Овој голем ден МПЦ го одбележува со посебно празнување. Се прославуваат
сите ангелски чинови, патријарси, праоци, Крстителот и Претеча, пророците,
апостолите, мачениците, свештеноначалниците, свештеномачениците, испосниците,
светителите, преподобните и праведни оци, богољубивите жени, исповедниците и
Сите Светии кои од почетокот на светот богоугодно живееле по Бога.
БОГОСЛУЖБА
Посебна чест & се оддава на нашата преславна Владичица, Богородица и
Вечна Дева Марија. Преку неизмерната љубов на Пресвета Троица, Божјата Мајка
и Сите Светии, од почетокот на светот ја гледаме драмата на човечкото
спасение, Евангелските настани, спасителната жртва на Спасителот на светот
Господ Исус Христос и Неговото Воскресение.
Затоа, на оваа богослужба се пее: "Од Твоите прободени ребра капеа капки
крв и со водата го обновија светот и Божествениот Собор на Сите Светии го
утврдија". Христос одамна бил ветен да го спаси човештвото од првородниот
грев, но и од сите лични човечки гревови. Бог Отец го ветил уште на
Прародителите Адам и Ева, откако згрешиле во рајот. Тој требало да ги
ослободи од ѓаволот, од смртта. Христос Воскреснал како Бог и "светот го
воскресна со себе". Воскреснатиот Христос слегол во пеколот, го уништил
осилото на смртта и ги воскреснал мртвите. Адам го спасил од клетвата, го
воскреснал. Ева ја ослободил од оковите. Затоа кон Адам и Ева се обраќаме со
зборовите: "Слушни Адаме и радувај се Ево, зашто оној што некогаш ве разголи
(соблече) и со измама ве направи робови, беше победен со Христовиот Крст".
Преку воскреснатиот тропар го славиме Господ, животот и воскресението наше и
Му благодариме што слегол од висините и примил тридневно погребение за да не
ослободи нас - грешниците од страдањата.
По молитвите на Богородица и Сите Светии, Го молиме Многумилостивиот Бог
да ги чува Христовата Црква и народот во длабок мир. "Господи, Создателе на
тварите, вселената Ти ги принесува Богоносните маченици како први плодови" -
се пее во една од песните (кондак на празникот). Се обраќаме кон Богородица,
сенепорочната и вистинска Божја Мајка, заштитничката на спасението "која
неискажливо Му даде тело од својата чесна крв", да Го моли Божјиот Син да им
подари на своите чеда простување на гревовите. Да го моли "Оној кој на
небесата е божествено прославуван од ангелите, неискажливо не се одвои од
Отецот и поживеа меѓу луѓето". Му оддаваме чест на светлиот Архангел Гаврил
кој го тргнал каменот од Христовиот Гроб за да видат беззакониците, за да се
засрамат и да разберат дека Христос Воскресна.
БЛАЖЕНИ
Тропарот на Сите Светии, химната на нивниот живот, е трогателна и силна
молитва: "Со крвта на Твоите маченици, низ целиот свет, Твојата Црква се
украси како со црвена облека и платно. Затоа Ти пее Христе Боже: 'Испрати им
ја Твојата милост на Твоите луѓе, подари му мир на Твојот народ и голема
милост на нашите души'".
Распрснати по сите краишта на светот, со љубов и вера во Бога, претрпеле
најтешки и чесни страдања. Со камења биле отепувани, со нозе гмечени, со
раце давени, пред ѕверови фрлани, во оган горени, со пила сечени, телата
сечени на парчиња, кожите на телата - дерени, главите со меч сечени, со
копја убивани, на крстови распнувани, оние кои не се откажаа од љубовта кон
Бога и за кои "светот беше недостоен". Но, со силна вера, љубов и Божја
благодат тие го победија светот, го победија привременото, гнилежното,
материјалното и го добија вечното, совршеното, духовното, небесното и
Божественото. Сите Светии веруваа во своето Божјо потекло, го познаа Бога и
во нивните души силно одекнуваа Божјите зборови во Евангелието на кои им
нема рамни во овој свет: "Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие
ќе се наситат!".
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд