Уште еден резил од Парламентот
На официјалната веб страница на Собранието на Република Македонија, во
биографските податоци за некогашниот терорист, а сегашен пратеник од ДУИ,
Г'зим Острени, се вели дека тој бил " шеф на главниот штаб на Заштитниот
корпус на Косово, шеф на Главниот штаб на ОНА на Македонија". За Фазли Велиу,
главниот логистичар на ОНА, нема никакви биографски податоци, а такви
податоци нема ниту за Рафиз Халити, познат како командант М'суси во Радуша.
Ова е уште еден скандал од законодавниот Дом каде не смее да се дозволи
терористи да седнат во фотелјите, а кога тоа веќе се прави, барем официјално
да не ги идентификуваат како припадници на ОНА.
Димитар Трајковски, шеф на Кабинетот на Никола Поповски, ни објасни дека
тој не учествувал во изработката на веб страницата.
Горан Станоевски, шеф на информативната служба во Собранието, ни одговори
дека пратениците сами си ги пополнуваат листовите со биографски податоци и
дека службите во Собранието немаат право на цензура.
Бегство со затворски и судски "изим"!?
По чудното бегство од затвор на Дилавер Бојку - Леку, во Струга се говори
дека сексот и видеолентите го спасиле макрото од Велешта од панатамошно
издржување на затворската казна. Тој, наводно, поседувал видеоленти со кои
уценувал видни граѓани од Струга и од земјава кои ги користеле услугите на
девојките за забава. МВР претпоставува дека Леку се крие во Албанија или на
Косово.
Министерот за внатрешни работи го обвини Министерството за правда и
затворската управа за непреземените мерки, бидејќи во неколку наврати МВР
реагирало на нерегуларностите околу неговиот третман.
Рејтингот на Владата опаѓа
Довербата во Владата на премиерот Црвенковски опаѓа, а граѓаните се
песимисти за економскиот просперитет на земјава. Тоа се дел од резултатите
од последното јавно испитување на американскиот Интернационален
републикански институт (ИРИ). Споредено со резултатите од пред два месеци,
за девет отсто е зголемен бројот на граѓаните кои сметаат дека Владата е
полоша отколку што очекувале (од 46 отсто во април на 57 отсто овој месец),
а намален е бројот на оние кои сметале дека е подобра, од 35 на 26 отсто.
Отпуштените работници од ЕСМ ќе протестираат
Стотина вработени во "Електростопанство на Македонија" кои беа прогласени
за технолошки вишок го блокираа влезот на компанијата во Скопје, незадоволни
поради списоците со работници кои треба да бидат отпуштени од први јули.
Протести имаше и во РЕК "Битола" и во ТЕЦ "Осломеј". Работници најавуваат
дека наредните денови комплетно ќе ја блокираат работата на ЕСМ, ако
директорот Лазаров не ги прими и не ја запре постапката.
Универзитетските професори бараат евра
Најкорумпирани професори се од Економскиот факултет во Прилеп, Правниот и
Педагошкиот факултет во Скопје, како и Факултетот за туризам во Охрид. Ова
го покажа истражувањето за корупцијата во високото образование, со кое биле
опфатени 2.010 испитаници од четириесетина факултети на скопскиот и
битолскиот Универзитет и од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а
го спроведе Институтот отворено општество. Диплома на Економскиот факултет
во Прилеп може да се купи за 19.000 евра, на Факултетот за туризам во Охрид
за 15.000 евра, а упис на еден од скопските факултети чини 6.500 евра. На
Медицинскиот и на Стоматолошкиот факултет во Скопје испит се полага за 500 -
2.500 евра, на скопскиот Економски факултет за 300 евра.
Нов импулс за Коридорот 8
Македонија и Бугарија ќе ја унапредуваат недоволната економска соработка
во што стимул треба да даде и ЕУ со инвестиции во виталните инфраструктурни
објекти како што е Коридорот 8, од Софија порачаа македонскиот премиер
Црвенковски и бугарскиот претседател Прванов на конституирањето на
бугарско-македонскиот економски форум.
Партиски фирми и имоти
Контролите што ги спроведуваат даночните инспектори во трите политички
партии, во поглед на поседување партиски фирми или имоти, досега се завршени
во СДСМ и во ДПА, наведува "Утрински весник". Овие две партии имаат имот, но
не располагаат со сопствени фирми од кои би остварувале приходи. Весникот
потсетува дека најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, има повеќе фирми:
печатницата "Гоце Делчев", "Магналекта", новинско-издавачката куќа "Глас", "Илинденка",
"Еверест 2000", веледрогеријата "Здравец" и други.
ДУИ бара албанско министерство за култура
На состанокот на министерот за култура со претставници од ДУИ, му било
кажано дека не се задоволни со измените во Законот за култура, направени,
пред се, поради Рамковниот договор, и дека тие бараат формирање на дирекција
која впрочем би била паралелна институција на соодветното министерство,
пишува "Вест".
ДУИ бара да биде формирана дирекција за заедницата на Албанците во
Министерството за култура. Тоа во практика значи формирање паралелно
министерство за култура на Албанците.
|