Северниот сосед ќе ја чува македонската граница

Според министерот за одбрана на Србија и Црна Гора, Борис Тадиќ, војската на Србија и Црна Гора е подготвена да го контролира подрачјето крај границата со Македонија и административната линија со Косово и Метохија.

Заеднички цели на македонско-хрватските армии

Делегација на Армијата на Република Хрватска предводена од генерал-полковник Славко Бариќ беше во дводневна посета на Република Македонија. На средбите беа презентирани плановите за преструктуирање на АРМ при што беа разменети искуства за подготовките на двете земји за членство во НАТО. При ова е констатирано дека армиите на двете земји имаат заеднички цели - интеграција кон Северноатлантските безбедносни системи и подобрување на регионалната соработка.

Организирано против организираниот криминал

Министрите за внатрешни работи на четири земји од Западен Балкан на средба во Албанија се договориле за засилување на меѓусебна соработка во борбата против организираниот криминал и секаков вид недозволена трговија. На средбата македонскиот прв полицаец, Хари Костов, истакнал дека криминалните групи што дејствуваат во регионот се многу поорганизирани отколку самите државни структури.

Западен Балкан добродојден во Унијата

Специјалниот координатор на Пактот за стабилност за југоисточна Европа, Ерхард Бусек, изјавил дека од претстојниот самит во Солун очекува повторна потврда од Европската унија дека земјите од Западен Балкан се добродојдени во Унијата. Брусек во интервјуто за црногорскиот весник "Дан" истакнал дека очекува да продолжи и процесот на стабилизација и асоцијација.

Косовските Роми непожелни во Европа

Грчкиот амбасадор во присуство на повеќе меѓународни претставници отворено им рекол на косовските Роми дека ниту една земја од Европската унија не сака да ги прифати, а ниту пак Грција може да го стори тоа. Вооедно тој им ги вратил азилантските апликации на 700-те косовски Роми кои веќе еден месец се наоѓаат на граничниот премин Меџитлија.

Уапсен дилер на дрога

На патот Ресен - Битола кај Макази при претрес на македонско-албански државјанин пронајдена е патна торба со 10 пакувања марихуана со тежина од 7,6 кг. Дрогата ја набавил во Албанија, а имал намера да ја продава во Македонија.

Европски пари за Западен Балкан по 2006 година

Од 2004 до 2006 година петте земји на Балканот ќе треба да се задоволат со 210 милиони евра кои ќе ја дополнат постоечката програма КАРДС. Дополнителни пари за балканските економии во транзиција ќе бидат можни дури по 2006 година откако ЕУ ќе го скрои својот буџет.

Стратегија против трговијата со луѓе

На Трибината што се одржа во Скопје во организација на Македонскиот институт за медиуми се дојде до констатацијата дека на Балканот му недостига стратегија против трговијата со луѓе. Американскиот новинар Дру Саливан на оваа средба потенцираше дека во земјите во транзиција трговијата со луѓе е горлив проблем, но ставот на државните институции во овие земји е чуден. Тој додаде дека проблемот е долгорочен и потребна е стратегија против ова зло.

Во Ирак како на Балканот

Новоназначениот британски командант на американскиот штаб во Багдад, генерал - мајорот Фреди Вигерс, изјавил дека сојузничките сили во Ирак ризикуваат да заглават во мисија слична како онаа на Балканот, ако не го фатат и убијат Садам Хусеин. Тој додаде дека сојузничките сили предводени од САД треба да докажат дека режимот на Садам е целосно готов во Ирак.

Статусот на Косово дестабилизација на регионот

Според изјавата на Брус Џексон, претседател на американскиот комитет за НАТО и на Проектот за демократија и транзиција, решавањето на конечниот статус на Косово во овој момент би го дестабилизирало регионот. Тоа би било огромен притисок врз Македонија, Албанија и врз Србија и Црна Гора.

Дојранското Езеро постојано расте

Испарувањето од високите температури и обилните врнежи од дожд придонесоа покачување на езерскиот водостој за три сантиметри. Така од септември минатата година се до средината на јуни годинава, Дојранското Езеро пораснало за два метра, а првпат по толку години езерскиот водостој продолжува да расте.

Смртоносна треска во Албанија

Една Албанка починала, а неколку лица се тешко болни од епидемијата на се уште неидентификувана треска во североисточна Албанија.

САРС во Бургас?

Бугарските здравствени власти информирале дека во Инфективното одделение на болницата во Бургас е хоспитализирано едно лице под сомнение дека е заболено од САРС.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"