КУЛТУРА

Издание како дел од едицијата "Документи на македонското минато"

ИТАЛИЈАНСКО-АЛБАНСКИ СВЕДОШТВА ЗА СТРАДАЊАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Книгата содржи три дела. Италијански документи во превод на македонски јазик, а во вториот и третиот дел се албански документи исто така преведени на македонски јазик.
  • Во документите се обелоденети бројните зулуми, кражби, уцени и друг вид злосторства врз македонското и другото неалбанско население.

Друштвото за наука, култура и уметност "Браќа Миладиновци" од Струга, во книгоиздателство на "Вишарица"- Јабланица, постојано се огласува со нови изданија. Така, неодамна ја објави книгата "Окупацијата на Западна Македонија, 1941 - 1944, документи", а таа воедно е и дел од едицијата "Документи од македонското минато".

Во книгата станува збор за италијански и албански документи во превод на македонски јазик од Аленка Лапе, додека редакцијата, селекцијата и коментарите се на проф. Петко Домазетовски и проф. д-р Глигор Тодоровски.

Авторите книгата концепциски ја поделиле на три дела. Во првиот дел се приложени италијански документи во превод на македонски јазик, додека во вториот и третиот дел се албански документи исто така преведени на македонски јазик. Првиот и вториот дел содржат документи од општ карактер, а во третиот дел се приложени списоци на административни и полициски службеници, потоа пристапници на членови на Албанската фашистичка партија, списоци на жандарми, на балисти, декларации итн.

ОКУПАЦИЈА

Документите кои од италијански се преведени на македонски јазик се однесуваат на италјанската фашистичка окупација на Западна Македонија, од воспоставувањето на албанската квислиншка власт на оваа територија од 1941 до 1944 година. Во нив се согледува едно мошне значајно прашање што претставувало постојан повод и причина за судири и што влијаело за заладување на меѓусебните италијанско-бугарски односи во текот на окупацијата, бидејќи за делбата на Македонија биле заинтересирани и двете страни. Италијанската окупација била воспоставена со помош на германските воени сили, а на територијата била воспоставена и албанска квислиншка власт каде што дојдоа до израз тендециите за албанско проширување. Во документите се гледа дека италијанските окупатори застанале во одбрана на албанските квислиншки власти за екстремните активности што биле вршени над Македонците во Западна Македонија. Во тој контекст во италијанските документи се говори за појавата на вооружани групи од Албанци на територијата на Западна Македонија, кои, дејствувале независно од желбата на албанските квислиншки власти. Тие вршеле различни зулуми, кражби, уцени и друг вид злосторства врз македонското и другото неалбанско население. Во документите се говори и за други состојби што настанале со италијанската окупација и со албанска анексија на оваа територија. Тие влијаеле да започне процес на иселување на Македонци од Западна Македонијаи да се префрлат во делот од Македонија окупиран од бугарските фашистички окупатори.

КВИСЛИНШКА ВЛАСТ

Покрај документите од италијанско потекло во вториот и третиот дел од трудот авторите приложуваат и документи на албански јазик во превод на македонски. Тие потекнуваат од албанските квислиншки органи, воспоставени во Западна Македонија во текот на окупацијата од 1941 до 1944 година. Приложувањето на овие документи претставува мошне значаен прилог во натамошното изучување на историјата на македонскиот народ во времето на окупацијата. Повеќето од албанските документи потекнуваат од 1943 година, а еден дел од нив укажуваат за лошата безбедносна состојба на тој дел од Македонија во окупацијата од 1941 до 1944 година. Едни документи јасно ја покажуваат улогата на Џемо Хаса од Гостиварско кој од првите денови на окупацијата се ставил во служба на италијанскиот окупатор на албанските квислинзи. Одделни албански документи говорат за лошата состојба во областа на судството, потоа за нефункционирањето на судовите и за недоволниот број судии во нив. Тоа говори за тотално непостојана судско-правна регулатива на анектираната територија во Западна Македонија како и за последиците на појавената анархија, којашто најтешко се одразила врз Македонците и другото неалбанско население. Во овие документи се укажува на суровиот однос на албанските квислиншки власти кон борците од Народноослободителното движење како и кон нивните соработници. Тортурата од страна на албанските власти била проширена на секое поле, така што Македонецот на себе го трпел целиот нивни бес кој не може до крај да се искаже на страниците на оваа книга. Сепак, првичното објавување на италијански, албански и други документи во овој труд го сметаме за многу значајно.


"Чудна земја" на српскиот поет Момчило Јокиќ, дел од "Балкански паралели"

ЕДНА КНИГА, А ТРИ ИЗДАНИЈА

Пишува: Борис АПОСТОЛОВ

  • Книгата е преведена на македонски јазик, втората е отпечатена на оргиналниот - српски јазик, а третата е паралелно издание: и на македонски и на српски јазик.

Неодамна, на Саемот на книгата, беше промовирана поетската книга "Чудна земја" од српскиот поет Момчило Јокиќ. Книгата е во издание на Друштвото за новинарска, издавачка и графичка дејност "Трибина македонска" од Скопје. "Чудна земја" спаѓа во едицијата "Балкански паралели" која има за цел со препеви на поезијата поетите од балканските земји да бидат претставени и во Македонија.

Инаку, оваа книга е замислена така што една книга е преведена на македонски јазик, втората е отпечатена на оригиналниот - српски јазик, а третата е паралелно издание: и на македонски и на српски јазик.

Ваквиот начин на објавување на книги е замислен така што и за идните автори со кои сега се преговара (еден од Романија и еден од Бугарија) да се практикува.

Неопходно е да се истакне дека оваа библиотека "Балкански паралели" треба и понатаму да се поддржува, бидејќи таа претставува мост за зближување меѓу балканските народи и култури.


Нова книга на Радован Цветковски

ЗБИР НА ЗНАЧАЈНИ ЗАПИСИ ЗА ПОВЕЌЕ АВТОРИ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

Во издание на "Академски печат" од Скопје е објавена книгата на Радован Цветковски, "Видувања". Оваа книга е дел од современата македонска критика, а во неа се застапени рецензии за повеќе авторски имиња. "Видувања" започнува со прегледот "Значајни записи на народни песни од Мариово" од Божо Стефановски, потоа следуваат текстови за наслови од Роза Николова, Богоја Таневски, Зоран Пејковски, Кире Неделковски, Александар Поповски, Васил Тоциновски, Антон Попов и други.

Авторот Цветковски е познат поет, раскажувач, литературен критичар, писател за деца и за млади и фолклорист. Досега има објавено повеќе поетски збирки, проза, проза за деца и млади, книги од фолклористиката, поетски избори и други книги.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"