ЗДРАВСТВО

Блажо Давчевски, доктор по традиционална и алтернативна медицина

МОЌТА НА ДРЕВНИТЕ ТЕРАПИСКИ МЕТОДИ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Во војната акупунктурата и туината масажа биле најчесто употребувани поради недостигот на лекови и биле доста ефикасни.
  • Туинологот и акупунктологот се во тесна професионална врска, затоа што тие спроведуваат комбинирано лекување кое во никој случај не треба да се сфати како нешто наивно и понижувачко или како надрилекарство.

Блажо Давчевски, хирург во пензија, воедно е и доктор по алтернативна и традиционална меди-цина, поточно акупунктуролог - туинолог. Оваа титула ја има стекнато на Институтот за комплементарна - алтернативна и традиционална медицина во Коломбо (Шри Ланка).

Така, д-р Давчевски веќе 18 години со помош на туината масажа и акупунктурата им помага на луѓето кои боледуваат од одредени болести кои успешно се лечат со помош на овие методи. За овие две алтернативни методи на лекување кај нас во Македонија малку се знае, особено кога станува збор за туината масажа затоа што на неа се гледа со недоверба. Сепак, нивната примена дава позитивни резултати. За нив и за ефикасноста на овие методи д-р Давчевски напишал и книги, како за акупунктурата така и за туината масажа, книги кои се наменети за секого кој сака да дознае нешто повеќе за нив.

АКУПУНКТУРА

Како хирург во Воената болница работев 40 години. Во еден период имав можност да дојдам во контакт со една област - акупунктура, вели д-р Давчевски. Имав наслушнато за неа, меѓутоа во прво време не можев да ја прифатам знаејќи што е стерилност, што е законитост, што е операциона сала. Но, доаѓајќи во контакт со еден изведувач на акупунктура со комплетна техника - од иглите до масажите - мојот став се измени и како медицинско лице кај мене предизвика интерес.

Според д-р Давчевски, точни се тврдењата дека акупунктурата со нејзините методи како најстара гранка на медицината, само ја надополнува целокупната медицина и помага за побрзо и поефикасно лекување на заболениот, особено кај некои побанални заболувања без да се преоптоварува организмот со хемиски препарати, а не дека таа е некакво волшебство или магија со чија помош болниот веднаш ќе застане на нога.

Меѓутоа, излекувањето кај болниот зависи од стручноста на акупунктурологот, од неговото снаоѓање, знаење и умеење, од тоа како, кога и кој метод и вид на акупунктура ќе ги примени, додава д-р Давчевски. Под акупунктура се подразбираат повеќе видови вакво лекување: акупунктура на увото поврзана со целото тело, акупунктура со игли, со додаток на струја, со специјално направен ласер, со употреба на нежен притисок на прстите, туина масажа со прстите и рацете, специјална кутија во која се става мокса - див пелин.

Акупунктурата помага при хронична болка, смирува воспаленија, го регулира автономниот нервен систем, ги олабавува мускулите, ја подобрува циркулацијата на крвта, ја попушта напнатоста, ја обновува енергијата и го зголемува имунитетот. Најмногу помага при мигрена, хронични главоболки, психонервози, депресивни состојби, вртоглавици, болки во крстот, мозочен удар, тресење на рацете, несоница, склероза итн. Таа може да се употреби и за разубавување и за релаксирање на телото, но покажува најдобри резултати кај хронично болните кои не се излекувале со медицински лекарства.

МАСАЖА

Туината масажа кај нас не е застапена, таа е нова наука на нашите простори дури и не е слушнато за неа. Туинологијата е важен дел на традиционалната кинеска медицина. Овој метод всушност претставува медицинска масажа и раздвижување на зглобовите и на мускулатурата. Таа се изведува само со раце, со нежно притискање на зглобовите и на заболениот дел од телото.

Овој древен тераписки метод Кинезите го применувале како превентивна мерка за да ги постигнат, како превентивно така и за лекување, следните медицински ефекти: отстранување на разни опструкции на акупунктурните меридијани, зголемување на циркулацијата на крвта, рамномерно пренесување на таканаречената ЧИ енергија низ акупунктурните канали и меридијани, намалување на болките во заболениот дел од телото, релаксација и опуштање на мускулите, подобрување на работата на внатрешните органи, отстранување на мали дислокации на зглобовите и друго, објаснува д-р Давчевски. Со примена на овој мануелен метод со комбинирана тераписка изведба се постигнува превентивно или комплетно подобрување, односно целосно излекување на заболениот. Туината терапија познава повеќе начини на изведба и тоа околу 110 видови мануелна техника. Сепак, од нив само триесетина се највообичаени во клиничката практика. Мануелните методи мора де се изведуваат координирано, со рамномерно учество, со правилна доза на силата и во точно определено време.

ПРИМЕНА

Туинологот и акупунктологот се во тесна професионална врска, затоа што тие спроведуваат комбинирано лекување кое во никој случај не треба да се сфати како нешто наивно и понижувачко или како надрилекарство. Тоа е медицинска професија која врши надополнување на најсовремената медицина со традиционална и алтернативна медицина.

Веќе 18 години ја применувам туината масажа и акупунктурата и ги употребувам онаму каде што сметам дека треба и каде што можам да излечам, вели д-р Давчевски. Но, да се разбереме, ни акупунктурата ни туината масажа не ги лечат сите болести. Овие техники се ефикасни кај мигрените, стерилитетот, ноќните мокрења, кај различни стресови, особено кај младиот свет некаде од 20 до 34 години каде што имаме немирност, претрпени трауми, страв од отворен и затворен простор. Туината масажа се разликува од акупунктурата. Тоа е посебна рутина, посебна техника, но сепак тие две техники се поврзани во начинот на лекување. За овој вид масажа треба да го имаме предвид тоа дека не ни требаат никакови лекарства, никакви други хемикалии, туку се се темели на масажа со помош на јаболчиците од прстите и рацете. Туината масажа е посебна техника, наука која започнала во Кина уште пред 5.000 години. Оваа масажа се применува кај пациенти кои имаат деформитет на одредени екстремитети што се случуваат при различни хемиски повреди, трауми. Кога ја изведуваме туината масажа треба да внимаваме која е личноста која треба да ја лекуваме, треба да ја подготвиме психолошки.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"