ОБРАЗОВАНИЕ

Проект за образование по терк на западните програми

БЕЗ ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ И КРИТЕРИУМИ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Целта на Проектот за модернизација на образовниот процес е да се создаде инфраструктура во согласност со другите европски земји кои ќе му овозможат на системот да одговори на потребите на локалните заедници како и на земјата како целина.
  • Како императив за Македонија е да ги постигне милениумските развојни цели: подобрување на посетеноста, завршување на училиштето и намалување на разликите по пол и етничка припадност.

Нашето образование се соочува со многу проблеми. Освен проблемот со средношколци-те во Куманово и основците во Шемшево, нашето школство не ги исполнува европските стандарди и критериуми.

На неодамнешната прес-конференција за претстојниот Проект за модернизација на образованието, помогнат од Светската банка, од страна на раководителот на Проектот, Питер Дарваш на сметка на нашето школство беа изнесени многу критики. Особено тешко ни падна констатацијата дека според неодамнешното истражување на четвртоодделенците од 38 земји, нашите ученици се на 34-то место, безмалку последни.

Република Македонија во образовниот процес се соочува со акутни и трајни проблеми, потенцираше Дарваш, укажувајќи на многуте негативности. Направените анализи покажуваат дека за спроведување на Проектот е потребна сума од 15 милиони долари. Оценката на Проектот треба да се спроведе до 30 јуни 2003 година и реализацијата на Проектот треба да отпочне до 31 декември 2003 година.

СТРАТЕГИЈА

Како цели и стратегија на Проектот за модернизација на образованието е унапредување на значењето на системот, достапноста, постигнувањето, работата, ефикасноста и рамноправноста.

Целта на компонентата на "Планирање на училиштата" е да го подобри капацитетот на училишниот менаџмент и администрацијата како и партиципација на училишниот одбор за да се подобри ефективноста на училиштето и квалитетот на учењето. Во точката за "Градење на капацитети на училиштата" е потенцирано утврдување на соодветните капацитети и процедури за училиштата да развиваат планови за унапредување на образованието, да прават стратешки избори при користењето на средствата, сервисите за услуги, следење и евалуација за да ги исполнат планираните цели. Во целта "Грантови за унапредување на училиштата" се наведува промовирање на иницијативи на училиштето што ги унапредуваат наставата и учењето.

Останува да се види дали со Проектот ќе се надминат проблемите во образованието, пред се во Куманово, но и во Тетовско

"Имплементацијата на Проектот за модернизација на образованието треба да отпочне кон крајот на оваа година" ,Азис Положани и Питер Дарваш, раководител на Проектот од Светската банка

Во втората компонента "Децентрализација на образованието" се подразбира да се изградат системи и капацитети што ќе функционираат во децентрализиран образовен систем, вклучувајќи подобрување на стратешкото планирање, менаџментот и процедурите на следење на работата и одговорноста во образовниот сектор. Поконкретно се подразбира дизајнирање на современи механизми за буџетирање, распределба на средствата и стратешко планирање, да се хармонизираат администрацијата и менаџментот и да се подобрат капацитетите во согласност со Законот за локална самоуправа и другите закони што се дел од реформите на јавната администрација.

ПРИДОБИВКИ

Придобивките од училишните грантови можат да се групираат во две групи од подеднакво значајни и остварливи резултати пред се директно влијание на когнитивните и социјални резултати како и на ефективноста, ефикасноста на услугите и позитивно влијание на институционална рамка на образованието. Училишните грантови се користат во многу земји, понекогаш како дел од проекти финансирани од Банката, со цел на подобрување на когнитивните и социјални резултати на образованието, така промовирајќи поефективен и поефикасен училишен систем. Земајќи предвид дека Македонија формулира стратегија за модернизација на нејзиниот образовен систем, училишните грантови може да се сметаат за важна компонента на оваа образовна стратегија.

ИМПЕРАТИВ

Како императив за Македонија е да ги постигне милениумските развојни цели како и оние поставени со Охридскиот договор: подобрување на посетеноста, завршување на училиштето и намалување на разликите по пол и етничка припадност. Исто така, важно е да се разбере дека училишните грантови се најсоодветен начин за да се задоволат критичните потреби (како обука, недостаток на опрема, проблеми со капиталните поправки и помали унапредувања, додека позитивните резултати во смисла на училишната ефективност може да се очекуваат во среднорочен термин). Предложениот Проект, според тоа, помага да се постави адекватна рамка и обезбедува средства за планирање и следење на придобивките. Во Проектот е потенцирано дека е важно модернизацијата да се одвива како демократски информиран процес што ќе ги вклучи корисниците во локалните заедници во утврдување и решавање на нивните сопствени проблеми. Ова се покажува како многу поефикасен и поефективен начин на распределба на јавните средства во споредба со многу централизирана процедура, бидејќи училиштата и локалните заедници се добро информирани за критичните прашања за училишната ефективност и исто така стануваат одговорни (преку децентрализацијата да се справат со нив, училишното планирање и училишните грантови се најсоодветен начин за справување со прашањата поврзани со училишната ефективност). Училишните грантови се добри средства за осигурување на ваквата локална партиципација, во соработка и координација со централната власт, односно Министерството за образование. Како резултат на шемата на училишните грантови, менаџментот на училиштата во Македонија значително ќе се подобри. И постигањата на учениците во главните предмети и општествените резултати од образованието значително ќе се подобрат, се потенцира во Проектот.

Останува да се види дали Проектот за модернизација на образованието освен теоретската поставеност и практично ќе заживее и дали ќе има позитивни резултати.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"