Годишнина од стрелањето на ваташките младинци

На 16 јуни се навршија 60 години од стрелањето на 12 ваташки скоевци во Моклиште, Кавадаречко, од бугарскиот фашистички окупатор.

Ги наредија како да ги фотографираат, а потоа ги стрелаа, вели Павлина Касапинова од Ваташа, сведок на настанот.

Острени ќе го собира оружјето

Г'зим Острени, поранешен терорист на ОНА и актуелен пратеник од ДУИ, ќе биде претседател на Координативното тело за спроведување на Законот за доброволно собирање на оружје, муниција и експлозивни материи и за легализација на оружјето.

НИП-от во стечај

Одлуката за отворање стечај за НИП "Нова Македонија" Судот ќе ја донесе деновиве. Ваква постапка покрена Агенцијата за блокирани сметки, а според аргументите презентирани на вторничното рочиштето, исполнети се потребните услови за стечај.

Двајца работници на Лозар се полија со бензин

Во мотелот " Лозар" на велешкото езеро "Младост", во вторникот се случуваше вистинска драма кога двајца вработени во Агрокомбинатот се полија со бензин и се заканија дека ќе се самозапалат ако судот го даде мотелот на доминантниот сопственик, Марјан Ѓошев, поранешен директор во фирмата.

Наум - нов Митрополит во Австралија?

На последниот состанок на САС на МПЦ одржан во Охрид е донесена одлука нов Митрополит на Австралиско-новозеландска епархија да биде владиката Наум, тврдат неофицијални извори. Со позитивно решавање на црковното прашање во овој дел од Австралија Македонците ќе зачекорат во нова победа кон националното обединување.

Во Македонија над 87 илјади неписмени лица

Според податоците на Заводот за статистика, во Македонија има 87.749 неписмени лица, од кои 67.254 се од женски пол, а 1.079 од нив се девојчиња на возраст од 15 до 19 години. Главната причина за неписменоста и за злоупотребата на детскиот труд во Македонија е сиромаштијата.

Илинка ја крсти тетовската тројка

Никола, Николина и Наталија Станоевиќ се имињата на трите бебиња во Тетово кои беа и официјализирани на крштавката во Соборниот храм "Свети Кирил и Методиј". Чинот на светата крштавка го изврши Митрополитот на Полошко-кумановската епархија, г. Кирил, а официјална кума на оваа тројка е министерката за надворешни работи, Илинка Митрева.

Премиера на театарот "Скрб и утеха"

На 21 јуни во манастирот "Свети Јоаким Осоговски" во Крива Паланка, во 21 часот ќе биде изведана новата премиера на театарот "Скрб и утеха", "Леб и игри", работена според Нестор Огинар, Вилијам Шекспир и Гоце Делчев, во режија на Тихомир Стојановски. Музиката е на Јане Пенов, сценографијата на Владо Денчов, а продуцент е Игор Стојановски. Претставата ќе се одигра во рамките на паланечкото културно лето.

"Муабети" од Јосиф Грезловски

Деновиве во издание на Центарот за културна иницијатива од Штип излезе од печат збирката поезија под наслов "Муабети" од Јосиф Грезловски, Македонец кој живее во САД. Книгата има 24 песни, пишувани на дијалектот на ресенското село Љубојно од каде што потекнува авторот. Во песните провејуваат лирско носталгични мотиви со силна порака на копнежот кон родниот крај.

 

 

Скопско лето по 24-ти пат

Од 21 јуни со премиерата на балетскиот проект "Паралели" ќе започне Фестивалот "Скопско лето - 2003". На овогодишното "Скопско лето" ќе има 66 различни програмски содржини фокусирани на музиката, филмот, театарот, ликовната уметност итн.

"Лесново 2003" по дванаесетти пат

На 20 овој месец во Лесново започна традиционалната ликовна колонија "Лесново 2003" во организација на Домот на културата "Злетовски рудар" од Пробиштип, а која се одржува по 12-ти пат. Колонијата ќе трае до 28 јуни, а како што соопшти директорот на овој Културен дом, Страшко Милошевски, на колонијата ќе учествуваат уметници од Подгорица, Шабац, Сомбор, Перник и од Македонија.

Во Струмичко се испилија првите македонски ноеви

На фармата на Ацо Столиков, која се наоѓа во непосредна близина на селото Смоларе, Струмичко, минатата среда се испилија првите девет македонски ноја. Стоилков овој бизнис го започна во почетокот на годината кога од Зимбабве преку Италија донесе 22 ноја, од кои 15 женки и 7 машки од видот "зимбабве блу".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"