ИСТОРИЈА

"Македонија и Грција - Битката за дефинирање нова балканска нација" од Џон Шеј (5)

ЕТНИЧКО ЧИСТЕЊЕ ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА

Пишува: Анита ДИМОВА

  • "За подобро разбирање на политичките настани во Македонија", треба да ја дефинираме областа на интерес. "Важно е да се разбере што се случило со таа земја и со нејзините народи на политичко ниво. Македонија била поделена меѓу другите балкански држави откако била насилно одземена од Турците во Балканските војни, на почетокот на дваесеттиот век. Оваа поделба создала три главни елементи кои и ден денес се признаени: денешна Република Македонија (Вардарска Македонија), еден дел од западна Бугарија (Пиринска Македонија) и северната грчка провинција (Егејска Македонија).
  • Грчкиот крал прво ја признал последната како земја која е повторно заземена. Таа не била наречена Македонија во текот на следните 70-ина години".

Петтото поглавје во книгата ги опфаќа и ги претставува проблемите на македонскиот народ во Егејска Македонија. Користејќи го терминот "етничко чистење", авторот многу јасно и прецизно ги опишува методите со кои грчката Влада се служи во еден подолг континуиран процес за постигнување на крајната цел, а тоа е истребување на македонското население од Егејска Македонија.

Овие драматични промени во составот на населението во Егејска Македонија настанале и како резултат на политиката на колонизација. Сепак, тоа не го негира историското право на името или територијата на Македонија и на луѓето коишто во тие области живеат илјадници години.

МАКЕДОНСКА ГОЛГОТА

"Споредувањето на статистичките податоци за населението, коишто ставаат акцент на етничкиот состав на Македонија кон крајот на деветнаесеттиот век и почетокот на дваесеттиот век, покажува дека областа била населена од голем број различни општествени и етнички групи. Михајло Апостолски, кој ги опишува промените во етничкиот и религиозниот состав на македонското население меѓу 1900 и 1948 година, тврди дека најголемите промени се случиле за време на Илинденското востание, во 1903, Балканските војни во 1912 и 1913 и Првата светска војна".

Повикувајќи се на Михајло Апостолски, Џон Шеј тврди дека македонскиот народ во Македонија секогаш бил доминантен, иако пописните листи, на пример по Илинденското востание, кажувале нешто друго. Тој ја објаснува оваа промена во рамнотежата на населението како последица на масакрите што биле вршени по Востанието. Тоа влијаело и врз податоците од Пописот кој се одржал непосредно по овој тежок период, иако најверојатно многу од бегалците се вратиле подоцна.

"Големиот македонски лидер, Гоце Делчев, бил роден среде Егејска Македонија, како и многу од оние што се бореле рамо до рамо со него. Делчев се образувал во Солун. Неговиот мајчин јазик бил славо-македонскиот. Онаа Македонија, која тој ја познавал, била турската административна област, подоцна поделена од Србите, Бугарите, Грците и Албанците. Делчев и неговите соборци низ цела Македонија, не се бореле за северниот дел на грчката држава, туку за слободна (Голема) Македонија. Неколку години подоцна, грчката анексија на јужниот дел на Македонија, го спречила овој стремеж".

Обидувајќи се да ја објасни поделбата на Македонија, Џон Шеј вели дека на почетокот на дваесеттиот век, Македонија била провинција на Отоманската империја во која живееле претежно Македонци, иако имало и Албанци, Турци, Роми, Власи, Евреи и Грци. Се до Балканските војни, Македонија била компактна и кохерентна географска, економска и историска целина, но по нив, била поделена.

"Пред почетокот на војните, Македонија била под притисок на Грција, Бугарија и Србија, кои пак се подготвувале за територијална експанзија. Сите тврделе дека окупираат земји населени со нивните народи. Со градењето на цркви и училишта и поставувањето на свештеници и наставници, секоја држава воспоставувала сопствена пропаганда во Македонија, со цел да се оформи националната свест на православните Македонци во нивна корист. Харилаос Трикупие, грчкиот премиер од 1882 до 1895 рекол: 'Кога ќе почне големата војна, Македонија ќе стане или бугарска или грчка, според тоа кој ќе победи. Ако ја заземат Бугарите, населението ќе биде словенско. Доколку ние го сториме тоа, сите ќе ги претвориме во Грци'".

Зарем може по сето ова согледување на еден неутрален и независен автор, кој не е Македонец, се уште да има простор некој да се посомнева во асимилаторската политика која ја спроведува Грција кон македонското население во Егејска Македонија. Според тоа и нејзините тврдења за "етничка чистота" на овие краеви, едноставно паѓаат во вода.

Пресудни за македонскиот народ биле Балканските војни во кои македонскиот народ учествувал со ентузијазам, надевајќи се дека борбата против Турците може да им ја обезбеди независноста која очајно ја посакуваа во Илинденското востание. Тука започнува и големата голгота на македонскиот народ, особено во Егејска Македонија.

АСИМИЛАЦИЈА И

ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА

"Учесниците во оваа поделба ги прогласија Македонците за јужни Словени, Бугари или Славофонски Грци. Тие ги променија имињата и презимињата на нивните нови поданици. Тие го забранија македонскиот јазик, ги натераа Македонците да учат на странски јазик и наметнаа сопствена интерпретација на историјата. Ги присилија да одат во нивните цркви. Накратко, тие ги претворија во граѓани од втор ред коишто биле подложени на систематско преселување и постојан егзил. Заедничката содржина на ваквата политка била денационализацијата на македонскиот народ, отстранувајќи го притоа од балканската мапа на народи, узурпирајќи ја неговата историја, идентитет и желба за сопствена држава. Тие ја наметнаа судбината на исчезнување преку асимилација".

Општо познато е дека промените во населението во Егејска Македонија имале влијание врз статусот на јазиците во секојдневната употреба во тие територии. Се до почетокот на големите промени во составот на населението, македонскиот јазик бил најчесто употребуван. Откако Грците ја окупирале Егејска Македонија, тие ги затвориле училиштата и црквите и ги протерале свештениците, македонскиот јазик и име биле забранети, а Македонците биле именувани како Бугари, Срби и домородци.

"И покрај ваквата општа политика, имало времиња кога грчката Влада, соочена со меѓународниот притисок заземала различен став во врска со македонскиот јазик. Меѓутоа, сегашниот став на грчката Влада е дека македонскиот јазик не постои и дека никогаш не ни постоел".

На пример, во член 16 до Договорот од Неј, Кралството Грција се обврзало да ги одбрани правата на малцинствата во сопствените граници. Според Договорот од Севрес, кој бил потпишан во Париз на 10 август 1920, Британија, Франција, Италија и Јапонија склучиле договор со Грција за заштита на "не-грчките нации".

"Грција ветила целосна заштита на македонското малцинство (и другите малцинства), нивниот јазик и култура, и се нафатила да отвори училишта. Грција ветила дека ќе се грижи за животот и слободата на сите граѓани без оглед на нивното потекло, националност, јазик и вера. Член 7 од овој договор, вели 'не смее да се донесе закон кој ќе ја забранува употребата на други јазици во Грција'. Член 8 вели: 'Граѓаните на Грција кои припаѓаат на национално, религиозно или јазично малцинство мора да го добие правото на еднаков третман со граѓаните на Грција... на пример, еднакви права да отворат и работат во институции, училишта и други образовни институции во кои тие ќе можат да го употребуваат сопствениот јазик и да ја практикуваат својата религија'.

Бугарите тврделе дека Македонците во Грција се Бугари, а Грците сакале да внимаваат на интересите на Грците во Бугарија, па така овие две држави го потпишале Протоколот на Калфов и Политис во 1924 во кој се согласуваат за правата на малцинствата. Едно време Грција како да била подготвена да ги почитува потпишаните договори. Таа постојано ја убедуваше Лигата на нациите дека е подготвена да ги исполни условите од членовите 7 до 9 од Договорот во 1925, при што поднела две копии на Буквар објавен од грчкото Министерство за образование за употреба во училиштата на словенски јазик. Овој буквар АБЕЦЕДАР бил напишан на централен-македонски дијалект.

"Грчкиот амбасадор во Лигата на нациите објаснил дека АБЕЦЕДАР-от е напишан на латинско писмо, слично на она што го користат Хрватите, Чесите, Словенците". Земајќи ја предвид упротребата на кириличното писмо во Егејска Македонија, намерната употреба на латинско писмо покажува дека намерата на овој Буквар е да го избалансира бугарското влијание меѓу македонското малцинство во Грција...

Иако бил претставен пред Лигата на нациите, АБЕЦЕДАР-от никогаш не стигнал до училиштата и до македонските деца за кои бил наменет. Сепак, анализите на околностите поврзани со подготовката на книгата покажуваат дека во 1920 година грчката Влада ги признала Македонските Словени како засебна етничка група со сопствен 'македонски' јазик. Меѓутоа, и покрај ова признание во 1920 македонските училишта биле затворени. Детските градинки, воспоставени во македонските градови, ги воспитувале децата во грчки дух".

Диктатурата на Јоанис Метаксас (1936 - 1940) била посебно брутална во третменот на Македонците во Егејска Македонија.

"На 18 декември 1936 година диктатурата на Метаксас издала правен акт во врска со 'Активности против државната безбедност'. Овој закон ги казнувал барањата за права на малцинствата. Врз основа на овој акт илјадници Македонци биле уапсени, затворени или протерани. Не било дозволено ниту едно училиште на македонски јазик. Луѓето што го говореле македонскиот јазик биле тепани, казнувани и затворани. Во некои области казните вклучувале и дупчење на јазикот со игла и отсекување на дел од увото за секој кажан македонски збор. Траумата од прогонството има оставено длабоки лузни во свеста на Македонците во Грција, од кои голем број сметаат дека нивниот јазик 'не може' да биде напишан".

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"