ќе се снаоѓа и на кого што му треба нека си
земе. Таков впечаток ми остави овој Документ. Не е систематизиран до крај.
Структурата може да се прифати како што е понудена по глави, но во истите
делови има повторувања. Има погрешно објаснување на одредени поими. Јас ќе
се обидам на тие работи да укажам, во оној дел кој се однесува на
безбедноста и на активностите во областа на разузнавањето и
контраразузнавањето за што сметам дека сум компетентен и професионален.
МС: Господине Бабановски, чувствувате дека одредени делови од понудената
Национална концепција за безбедноста и одбраната не одговараат на вакви
сериозни документи што се изработени во држави со исти или слични
карактеристики како РМ?
БАБАНОВСКИ: Сметам дека овие автори недоволно ги користеле туѓите
искуства. Ако нешто е нормирано и уредено и тоа е проверено во практиката,
функционира и дава позитивни резултати, зошто тоа искуство да не го
примениме и за нашите потреби за уредување на безбедноста и одбраната. Тоа
се едни од најсуптилните активности на државата за да може да опстои во
вакви политички, економски, воени и секакви други опкружувања и случувања
какви што се на југоистокот на Европа, т.н. Западен Балкан.
МС: Во кои делови најмногу забележувате слабости?
БАБАНОВСКИ: Како што реков ќе говорам за она што се однесува на делот
на внатрешна безбедност и за менаџмент со кризи. Но, најпрво пред да се
осврнам на конкретниот дел од текстот, би сакал да го искористам цитатот на
познатиот коментатор и аналитичар од САД, Валтер Литман кој вели: "Ако
надворешната политика е штит на републиката тогаш стратегиското извествување
е она што претставува штит во правото место и во право време. Нашите
политички субјекти, компетентни институции чувствуваат потреба за знаење од
сите области, од внатрешните и надворешните загрозувања за безбедноста и
одбраната. Ним им е потребно знаење кое е потполно точно, благовремено и во
состојба да им служи како основа за акција. За да ја одбранат својата
политика тие мораат, прво и над се друго да бидат информирани, или од
другите земји и меѓународни субјекти како за објективни така и за
субјективни фактори во стварноста.
МС: Дали преку и овој коментар сакате да ги лоцирате слабостите или да
алармирате на недоследностите?
БАБАНОВСКИ: Вооружени со овие знаења политичките водачи можат да одат
напред барем онолку колку ќе бидат сигурни дека нивниот неуспех нема да им
се припише на незнаењето. На второ место го разгледуваме она што се нарекува
национална безбедност. Војната како најсилен фактор на загрозување на РМ не
секогаш се води на вообичаен начин, всушност дел од минатата војна се водеше
со невообичаени оружја. Овие оружја би ги нарекол политички и економски, а
видот на војната во кои тие беа употребени политичка односно економска војна.
Во двете необјаснети (необични) војувања настојуваме да постигнеме две
работи: да се ослаби волјата и способноста на непријателот за давање отпор и
да ја зголемиме желбата и способноста за нашата победа и победа на нашите
пријатели. Во тој контекст ќе се навратам на главните слабости на понудениот
текст. Во него има тафтологија, превртени реченици, една конфузија на
текстот. Така на пример во делот 24, точка 46 се вели: од големо значење е
создавање на систем усогласени активности меѓу разузнувачите и
контразрузнувачките служби што ќе обезбеди навремено предупредување од
ризиците и опасностите, предлагање и преземање мерки и активности за заштита,
намалување и елиминирање на единиците и опасностите по безбедноста на РМ.
Под точката 47 се вели: Забрзувањето на интегрирањето во македонското
општество и државата на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници што
живеат во РМ е од особен интерес за безбедноста. Во таа насока треба да се
максимализираат политичките и другите напори и капацитети за имплементација
на Уставот, одредбите кои се однесуваат на правата на припадниците на
заедниците. Интеграцијата треба да се креира и да се имплементира преку
политичко безбедносната, економската, образовната и културната политика,
мерки и активности кои во крајна цел ќе градат зеднички вредности и ќе ги
формулираат разликите како основа за заедничка интеграција".
И сега овде само фали да се каже сето тоа ќе го направиме со промени на
Уставот што сме го донеле во легална процедура за да ги примениме одредбите
на Рамковниот договор потпишан во Охрид под притисок на меѓународната
заедница со која практично се укинува унитарноста на нашата држава и се
воспоставува полупротекторатски систем на владеење и нефункционирање на
државните институции, особено институциите на безбедноста и на одбраната кои
не функционираат на една третина од нашата територија во РМ. Од тие причини
за мене ми беше апсурдно и неприфатливо некакво си полемизирање со една луда
идеа која никаде во светот не би можела да биде прифатена и поддржана како
што тоа го направи еден академик од МАНУ за размена на териториите. Знаете
во размена мора да постои еквивалент на вредности како ние можеме да правиме
размена на територии, а притоа да дадеме теротирии на РМ. За чии теротории?
Што нам ни се нуди во контра? Ни се нудат територии на РМ!? Тоа за мене е
нон-сенс. Нешто неприфатливо. Тоа е повеќе од лудост.
МС: Одредени стручњаци и професори оценуваат дека во Документот
терминолошки не се детерминира што е внатрешен, а што е надворешен
непријател. Зошто не се лоцира проблемот кој се манифестираше во 2001, 2002
и во 2003 година?
БАБАНОВСКИ: Бегаме од дефинирање на облиците и на носителите на
загрозувања од проста причина затоа што ако тоа го нормираме во концептот за
националната одбрана и безбедноста и врз негова основа мораме да изградиме
сопствена стратегија која како и секоја друга на компетентната институција и
субјектите во одбраната и во безбедноста ќе им овозможи да си направат своја
татктичка и оперативна програма. Со неа практично би морале да војуваме
против припадници на актуелната власт, против партиципиентите во владата во
Република Македонија.
МС: Ако сметате дека овој Документ навистина е слаб и недозволив за ваква
мала земја која аспирира да влезе во структурите на НАТО, па дури и во ЕУ
која што создава свој воен безбедносен систем тогаш кон што се стремиме со
овој законски текст?
БАБАНОВСКИ: Знаете што. Непланирана политика е пародија од политика.
Донесување на политички одлуки без претходно проценување и планирање
претставува комар. Сето тоа во крајна линија оди на рака на катастрофата.
Ние перманентно сме незадоволни од сериозни структури на меѓународната
заедница, особено на оние со европски предзнак, од институциите на
обединетата Европа. Впрочем не сакаме да се запрашаме, дали ние навистина
сме сериозен партнер во сите релации, било тоа да се дипломатски или
полтички, воени, економски со субјектите на ЕУ. Во најголем дел во релациите
ние сме недефинирани, неподготвени, а често пати сме во конфузија со
сопствените барања и со она што во крајна линија го нудиме како дел од
партнерство со Европа.
МС: Ако секогаш трчаме како прле пред магаре, колку сегашнава политичка
гарнитура, авторите на Документов нудат рамка за насочување на институциите
на државата кон определен стратешки правец што требаше порано да се заземе?
БАБАНОВСКИ: Со оглед дека реков мораме во политиката да планираме, а
особено мораме да планираме во релациите што се однесуваат на обезбедување
на благовремени, веродостојни, проверени и целосни сознанија за субјектите
во нашето опкружување најповеќе забелешки имам околу функционирањето на
Агеницјата за разузнавање на Република Македонија, која е во надлежност на
претседателот на државата. Но, и на некои релации во односите на политичките,
особено партиските структури кон професионалниот однос на носителите на
функција во МВР и во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање.
ОТСУСТВО
МС: Ако ваште забелешки се насочени кон одредени проблеми кои се
постојани во последниве две до три години, дали постои опасност она што
денес се нарекува тероризам, или кримниални банди, да прерасне во една
посериозна закана која многу бргу овој Документ би го фрлил во вода?
БАБАНОВСКИ: Борбата против тероризмот всушност за мене значи, борба
против организираниот криминал. Тоа ни го покажа и најновата и посериозна
акција на една држава која се одлучи да направи и политичка и безбедносна и
полициска акција за пресметка со носителите на организираниот криминал, кои
често се наоѓаат позиционирани во самите владини структури и агенди.
Тероризмот всушност е самиот врв на организираниот криминал. Тој е
најсуптилниот и најразорниот обид на злосторничко делување. Точно се знае
кој треба против овие облици на криминал и на криминалната активност да се
ангажира во попречување на организаторите и извршителите. Ние најчесто во
нашата пресметка со носителите на криминалот, особено овој како што милуваме
да го наречеме организираниот криминал, се пресметување со егзекуторите, со
извршителите. Ние никако да отпочнеме војна со нарачателите и да расчистиме
со планерите, со оние кои ги наредуваат одредените терористички активности и
криминалните делувања.
МС: Ако ова е најпознатиот вирус што постојано го нагризува македонското
општество тогаш што се прави со реорганизацијата на безбедносните структури
во РМ?
БАБАНОВСКИ: Во клучната концепција за нашата разузнавачка
служба има неколку сериозни последици. Замислете си вие во екот на
претсметката со импортиран агресор во форма на терористички банди и воени
формации од територија на Космет, во преименувана форма на УЧК, поранешната
директорката на Агенцијата за разузнавање подели стотина решенија за
прераспоредување и отпуштање од работа на искусни кадри во Агенцијата кои
беа формулирани како технолошки вишок. Тоа е нон-сенс. Не може да се зборува
за разузнавање и контраразузнавање и за некоја сериозно приоѓање кон
уредување на овие области. Јас би рекол, со оглед на отсуство на јасна
концепција за работа на нашата разузнувачка служба има неколку сериозни
последици. Прво, нејзиниот однос кон националните цели е неодреден. Второ,
нејзиното планирање на политиката е ограничено. Трето, нејзината поддршка во
формулацијата на стратегијата е тентативна, односно произволна.
Четврто, отсуството на долгорочно планирање ја чини уште повеќе што
недостасува доктрината за работа на Агенцијата. Петто, во разузнувачката
дејност, односно Агенцијата за разузнавање се обрнува поголемо внимание на
тактичките средства, а помалку на стратегиските прашања. Од тие причини
Агенцијата има постојани потешкотии која ја тераат својата функција да ја
поврзе со извршителите, било на полтичкото или на тактичкото ниво. За
Агецнијата секогаш предност има постапката, а не нивните резултати. Таа нема
свои димензии, ниту сопствена перспектива. Агенцијата е зафатена со
сегашноста, а долгорочното планирање е небитно во нејзиното функционирање.
По дефениција разузнавачката дејност би требало да ја предвидува иднината,
наместо тоа Агенцијата за разузнавање на РМ се ангажира со сегашноста и
понекогаш со минатото. Нејзиниот интерес во иднината е само повремен и
краткотраен. Значи само со поблиската иднина и тоа само како логичен
продолжеток на сегашноста. Поради тоа македонската разузнувачка служба не ја
извршува својата основна функција која се состои од проценување на иднината
која е резултат на човековото однесување во политиката, стопанството,
општеството и техологијата. Таа треба да формира слика за иднината.
Долгорочното планирање во политиката и во разузнувачката служба не е можно
без предвидување претскажување или проценување на иднината. Проценувањето е
суштинска функција на разузнавачка дејност, а зголемувањата на знаењата и
намалувањето на незнаењето во иднината бара добро познавање на нејзините
составни делови. Затоа недостасува примената на новата дисциплина
футурологија. Проценка која предвидува промени и претставува основа на
долгорочното планирање.