|
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
БУЧКО, МАКЕДОНИЈА НЕ ТИ Е СТАБИЛНА
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Клучната точка во новата резолуција треба да биде дека Америка ја
признава независноста на Косово, бидејќи Југославија повеќе не постои чија
автономна покраина беше токму Косово.
- Составен дел на резолуцијата е и барањето упатено до американската
администрација за потребите на Косово и неговата независност да се
издвојат најмалку 100 милиони долари од фондот од 555 милиони долари
наменети за државите од Балтикот и регионот на југоисточна Европа.
П роцесот на стабилизација на
вкупните состојби се одвива во позитивна насока, меѓутоа последните
инциденти налагаат интезивирање на мерките и активности на надлежните органи
со цел откривање и санкционирање на извршителите. Ова беше еден од
заклучоците на седницата на Советот за безбедност на Република Македонија
одржана минатата недела. Се оди подмачкано, нема опасност од дестабилизација.
А тоа што 30 отсто од македонската територија не е под контрола на државните
институции никого од надлежните не засега.
Важна е само констатацијата дека Робертсон го пофалил Бучковски за
работата на безбедносните ресори во државава кои не придонесуваат за
радикализирање на напнатата ситуација во поранешните кризни региони. Па
нормално. Кога оној кој ја освоил таа територија никој не го чепка отстрана
и не му ги расипува плановите за ослободени територии на чие пространство се
вее знаме на туѓа држава нема потреба да презема којзнае какви чекори спрема
државниот апарат за да ја зачува таа територија.
ПОТСЕТУВАЊЕ
Власта како да кренала раце од збиднувањата на теренот и единственото она
што изминативе неколку месеци го правеше и се уште го прави на тој план е
изнаоѓањето термини како да се оквалификува чинот на "налудничавите" луѓе и
колку пофалби ќе добијат од белосветските патници и кариеристи за нивната
пасивност во сузбивањето на тероризмот. Поинаква реторика за овие случувања
и не може да се изнајде. Каде се нашите разузнавачки и контраразузнавачки
структури? Зарем вакви и слични податоци за нашата стабилност и безбедност
им пласираат на политичките владеачки гарнитури па секојдневно се фалат дека
се држат под контрола? Зарем ги немаат извештаите и списоците кои стигнуваат
од Вашингтон и другите центри на моќта за она што се спроведува и што допрва
ќе се спроведува во Македонија и регионот што не опкружува? Доколку ги
немаат или не дошле до нив еве ќе ги потсетиме или ќе им откриеме нешто ново
на нашите слабо информирани служби па врз база на тоа овој народ очекува да
се преземат и соодветни чекори. Во конечниот договор постигнат на тајниот
состанок минатата недела во Вашингтон меѓу американските конгресмени и
лобисти и американско-албанската граѓанска лига стои: "Независноста на
Косово мора да се оствари до 2005 година. Федерализацијата на Македонија да
се заврши до 2007 година, а воспоставувањето албанска балканска федерација
т.е. Голема Албанија е последната задача која треба да се заврши до 2010
година". Извештајот за договореното претставниците ќе го поднесат до
Призренската лига чија 125 годишнина ќе биде прославена кон крајот на овој
месец во Призрен. На тајниот состанок од кој не е издадено никакво
соопштение присуствувале претседателот на албанското лоби во Америка, Џозеф
Диогарди, неговата сопруга Ширли Диогарди во функција на советник, потоа
американските конгресмени Бенџамин Гилман, Џозеф Бајден и Антал Том Лантас.
Американско-албанската граѓанска лига ја претставувале генералниот секретар
Неџат Дачи и членовите Лина Баљај, Љуан Реџепи, Гани Пероли, Зијадин Цира, а
преведувач бил Артур Дима. На состанокот биле поделени и задачи.
Конгресменот Том Лантос, без оглед што американската администрација неодамна
категорично застана против независно Косово добил задача во американскиот
конгрес повторно да поднесе резолуција за независност на протекторатот.
Клучната точка во новата резолуција треба да биде дека Америка ја признава
независноста на Косово бидејќи Југославија повеќе не постои чија автономна
покраина беше токму Косово. Американско-албанските лобисти сметаат дека
голема погодност во овој момент е тоа што околу 80.000 Албанци во северна
Грција во областа Чемерија бараат заштита од т.н. принудна асимилација која
наводно ја спроведуваат грчките власти. Тој проблем според нив под итно мора
да се интернационализира. Сенаторите во САД мораат да ја користат секоја
прилика да ја известуваат американската администрација и американската
јавност дека во северна Грција се врши репресија врз албанското население,
дека им се оневозможува вработувањето, дека не им се враќа одземената земја
и имот и не им се дозволува школување на мајчиниот јазик. Било заклучено
дека по примерот на Косово, јужна Србија и Македонија треба да се
поттикнуваат немири во Чемерија со кои ќе се врши притисок на грчките власти.
Составен дел на резолуцијата е и барањето упатено до американската
администрација за потребите на Косово и неговата независност да се издвојат
најмалку 100 милиони долари од фондот од 555 милиони долари наменети за
државите од Балтикот и регионот на југоисточна Европа. Инаку, американско -
албанското лоби за прв пат и официјално направи резервни варијанти за
постигнување независност на покраината. Тие се уште важат само како
иницијативи кои треба да се проучуваат на крајно внимателен начин.
ВАРИЈАНТИ
Првата варијанта е следна: самостојноста на Косово да се откупи од Србија.
Но притоа никако не треба да се залета со цената, не треба да се споменуваат
цифри како некои досега кои нуделе од 10 милијарди долари па и повеќе. Како
што е заклучено треба да се понуди откуп за најмногу од 2,5 милијарди долари.
Купувањето на Косово не треба да го форсираат Албанците туку нивните
пријатели од Америка, а Албанците треба да глумат дека не прифаќаат таква
солуција. Втората резервна варијанта гласи: размена на северно Косово за
општините од јужна Србија - Прешево, Медвеѓа и Бујановац. Се смета дека
реализацијата на овој план е можна само доколку се организира меѓународна
конференција за Косово и само под услов и Србија да го посакува тоа решение.
За да се дојде до ова Албанците според планот треба да бидат што
понезадоволни во јужниот дел на Србија и да продолжат да вршат притисоци врз
српското население во Косово. Сенаторот Том Лантос за време на состанокот
дошол до следната идеја: треба да се преземат силни мерки па дури и да се
активираат албанските одбранбени сили за да не се дозволи враќањето на
Србите во покраината ниту во централно Косово, а уште помалку во Метохија
каде ги има најмногу и каде нивното присуство ја сече природната врска меѓу
централниот дел на Косово и неговиот јужен дел. Колку за потсетување тука се
наоѓаат три албански општини. Почетокот на повлекувањето на рускиот
контингент од Косово минатиот понеделник ги расипа плановите на т.н.
Албанска национала армија АНА. Таа беше подготвена да започне терористички
активности пред одржувањето на Самитот на ЕУ во Солун за да им обезбеди
огнена поддршка на косовските претставници на конференцијата. Зголемените
активности на КФОР ја одврати единицата Адем Јашари сконцентрирана во селата
на Косовска Каменица од таквата намера. Најпогодна мета за напад биле токму
руските војници кои го штитат српското население. Меѓутоа, нивното
повлекување и зголемената циркулација на американските војници ги сопре
припадниците на АНА во намерата да го нападнат КФОР. Таа акција, како што се
дознава, привремено ја одложиле политичарите од Приштина на кои однадвор им
било речено дека тој потег за нив ќе претставува самоубиство. Разузнавачите
на меѓународните мировни сили навремено го имаат откриено планот на АНА кој
се состоел во следното: да се нападне едно село, да се убијат повеќе селани,
да се почека интервенцијата на КФОР, да дојде до краток судир меѓу КФОР и
АНА и потоа следи повлекување. Бидејќи таа варијанта отпаднала КФОР има
информации дека екстремистите забрзано се подготвуваат за нов план кој се
состои во напад на некоја од граничните единици на приштинскиот корпус
распореден на југот на Србија. За тоа е известена војската на Србија и Црна
Гора и таа се наоѓа во потполна подготвеност. Командантите на терористичките
единици вршат притисок врз властите во Приштина да дадат зелено светло за
отпочнување на воена офанзива со образложение дека Албанците повеќе не можат
ништо да добијат од преговорите со Србите бидејќи и ЕУ и САД полека
застануваат на страната на Србија. Во целиот мегаломански и фашизоиден
проект влегува и проекцијата за Македонија. Од властите во Скопје
американската администрација треба да бара: територијална и политичка
децентрализација, потоа прифаќање на албанскиот јазик како втор официјален
службен јазик во државата, давање поголеми овластувања на локалната
самоуправа посебно поголем дел од даночните приходи на локалните албански
власти, државата Македонија да го признае статусот на државјанин без оглед
каде Албанците се родени, како и потполна реформа на војската и полицијата.
Ако се проанализираат сите овие барања на американско-албанското лоби за
Голема Албанија ќе се увиди дека сите овие процеси незапирливо течат во
државата и тоа под покровителство на македонските власти кои се во заблуда
дека на тој начин ја спасуваат Македонија. Ова е јасен показател дека власта
со своите постапки ги врши последните подготовки за погребната церемонија.
Џозеф Бајден се обврзал дека ќе се избори Америка да обезбеди робусно воено
присуство во Република Македонија за да може во најкус можен временски
интервал да се конституира посебна албанска национална заедница која на
почетокот природно би се потпрела на Косово, а потоа би влегла во рамките на
големата Албанија. На истиот состанок во Вашингтон американските конгресмени
и лобисти ги добиле заслужените хонорари за својот труд. За едногодишниот
ангажман и лобирање во корист на албанската кауза брачниот пар Диогарди
примил 350.000 долари, Том Лантос околу 100.000, а Бенџамин Гилман нешто
повеќе од 20.000 долари. Еден од заклучоците на овој состанок е неоходноста
од зголемување на донациите и средствата за албанскиот проект. Било речено
дека сега е дојдена фазата кога нема да бидат потребни милиони туку
милијарди долари. На потег се сега нашите добро информирани служби да им
застанат на патот на ваквите проекти и со практични решенија да излезат на
теренот и да создадат поволни услови за стабилизација на безбедносната
состојба. Доволни беа реториките на Бучковски дека Македонија е стабилна и
се движи во позитивен правец. После Сопот, после бомбата во центарот на
Куманово, после новинарската драма во Арачиново, после Силика во Гостивар,
после загинувањето на војникот од мина во Стража, после случајот со шверц на
оружје на македонско-албанската граница нашиот министер мора да увиди дека
Македонија не му е стабилна.
|