СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

Житијата на сите досега познати македонски светители (7)

"ЈАС СЕ РОДИВ ХРИСТИЈАНИН И ХРИСТИЈАНИН ЌЕ УМРАМ!"

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Свети Ѓорги Нов Јанински - убиен во Јанина затоа што не сакал да го прими исламот!
  • И свети Ѓорги Кратовски бил убедуван да помине во исламот!

Продолжуваме со житието на свети Ѓорги Нов Јанински (1810 - 1838 година), чиј празник се слави на 18 јануари (стар стил), т.е. на 31 јануари (нов стил). Во неговото житие читаме дека се родил во 1810 година во селото Чуркли близу јужниот македонски град Гревена. Неговите родители се викале Константин и Василка и работеле како сиромашни земјоделци. Обајцата умреле кога Ѓорѓи имал само осум години. Кога пораснал Ѓорѓи извесно време работел како коњушар, а потоа се вработил кај некој Турчин во Јанина. Таму се вљубил во некоја убава девојка по име Елена со која посакал да се ожени. Оџата во Јанина, кога разбрал за неговата намера, го наклеветил кај кадијата, обвинувајќи го дека е муслиман, кој сака да помине во христијанството и да се ожени со христијанка. На судењето свети Ѓорѓи изјавил дека е христијанин и дека никогаш не бил муслиман, а тоа го потврдил и неговиот стопан. Така тој бил ослободен и се оженил со Елена, а кога им се родило дете веднаш го крстиле в црква.

Но, на 12 јануари 1838 година, Ѓорѓи бил повторно уапсен и изведен пред суд заради клевета од истиот оџа што го наклеветил и претходно. Злобниот оџа и овојпат тврдел дека Ѓорѓи е муслиман, кој поминал во христијанството. На судот врз свети Ѓорѓи бил вршен голем притисок да помине во исламот, но тој тоа решително го одбивал. Дури му довеле и некој исламизиран христијанин кој го убедувал така да постапи, но свети Ѓорѓи не попуштал. Тогаш Турците провериле дали над него е извршен сунет, но иако се увериле дека тој и навистина е христијанин, не го ослободиле, туку го фрлиле во темница. Пет дена свети Ѓорѓи бил мачен во темницата, но не се откажал од светата Христова вера и постојано повторувал: "Јас се родив христијанин, сега сум христијанин и христијанин ќе умрам!". Тогаш бил подложен на уште пострашни мачења. Кога разбрале христијаните од Јанина, се собрале и отишле кај турскиот управник да го молат да го ослободи. Истовремено некои од нив кришум го убедувале свети Ѓорѓи да побегне во Грција. Но, тој не сакал да бега. На присутните им рекол: "Не плашете се браќа. Јас најрадосно ќе пострадам за мојот Христос". Откако Турците виделе дека не можат да го убедат да стане муслиман, го осудиле на смрт и јавно го обесиле. По три дена христијаните го зеле неговото тело и го погребале во олтарот на храмот "Свети Атанасие" во Јанина. Истата 1839 година бил канонизиран за светител од страна на Цариградскиот патријарх Григорие Шести. Од моштите на свети Ѓорѓи се случиле многу чудесни излекувања.

ЗАБРАНАТА ЗА ХРИСТИЈАНИЗИРАЊЕ НА МУСЛИМАНИТЕ

Во времето на Османлиското царство и навистина најстрого било забрането муслиман да помине во христијанството. Казните за оние што тоа го правеле биле строги. Доколку се работело за цело семејство, главниот на семејството бил убиван, а преостанатите биле распродавани како робје. Дури ни христијанинот кој (поради разни причини) преоѓал во исламот не смеел повторно да се врати во христијанството. И во таков случај следувало судење и строга казна. Како илустрација ќе спомнеме еден турски документ од септември 1817 година. Во него читаме за судењето на Македонката Мара, која прво била христијанка, но поради притисок поминала во исламот. Меѓутоа подоцна таа решила повторно да му се врати на христијанството, поради што била затворена и по втор пат преведена во исламот (подетално во "Турски документи за македонската историја", Скопје, 1957 година). Практично во тоа време било невозможно преоѓање на муслиман во христијанството и таквите лица биле изложувани на судски прогон. Доволно било неколкумина муслимани пред судот да изјават дека дотичниот христијанин пред нив изјавил оти сака да стане муслиман за да следува судски прогон против него доколку не сака и навистина да помине во исламот. Ваквите бизарни закони во Османлиското царство честопати биле злоупотребувани од некои Турци, кои намерно пред власта наклеветувале одделни христијани дека божем пред нив изјавиле оти сакаат да поминат во исламот. Овие христијани веднаш биле затворани и принудувани да станат муслимани под закана со смрт. Очигледно дека ваква неправда му била нанесена и на свети Ѓорѓи Нов Јанински, кој исто така бил наклеветен дека божем сакал да помине во исламот. Но тој не попуштил и на оваа голема неправда одговорил со тоа што го избрал патот на маченичката смрт и вечна слава на небесата.

Во житието на свети Ѓорѓи Нов Јанински гледаме дека христијаните од Јанина кришум му предложиле да побегне во Грција. Тоа е времето непосредно по ослободувањето на Грците од османлиското владеење. Познато е дека Грција била прогласена за автономно кралство во 1830 година (откако претходно Грците кренале востание против османлиското владеење со помош на Големите сили). Практично, Јанина тогаш се наоѓала близу самата граница помеѓу новосоздадената држава Грција и Османлиската империја, така што свети Ѓорѓи, доколку сакал, можел сосема лесно да се префрли од онаа страна на границата за да се спаси од натамошните мачења. Но, тој ја одбил молбата на христијаните и останал подготвен да умре за Христовата вера.

Како 12-годишно дете свети Ѓорѓи бил современик на македонското Негушко востание од 1822 година, чии борбени дејства се одвивале на околу стотина километри од неговиот роден град. Последниот период од својот краток живот свети Ѓорѓи го поминал во епирскиот град Јанина што тогаш бил претежно населен со Власи. Најверојатно и неговата сопруга Елена била Влаинка. Свети Ѓорѓи дошол во Јанина во 1836 година, а тоа е само 12 години по задушувањето на бунтот на Али-Паша Јанински против турскиот султан. Веројатно во времето кога свети Ѓорѓи дошол да живее во Јанина овој град се уште ги лекувал раните од крвавите борби што се одиграле за време на овој бунт.

Во некои извори (како на пример Прологот од монахот Тадија, објавен во Белград, 1984 година) пишува дека свети Ѓорѓи Нов Јанински наводно бил Албанец. Но, имињата на неговите родители (посебно на мајка му Василка) тоа не го потврдуваат. Впрочем, познато е дека во некои црковно-историски книги објавени во соседните земји етничката припадност на светителите Македонци им е прикажана поинаку. Причините за ова ни се сите нам добро познати.

СВЕТИ ЃОРГИ КРАТОВСКИ

Свети Ѓорги Кратовски (како што кажува самиот негов прекар) се родил во Кратово во 1497 година. Неговиот празник се слави на 11 февруари (стар стил), т.е. на 24 февруари (нов стил). Во неговото житие читаме дека родителите му се викале Димитрија и Сара. Кога наполнил шест години бил испратен на училиште каде бргу напредувал. Потоа го изучил кујунџискиот занаает. По извесно време татко му умрел и тој останал сирак. Поради тоа што имал убаво лице и развиено тело свети Ѓорѓи се уплашил дека може да биде земен сосила во дворецот на султанот и затоа избегал од своето родно место и отишол во Софија (Бугарија). Таму се населил во домот на некој свештеник кој се викал Петар. Во неговиот дом свети Ѓорѓи се вљубил во христијанската побожност. Муслиманите во Софија посакале да го убедат да прејде во исламот и му испратиле свој учен човек за да разговара со него околу верата. Муслиманскиот учител прво почнал да го фали Ѓорѓи заради неговиот занает, а потоа почнал да го убедува да го прими исламот и да се ожени со ќерката на некој ага. Му рекол дека на таков начин ќе стане угледен во целиот град. Тогаш се развила дискусија околу исламот и христијанството. Во врска со ова ќе цитираме дел од житието:

"Ѓорѓи му се заблагодарил и го прашал: 'А дали славата на земјата е вечна?'. Учителот одговорил: 'Се разбира дека се што е земско не е вечно, но Мухамед вети рајски уживања за оние кои ги исполнуваат неговите заповеди'. 'А во што се состојат тие заповеди?' - запраша Ѓорѓи. - 'Во добра вера и телесна чистота, а чистотата бара миење и молитви' - одговори учителот'. Но ако човекот - запраша Ѓорѓи - живее блудно и ако ненаситно им се предава на задоволствата на телото и стомакот, дали ќе го примат во рајот?'.

Мухамеданецот беше принуден да признае дека човекот со неисправно срце нема да дојде до рајот, туку во вечната мака. 'Сепак - продолжи Ѓорѓи - вашите властодршци, судии и началници им се предаваат на нечесните дела и умираат и не помислувајќи на одрекување од нечистото живеење. Не подлегнуваат ли тие, според твоите зборови, на вечно мачење?'. 'Бог ги простува гревовите поради милосрдие - зборуваше учителот - Погледни само колку наши султани и паши подигнуваат џамии, мостови, чешми, гостоприемни домови!'. 'Жртвата од нечистото срце не му е пожелна на Бога', рече Ѓорѓи. 'Колку убави градби се подигнати од безбожните цареви! Колку познати дела се направени! Сигурно нема да речеш дека тие безбожници се во рајот!... И како сакаш да се откажам од верата која води кон Бога и кон вечното царство? Јас сум уверен дека сето ова ти го согледуваш, но искушувањата од светот те одвлекуваат далеку од светата вистина. Зарем не е така?".

На овие зборови муслиманскиот учител замолчил и си отишол. Во душата му се јавила омраза кон свети Ѓорѓи затоа што, не само што не успеал да го преведе во исламот, туку и самиот останал збунет од неговите зборови. Недолго потоа тој отишол кај кадијата и го наклеветил свети Ѓорѓи дека го напаѓа исламот и дека за турските великодостојници зборува дека ќе оделе на вечна мака. Притоа рекол дека, ако не го сопрат да зборува, христијанството ќе почне да се шири во градот за сметка на исламот.

Тогаш кадијата наредил да го повикаат свети Ѓорѓи божем сака нешто да нарача откај него. Свети Ѓорѓи сфатил зошто го викаат, но сепак отишол подготвен да сведочи за Христовата вера.

Кога дошол пред кадијата свети Ѓорѓи веднаш бил убедуван да прејде во исламот. Но, тој смело го прашал кадијата со што може да докаже дека искрените почитувачи на исламот уживаат блаженство? Кадијата му одговорил дека ним им се покориле многу царства на земјата и дека тоа било доказ дека Бог ги сака. На ова свети Ѓорѓи му одговорил:

"И пред Мухамед ги покоруваа царствата со меч. Дали тоа треба да значи дека сите победители, иако безбожници, се по волјата Господова? Земната среќа не е мерка за вечноста".

Кадијата му рекол дека нивниот законодавец Мухамед разговарал со Бог и дека од него го примил законот. На ова свети Ѓорѓи одговорил дека нема докази за тоа и дека Мухамед не направил ниту едно чудо или пророштво како што тоа го направил Мојсие кога го примил Законот Божји. Свети Ѓорѓи потсетил дека тогаш целата планина почнала да се тресе и народот сфатил дека тој е избран од Бога. Потоа свети Ѓорѓи искажал и други сомнежи кон исламот што ги разгневило присутните муслимани. Кадијата наредил да го врзат и да го фрлат в темница.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"