КОМЕНТАР

Сито и Решето

ДЕВЕТ ГОДИНИ "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"

Од Редакцијата

Поминаа девет лета, девет зими, уште толку сезони на пролет и лето, ама ете преживеавме. Ги прегрмевме сите политички турбуленции, притисоци, закани и уште какви не се законски марифетлуци од власта (која и да е) во овие бурни години. Во меѓувреме не сметаа за галениче на раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ние како заштитен знак го имавме и се уште го имаме древното сонце од Кутлеш. Арно ама, докажавме дека ние сме Македонци и дека живееме, работиме и постоиме за македонскиот народ и за Република Македонија. За разлика од нас, ВМРО-ДПМНЕ се откажа од старомакедонскиот древен симбол на Македонците и на Филип и Александар Македонски, шеснаесетзрачното сонце, и дури продолжи да ги распродава македонските национални и државни интереси. Затоа, на македонскиот светски неделник "Македонско сонце" не треба да му се припишуваат разни етикети оти оние што милуваат да не озборуваат се шпиони, кодоши или лажни душегрижници. И да бидеме начисто еднаш засекогаш: Ние ниту сме биле и ниту сме галениче на ВМРО-ДПМНЕ, ниту сме во скутот на СДСМ!

Нашиот основач, познатиот македонски бизнисмен, кој работи и дејствува за македонскиот народ, за македонската кауза, повеќе од дваесет години во САД и во светот, Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски, премногу ја сака Република Македонија. И затоа како вистински патриот го цени нашиот труд и самопрегор. Тој ја иницира нашата единствена сатисфакција во борбата против душманите, националшовинистите, непријателите, негаторите и филствата што продолжуваат да виреат на почвата на нашава мила и напатена земја.

БЕЛЕГ

Лесно е да се рече дека ги надминавме породилните маки, но никогаш како весник на вистината не не сакаа непријателите на нашава земја. Ние им бевме и понатаму ќе им бидеме трн в око. Тие постојано се обидуваат да не згаснат, да не избришат од земјинава топка, но многу битки загубија. Премногу тврд орев сме за нив и затоа ги чувствуваат нашите удари. Новинарските пера понекогаш се остри, во одредени моменти се аналитички, но можат да бидат и пофалувачки, бидејќи секоја акција која оди во прилог на духовниот развој на македонскиот народ, јазик и култура, била сестрано поддржана од "Македонско сонце".

Редакцијата низ овие девет години успеа да ги преброди сите маки, сите сопки што ни ги правеа одредени локални политички моќници. Притоа не потклекнавме ниту под притисокот на далеку помоќните политичари кои се обидуваа да не смират и да не опоменат. Но, секогаш по нивната непосредна порака неделникот растеше и ја градеше својата уредувачка концепција чијшто основен темел е македонската кауза. Затоа не коленичевме. И во таа постојана борба на самодокажување успеавме да оставиме значаен белег. Не читаат во Торонто, Монтреал, во Канада. Присутни сме на новинарскиот пробирлив пазар во САД. Одамна без нас не спијат во Германија, Швајцарија, Австрија, Франција и во другите европски земји. Во Австралија нашите Македонци денот го започнуваат со "Македонско сонце", а со помош на нашите деловни партнери го освоивме и Мексико Сити, главниот град на Мексико, земјата на Ацтеките, древната цивилизација која паралено се развиваше со македонската нација во Македонија, почвата на најголемиот светски војсководец и цар - Александар Македонски.

Во Република Македонија и покрај големата сиромаштија не читаат илјадници вљубеници на нашата печатена реч. Неа ја поткрепуваат уште 250.000 посети на веб страницата old.makedonskosonce.com што секој месец ја посетуваат и ни упатуваат разноразни пораки, сугестии и забелешки.

ДУХОВНА ПОТКРЕПА

Зарем има поубава сатисфакција од овие бројки? Овие аргументи ни одат во прилог, не охрабруваат да истраеме во мачната и макотрпна новинарско-истражувачка работа. Таа се повеќе се одвива во ненормални услови, бидејќи во Република Македонија постојат неподобни и подобни редакции, весници, телевизии итн. Се зависи од каде дуваат ветриштата. Од страната на власта или од страната на опозицијата која можеби утре или во блиска иднина ќе биде повторно власт, а оваа ќе стане старо-нова опозиција.

Нас и двете страни не не милуваат, бидејќи сме независни и навистина ја бараме вистината и зашто чувствуваме дека се обидуваат да не столчат. Но, не само нас да не замолчат, туку постои во последниве две до три години силна антимакедонска кампања која уништува се пред себе. Но, кога & беше најтешко на РМ, во 2001 година, ние продолживме со истата уредувачка политика. Секогаш сме биле против лажговците, продадените души и кодошите. Кожата на македонскиот народ, каде и да е, е непроценлива. Нејзината цена е немерлива. Затоа и натаму ќе бидеме оси во својот занает. Ќе бидеме и во Тетовско и во Кумановско, но нема да ги заборавиме нашите непрекинати комуникации со Македонците во пиринскиот дел, во егејскиот дел и во Мала Преспа и Голо Брдо во Албанија. За нас нема граници, тие се фиктивна, замислена линија што во 1912/13 година ја подели етничката територија на Македонија. Ако државата, ако политичарите ги заборавија Македонците, ние не сме ги заборавиле. Со нив имаме континуирани контакти и постојано пишуваме за нивната судбина, патила и солзи.

Заедно со нив го градевме и развивавме нашето тело. Денес тоа изгледа корпулентно и стамено. Никој не може да им застане на патот на нашите новинари и соработници. Тие пишуваат и за политиката, за културата, за човечката судбина и за верата наша рисјанска. Никој подобро од нас не може да го разбере Македонецот кој, оставен самиот на себеси, наоѓа мала, но мошне значајна духовна поткрепа во "Македонско сонце". Затоа сме горди што успеавме да им ја вратиме вербата на Македонците во нивната држава и во Македонската православна црква. Тоа се нашите корени што во овие бурни и негаторски времиња се обидуваат да ни ги откорнат од почвата. Меѓутоа, во таа тешка борба непријателите го губат здивот. Премногу следбеници на македонската кауза има во Република Македонија и во светот. Тие нема да ја продадат својата душа. Тие нема да ги продадат своите корени. Тие нема да живеат без "Македонско сонце".

Македонскиот народ и македонската држава се осудени на вечност, а заедно со нив ќе опстојува и македонскиот светски неделник "Македонско сонце" за кого македонската кауза е најголемата светост.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"