Се надеваме дека сега ќе успееме исто така и да го прекинеме и постот од
наше неучество на големи натпреварувања. Сега треба да докажеме дека нашето
место е во елитата на светскиот и европскиот ракомет. Ова воедно беше и прва
победа на новоименуваниот селектор Савевски на еден официјален натпревар.
СРЕЌА
Натпреварот со Унгарија се играше како бараж натпревар за пласман на
Европското првенство. По две години наши среќавања со екипата на Исланд и
неможноста да извојуваме добар резултат конечно среќата во ждрепката ни се
насмевна и успеавме да ја добиеме "само" шестата репрезентација на
последното Светско првенство и сигурен учесник на Олимпијадата следната
година во Грција. Значи, и овој пат добивме велесила (кога не можеме да
избориме пласман со екипа како Израел од која бевме елиминирани) за да се
докажуваме и да го избориме нашето учество на претстојното Европско
првенство. Меѓутоа, за разлика од минатите бараж натпревари, овој пат
атмосферата во репрезентацијата беше поведра, најверојатно поради тоа што
конечно како столб на репрезентацијата дојде да биде онаа генерација која
предводена од Кире Лазаров беше постојан учесник на младинските европски и
светски првенства. Се чувствуваше дека едноставно сите работи се работат
онака како што треба за да се извојува една победа против силната селекција
на Унгарија. Она што уште повеќе го разгоре македонскиот инает се изјавите
на Унгарците дека во Македонија доаѓаат само на прошетка, односно ќе дојдат,
ќе се прошетаат како туристи и патем (најверојатно кога ќе им остане повеќе
време) ќе не победат и ќе извојуваат пласман на Европското првенство. Но.....
ПОГОДОК
Потегот на РФМ да се игра натпреварот во Битола, градот кој има пеколно
добри навивачи кои знаат што значи ракомет и знаат кога треба да се даде
поддршка на репрезентацијата, беше повеќе од полн погодок. Понесени од
прекрасната атмосфера, нашите репрезентативци го дадоа максимумот и го
оставија своето срце на теренот. Предводени од својот лидер Кире Лазаров
постојано игравме без респект кон противникот и во еден момент имавме дури и
шест гола предност пред Унгарците кои "дојдоа само да се прошетаат во Битола".
Но, недостатокот на кондиција (нешто што не е дозволиво за играч на
репрезентација) и слабата вечер на нашите голмани направи Унгарците да си
заминат со негатива од само два гола разлика, која целосно прави да биде
неизвесно кој ќе биде патникот на Европското првенство. Унгарците се сигурни
дека во Унгарија нема да бидат толку некоординирани, а македонските
репрезентативци единствено што ветуваат е дека ќе го остават своето срце на
паркетот во Унгарија.
Ние им посакуваме успех на репрезентативците и надеж дека по подолг пост
ќе успееме да учествуваме на едно големо натпреварување како што е
Европското првенство.
Се наближува терминот за одржување на Светското првенство за младинки