ФОРУМ

РУСКИ ИМПЕРАТОР ПОМОГНАЛ ДА СЕ СОЗДАДЕ ПРВАТА ГРЧКА ДРЖАВА

Даниел Мелвил

Рускиот император Николај I Павлович (1796 - 1855) кој владеел од 1825 до 1855 година, бил оженет за ќерката на прускиот крал Фридрих - Гијом III. Бил крунисан за император во Москва во 1826, а во 1929 година се прогласил за крал на Полска, чие постоење како држава подоцна го укинал со укинувањето на Уставот. Внатрешната политика му била антипрогресистичка. Јавно го искажувал својот апсолутизам. Го викале Железниот цар, што потсетува на "челичниот Сталин". Во рамките на Светата Алијанса, Русија во неговото време играла ролја на "жандарм на Европа". Во Руско-турската војна од 1828 година Русија победила па со Одринскиот договор од 1829, Турција признала автономија на областа што во 1830 година, ќе прогласи независност под името Грција (Пелопонез, со 600.000 жители).

Денеска Грција има територија од 131.000 квадратни километри и околу 10 милиони жители и постојат кругови и поединци кои не само што не ја признаваат македонската нација, туку и им лепат на Македонците навредливи или расистички епитети "Цигани" и слично. Очигледно е дека се додека не настане евентуален пресврт во овој став на Грција кон Македонија, Македонците ќе треба да се бранат аргументирано и демократски. Многу од нив се прашуваат зошто рускиот гигант не & помогнал на Македонија, како што помогнал на други, а сепак македонската земја низ вековите, јазично, верски, културолошки и на други начини има големи заслуги за рускиот народ. Заради ова прашање, интересно е да се согледа ликот на рускиот император виден од Русин - негов современик. Еве го профилот на Николај I Павлович изложен според пишувањето на неговиот современик.

Живеел на катот од Земскиот дворец во Петроград. Носел црн мундир со големи наресени полетушки, ордени, панделки. Висок, со безизразни студени очи што "скаменето" гледале во луѓето. Големи бели раце, долгнавесто лице, широко чело со перчиња што му паѓале до очите, а косата му го криела ќелавото теме. Стиснати усни и нагоре засукани мустаќи.Сето ова на неговото лице му давало "израз на незадоволство, па дури и бес". Физички личел на "огромна самоуверена фигура". Поседувал специјална просторија за љубовни состаноци. Не мислел дека "развратот е грозен за оженет маж". Кај луѓето кои по една или друга причина гравитирале во негова близина, неговото појавување предизвикувало стравопочитување, па дури и ужас. Спиел на тесна тврда "војничка" постела со која се гордеел. Се покривал со пелерина за која велел дека е исто толку знаменита, колку и Наполеоновата трирогова капа.

Николај I Павлович за себе мислел дека е голем човек. Станувал во 8 часот, си го истривал телото со мраз, ги изрекувал молитивите "Богородице", "Вјерују", "Оче наш", без да им придава некакво значење на рецитираните зборови, па покриен со шинела и каскет, низ една споредна врата излегувал да прошета на кејот на Нева. Мислел дека без него Русија и Европа би се нашле во незавидна положба. За прускиот крал имал мнение дека е слаб и глупав. Овој руски цар бил уверен дека сите крадат. За казна чиновниците ги испраќал да служат војска, а бидејќи тогаш во Русија не постоела смртна казна, се снаоѓал на други начини да го добие истиот резултат како и смртната казна. Изјавувал дека во Русија само еден човек бил чесен - токму тој.

Во врска со надворешната политка, & помогнал на Австрија да го задуши востанието на Унгарците во 1848 година. За да го брани престолот на кралот на Прусија, во случај на востание, на пруската граница испратил да престојува руска војска. Се гордеел со своите стратегиски способности, но длабоко во себе бил убеден дека не ги поседува. Николај I Павлович си ги припишувал себеси успешните планови замислени од неговите соработници, макар што тие планови биле спротивни на неговите сопствени замислени ситуации по различи политички или воени цели. Не ги согледувал своите слабости, ниту несогласувањето на неговите зборови и постапки со "реалноста, со логиката, па дури и со обичниот здрав разум". Бил уверен дека "сите негови наредби, колку и да беа неразумни, несправедливи и нелогични меѓу себе, стануваат разумни, справедливи и усогласени само заради тоа што тој ги издал".

Императорот давал наредби против просветата; ограничување на бројот на студентите, забрана да се патува во странство, безумно строга цензура, било стимулирано кодошењето, прогонства и казни за печатен, па дури и за изговорен збор. Сметал дека за среќата на луѓето не се потребни универзитети, списанија, статии, наука, научници, поети, просвета, туку е потребна дисциплина. Потребно било со тоа сите безусловно нему да му се покоруваат. Не дозволувал противење или коментирање на своите наредби од страна на високите функционери задолжени да ги пренесуваат до извршните органи на власта, дури и кога заповедите биле сурови, глупави и несреќни, податни да ги уништат кај луѓето најдобрите човечки квалитети.

Николај I зборувал и на руски и на француски. Редовно одел во црква, иако во текот на богослужбата му било здодевно, па дури тоа и го измачувало. Почестите и пофалбите што му ги упатувале "Божјите слуги" - свештените лица ги сметал за заслужни оти "од него зависеше благосостојбата и среќата на целиот свет" и тој "не жалеше труд да му помогне на човештвото".

Така бил виден рускиот император Николај I Павлович од руски современик и, тоа не од кој било, туку од еден од најголемите руски и светски писатели, Толстој, кој добро ги познавал работите не само во своето својство на еден од најбогатите луѓе во тогашна Русија, туку и како војник околу четири години, доброволец во војните на Кавказ. Горниот опис е изваден од долгата новела на Толстој "Хаџи Мурат".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"