ФОРУМ

ЗАКОН ЗА ОГРАБУВАЊЕ НА НАРОДОТ

Адвокат Владимир Стефановски

  • Предлагам под итно да се пристапи кон изготвување на нов Закон за судски такси, а при неговото изготвување да се има предвид легислативата на земјите членки на ЕУ, како и финансиската моќ на граѓаните на Република Македонија.

Овие денови во Македонија актуелно е прашањето за донесување Закон со кој би се оформил самос-тоен судски буџет. Целта на овој Проект е да се придонесе кон поголема независност на судството, како и подобрување на материјалниот статус на судиите. На овој начин би се намалила корупцијата во судството, а би се зголемила неговата ефикасност. Секој добронамерен граѓанин го поддржува овој Проект, надевајќи се дека со оформувањето на самостојниот судски буџет ќе се обезбеди независност на судството, ќе се намали корупцијата, а ќе се зголеми ефикасноста во работата.

Јас како адвокат со над дваесет години работно искуство го поддржувам овој Проект, надевајќи се дека тој ќе обезбеди подостоен живот за моите колеги судии кои подобрувајќи го својот материјален статус ќе бидат стимулирани да се завземат со решавањето на сложените судски спорови.

Сето ова е навидум во ред, но проблемот се јавува во начинот на финансирање, односно изворите за финансирање на овој самостоен судски буџет. Предвидено е судскиот буџет да се финансира од приходите собрани од судски такси од граѓански предмети и приходите од паричните казни, изречени на граѓаните во кривичната постапка. Во 1995 година во Р. Македонија донесени се измени на Законот за судски такси (Сл. Весник 20/95 ) со кои е утврдена висината на судските такси, во граѓанската и кривичната постапка. Во овој Закон се предвидени такви судски такси какви што нема во ниедна цивилизирана држава во светот и доколку овој Закон доследно се примени, буквално ќе дојде до ограбување на граѓанинот кој бара судска заштита.

Еве што предвидува овој Закон: Со поднесување на тужба, граѓанинот треба да плати 2 отсто од вредноста на спорот, за Пресуда уште 2 отсто, за жалба 4 отсто, за Ревизија уште 4 отсто, или се вкупно 12 отсто од вредноста на спорот. По добивањето на правосилна Пресуда, во Извршната постапка, граѓанинот за да го реализира своето побарување, треба да плати за Предлог за извршување и Решение за извршување уште 2 отсто, а ако спротивната странка се жали или пак бара одлагање на извршувањето, граѓанинот за одговор на овие правни акти треба да плати уште 3 отсто од вредноста на побарувањето.

Од ова произлегува дека во Граѓанска и Извршна постапка граѓанинот кој се јавува како тужител, треба да плати 17 отсто од вредноста на спорот. Не завршува овде приказната со Законот за судски такси. Имено, според овој Закон и тужениот за Одговор на тужба, Жалба или Одговор на жалба, Ревизија или Одговор на ревизија, заедно со правните лекови во Извршната постапка, треба да плати околу 10 отсто од вредноста на спорот. Значи судот од двете странки заедно, според овој неправичен Закон за судски такси, ќе инкасира околу 27 отсто од вредноста на спорот. Што ова во практика значи? Брачни другари се разведуваат и поведуваат спор за утврдување право на сопственост на имотот стекнат во брак. За водење на овој спор тие ќе треба 27 отсто од својот имот да му го подарат на судот. Каде го има ова освен во Р. Македонија. Ако купиш туѓ имот на државата & плаќаш 3 отсто од вредноста на имотот, а за делба на сопствен имот, на име судски такси, двете странки треба да платат 27 отсто од вредноста на имотот. До пред неколку месеци овој Закон за судски такси не се применуваше децидно од страна на судиите. Судиите беа свесни дека Законот е неправичен и им прогледуваа низ прсти на странките. По најавата за донесување на самостоен судски буџет, од страна на повисоките судови, до пониските судови, даден е налог, децидно да се применува овој Закон, односно да не се постапува по предметите, се додека не се платат судските такси.

Од друга страна, пак, во кривичната постапка, паричните казни на граѓаните двојно се зголемени, се со цел максимално да се наполни овој судски буџет по што судиите би земале далеку поголеми плати. Имајќи ја предвид материјалната положба на граѓаните во Р. Македонија и Законот за судски такси ваков каков што е, заштитата на правата на граѓанинот пред судовите ќе стане невозможна. Граѓаните на кои им е потребна судска заштита, не можејќи истата да ја остварат во судските инстанции, поради високите судски такси, ќе бидат принудени правдата да ја земат во свои раце, сами да наплаќаат долгови, или пак со помош на рекетари. Ако не се измени овој Закон за судски такси под итно и ако судската заштита не се приближи кон граѓанинот, драстично ќе се зголеми бројот на кривични дела, а Македонија ќе се претвори во див запад.

Од сето погоре кажано би можело да се заклучи дека треба да се оформи самостоен судски буџет, но не со ваков Закон за судски такси. Од друга страна треба да се размисли дали паричните казни во кривичната постапка треба да бидат еден од изворите за финансирањето на судскиот буџет, затоа што судиите мотивирани за поголеми плати, можат да почнат да ги казнуваат граѓаните со енормно високи парични казни. Не смееме да дозволиме судот да се претвори во исклучиво вносно-профитабилно претпријатие.

Затоа предлагам под итно да се пристапи кон изготвување на нов Закон за судски такси, а при неговото изготвување да се има предвид легислативата на земјите членки на ЕУ, како и финансиската моќ на граѓаните на Република Македонија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"