МПЦ мора да воспостави соработка со Украинската и со другите т.н. "непризнати цркви"

Една од најстравичните шеги од областа на црниот хумор што досега ја имам слушнато гласи отприлика вака: За време на Втората светска војна во еден концентрационен логор, фашистите пуштиле поголема група луѓе во гасна комора. Недолго потоа бил пуштен гасот, а луѓето почнале да се задушуваат во претсмртната агонија. Тогаш еден од нив почнал да чука на вратата и да вика по крвниците: "Отворете ја вратата, почнува да ме боли главата". Стравичното во оваа шега (ако воопшто така може да се нарече), е во фактот што кутриот човек не успеал да сфати дека оние што ги моли за помош, всушност, се неговите убијци.

Содржината на оваа шега речиси во целост се поклопува со состојбата во односите помеѓу Македонската православна црква и Српската православна црква. Неодамна СПЦ (како можеби последен посериозен бастион на големосрпскиот шовинизам) јасно и гласно кажа дека почнува отворено да работи за уништување на МПЦ при што им постави ултиматум на нашите владици дека или треба да се откажат од нашата Света МПЦ или ќе бидат "расчинети". Но, и покрај ваквите јасни и недвосмислени артикулации во насока на бескомпромисно уништување на МПЦ, се добива впечаток дека некои владици од Синодот на МПЦ се однесуваат исто како кутриот човек од црно-хуморната шега. Тие и натаму се "надеваат" на "подобрување на односите со сестринската помесна СПЦ" (иако оттаму им рекоа дека безмалку не ги сметаат ни за луѓе).

Од друга страна, нашиот Синод е сосема во право во однос на барањето меѓународна соработка со други православни цркви и разбивање на изолацијата во која се наоѓа МПЦ. Па, што да се прави во ваква ситуација? Јас уште лани обелоденив предлог МПЦ веднаш да иницира соработка и создавање на сеправославен сојуз помеѓу сите преостанати т.н. "непризнати" православни цркви (Украинската, Црногорската, Ерменската и други). Таквиот сојуз би имал милиони верници и би претставувал моќен субјект во идните евентуални преговори со т.н. "признати" цркви. Неодамна некои високи личности од т.н. "признати" цркви упатија предупредување до МПЦ дека било "најстрого забрането" МПЦ да комуницира со преостанатите т.н. "непризнати цркви" (значи ем не не признаваат, ем ни кажуваат со кого да комуницираме, а со кого не). Ова предупредување, всушност, е најголем доказ дека т.н. "признати цркви" се плашат од ваков моќен сеправославен сојуз (па затоа и упатуваат вакво "предупредување"). Впрочем, не знам зошто нашиот Синод крие од јавноста дека Украинската православна црква (која самата има неколку милиони верници повеќе од Српската и од Грчката Црква) одамна нуди соработка со МПЦ, а тоа е потврдено и со неодамнешното писмо од Поглаварот на УПЦ во кое дава јавна поддршка на МПЦ. При услови на невидено понижување од страна на Српската и на Грчката православна црква кон МПЦ, доколку МПЦ не ја прифати подадената братска рака на УПЦ, тоа само може да значи дека и навистина постои српско-грчко и анти-македонско лоби во МПЦ, кое како да "ужива" во понижувањата што ни ги приредува СПЦ.

Александар Донски


Не сме деца бегалци, туку изгонети!

Изминаа 55 години од кога нас на сега штотуку дотраените деца изгонети од сопствените прадедовски огништа, откинати од прегратките на нашите сега покојни мајки на кои не им сме запалиле ни по една свеќа за покој на нивните души врз гробовите кои денеска се осквернавени и не ги знаеме ни каде се наоѓаат.

Чувствуваме малку радост од веста која ја слушаме преку електронските медиуми дека ќе се организирала "Средба на децата бегалци" во Егејскиот дел на Македонија, а многу поголема горчина носиме во душите како деца страдалници, деца со непрекинат плач и непочувствувано детство и родителска лубов на сите нас кои потекнуваме од тој дел на сега распарчената македонска земја, кои во виорот на прогонот бевме распослани по светот како птици преселници.

Ние сите сакаме да бидеме таму, да се собереме, да ја запееме онаа нашата - песна македонска. Но, сакаме да ја запознаеме јавноста за следното:

Најпрво, ние не сме деца - бегалци, бидејќи на тие години ниту можевме да бегаме, ниту имаше потреба да бегаме од сопствените домови доколку не беше политиката на грчката Влада за принудно иселување на нас Македонците од сопствената земја.

Второ, во Австралија никој од одборите на децата изгонети не е запознат за оваа средба ниту пак знаеме кој е организаторот под кои услови (сместување, превоз, патни документи и друго), а запознати сме само преку електронските медиуми - радијата.

Трето, ние изгонетите во Австралија се прашуваме за следното: Зошто сега грчката Влада да ни организира средба нам, на изгонетите? Дали сега е дојдено времето Грција да се покаже како "лулка на демократијата" зад која се крие со векови наназад? Ако веќе одиме таму - да одиме организирано, масовно, бидејќи никој во дијаспората не знае што се случува, па нека се оди како алтернатива на 8 Септември - Денот на осамостојувањето на Република Македонија, во наша организација, а не да се занесуваме како што ни се случи за втората средба.

Дали избрзаното и неорганизирано собирање на нас "Изгонетите" во Егејскиот дел на Македонија не ќе биде равно на пропаст како пропаста на Илинденското востание со одлуките донесени за прерано кревање на востанието? Дали некој ќе ја земе вината врз себе доколку средбата се прогласи за неуспешна или грчката Влада, која веќе стави рака врз организирањето, не ја искористи за миење на нејзиниот отсекогаш извалкан образ пред европската и светската јавност за свои цели како поткрепа во преговорите за името со Македонија?

Не сакаме да не сфатите погрешно дека се противиме на средбата. Ние отсекогаш го баравме ова да се случи, но ние мораме да водиме сметка и за последиците кои можат да ни се случат по средбата, бидејќи станува збор за недоверба, ако се земат предвид досегашните односи на Грција кон нас.

Со искрени и братски поздрави.

Бил Манос, претседател, Васил Влашев, секретар


Отсуствува националното чувство

Чудни работи се случија и се уште се случуваат во Македонија овие години на транзиција по осамостојувањето. Македонецот или кој било друг би рекол: Дали Македонија навистина се осамостои, дали политичариве што застанаа зад кормилото на државниот брод не потпишаа некој таен договор со туѓи сили со кои се обврзаа да водат политика што ним им одговара за само да бидат на власт, а никако во интерес на државата и народот македонски? Дали Македонија е способна да избере способни и достојни политичари кои умеат да владеат со неа онака како што & прилега на независна и горда земја?

Ова го кажувам со болка во душата. Пишувајќи го ова знам дека го навредувам и толку напатениот македонски народ кој не со години, туку со векови беше и се уште е грабан, силуван и манипулиран од туѓинци. Од кого тогаш да бара и да очекува заштита? Дали како некогаш од ајдучките дружини? Но, сега на нивно место се населиле современите арамии - наследниците на качачките банди кои ги легитимираа како борци за човекови права токму кратковидните македонски политичари. Повеќето политичари наместо да си ја признаат својата политичка и владејачка импотентност на националното чувство и достоинство (чијшто резултатот е нивното промашување на политичката сцена), и да се повлечат давајќи пат на нови неизвалкани лица што даваа сигнали и предупредуваа дека одбраниот пат е погрешен, ја префрлуваа сопствената вина врз противничкиот табор и врз народот. Не ни им паѓа на памет оти и за политичката култура и за националната свест на народот, но и за неговата подготвеност да работи во услови на пазарни економија, одговорни се токму тие кога се на власт и во опозиција. Кон ова треба да се додаде - човек што не може да го процени стореното од себе, нема право да им суди на другите. Дали ги слушнале македонските политичари од редот на досегашниот политички корпус зборовите на Македонците: национална свест, национално достоинство и одговрност поврзани со зборот горда Македонија, гордиот македонски народ и слично. А за национален, односно македонски дух и духот на Македонија и да не говориме, оти истиот е отстапен на т.н. Бугари, односно Б’лгари чии политичари често се повикуваат на националниот дух нарекувајќи го б’лгарски, кога добро знаат оти ни во него, ниту во нив самите има нешто автохтоно бугарско, но наспроти тоа потенцираат дека потекнува од Македонија.

Лично јас не сум слушнал, ниту пак читал за вакви доблести, но и никој нема ни да чуе оти тие работат на уривањето на и онака кревкото национално чувство и гордост. Вакви зборови само слушаме во Бугарија од нејзините политичари, но и од другите соседни земји. Ништо повеќе. За нив дури не постои поимот национален интерес што е водилка во секој потег на странските политичари, но и на тие од Арнаутите во Македонија. Нашинци сметаат дека со откажување од патриотизмот полесно ќе ја внесат Макеоднија во Европската унија. Но, не се излажале оти светов, во тие рамки и Европа, не се против патриотизмот и повеќе ги почитуваат политичарите со развиена национална свест и високо чувство на долг и национална одговорност, но никако марионетките. Токму затоа, без оглед на шовинизмот и националистичката реторика, нивните земји успешно котираат пред НАТО, ЕУ и ОН, а Македонија назадува. Споредбата што дадоа, а што добија Македонија и Бугарија во Косовската војна, сама за себе говори за "вредноста" на политичарите Македонци на власт. Ветувањето на Георгиевски да се грижи Македонија за гробовите на "ослободителите" од Бугарија и незаинтересираноста за повоеното уредување на Косово како "сојузник" на НАТО!

Симнувањето на спомен-обележјата на македонските револуционери низ улиците на Софија и на други места од страна на Бугарија е посебна приказна. Тука е и прашањето за спомен-обележјето на Кузман Јосифовски. Излегува дека тие ним ни добар ден не можат да им речат. Тогаш не е ни за чудење оти политичарите Македонци создадоа гаф по гаф од што боли присетувајќи се на нив. Состојбите во земјава и нејзиниот статус во Европа и светот, но и овој на Македонците во земјава и надвор, се жалосни! Попусто чекав политичариве од власта да се обратат кон тетовчаните Македонци да не се иселуваат оти ќе бидат создадени предуслови за мирен соживот гарантирајќи им ја безбедноста. Не е ни за чудење што некој не ни ја признават државата, други јазикот и нацијата, а трети името на народот (меѓу кои и дел од државјаните), принудувајќи не да си го менуваме Уставот, симболите и името. За ужас како резултат на сето ова, не само тие, туку и другите да не условуваат како што ним им одговара и е во нечиј интерес. Искрено, страв ме фаќа, се накострешувам кога слушам дека македонски политичар оди или седи да преговара. Затоа ни е тешко да си го најдеме местото во борбата за опстој!

Димитар Захов, Варна


И ние имаме "црна листа"

(Политиката на САД и Буш во светот и на Балканот. Брат Љубе во замена за терористот Ахмети. Каде ни оди државата и Црквата. Нашата "црна листа" поцрна е од онаа на Буш)

Денес веќе не е грешка ако се каже дека политиката е обична светска проститутка. Тоа значи дека не е кажано ништо ново, но дека тоа е така потврдува и денешната актуелна политика на САД и на претседателот Џорџ Буш, кои ја поткрепуваат во целост таа констатација со нивната актуелна политика.

Нас и не треба тоа да не загрижува толку многу. Англо-американската политика за соработката со таканаречените "борци за човекови права" во Република Македонија, поточно во западниот дел на државата, барем за подобро упатените, не е и не би требало да претставува никаква тајна. Идеите на големите сили се многу проѕирни, посебно денес кога е во прашање стратешката позиција на Балканот на кого фрлиле око големите сили. Идеите се остваруваат токму така како што му одговараат на Западот, точно онака како што се предвреме програмирани, договорени. Не е далеку ни денот кога на Албанците ќе им се оствари сонот за "Голема Албанија" за да се зберат во една држава, нова, вештачка, формирана на туѓи територии. Ништо ново и чудно за нас. Тоа беше стратегијата и на нашиот поранешен премиер Љубчо Георгиевски и неговиот коалиционен партнер Џафери. Значи, поткрепено од поранешната власт во Македонија.

Овде зачудува нешто друго. Каде сме ние Македонците!? Што добро правиме денес за нас и за сопствената држава, Македонија? Има ли доблесни политичари во Македонија? Има ли доблесен народ во Македонија? Има ли доблесни архиереи во таа Света Македонска православна црква?

Дали воопшто сме свесни, ние Македонците, ние надвор од татковината, а и тие дома, што се ни се случува денес со и во Македонија!? Дали сме свесни што ни се случува денес во македонската дијаспора, посебно во Австралија и пошироко, и кој таму ја разнебитува во корист на нашите вечни негатори!? Кој е ороводецот на "нишката" срамна спогодба и раздорот во МПЦ? Дали можат да се насетат последиците од тој "нишки договор" кој го потпишаа "македонските" владици Петар, Тимотеј и Наум на 17 мај 2002 година.

Денес сите ние молчиме и кога на црната листа на Џорџ Буш се појави името на нашиот поранешен министер за внатрешни работи на Македонија, легитимен претставник на власта, Љубе Бошкоски, чие име го замени името на злогласниот терорист Али Ахмети на "црната листа" на Буш и ставен заедно со Осама Бин Ладен. Каде е македонската Влада да застане во одбрана против таквиот скандалозен потег на Буш и каде се лидерите на ВМРО-ДПМНЕ чиј член е Бошкоски, да скокнат во заштита на човекот со лавовско срце кој заедно со "Лавовите" беа вистинските бранители на Македонија во последната војна.

За жал, тоа не се случи. Како на сите да им е сеедно што ќе му се случи на екс-министерот. Не е ли ставањето на "црната листа" на Буш само попатна станица и монтиран процес до Хаг за екс-министерот Бошкоски? И кој утре ќе се осмели да ја брани Македонија како него!?

Дали воопшто се свесни до каде ја дотераа Македонија со охридскиот Рамковен договор кој го потпишаа Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски во спрега со Борис Трајковски во име на македонскиот народ, а без да го прашаат за тоа.

Сите овие потписници од Ниш и од Охрид & го нанесоа најголемото зло на татковината Македонија и на Македонската православна црква во поновата македонска историја. Нека знаат сите тие грешници дека и ние имаме за сите нив "црна листа", поцрна и дури од онаа на Џорџ Буш. Сите тие, вклучувајќи го тука и "српскиот егзарх" во Македонија, расколникот Зоран Вранишковски, и неколкумина други, дека кога-тогаш ќе одговараат за нивните сторени злосторства кои & ги нанесоа на таа древна македонска земја и таа наша Света Македонска православна црква.

Перо Дамчевски - Коцин


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"