ЕКОНОМИЈА

Новиот мобилен оператор со нова визија и стратегија

"КОСМОФОН" СТАРТУВАШЕ СО ПОЛНА ПАРЕА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • За првпат во Македонија тарифирањето на разговорите ќе биде во секунди, при што има различни цени за една секунда, зависно од времетраењето на разговорите во текот на месецот, односно колку повеќе сообраќај се остварува, цените се намалуваат.
  • Главниот извршен директор на "Космофон", Николаос Авгеринос, истакна дека нивните цени ќе бидат за 30 проценти пониски од оние на конкурентот, а она што ќе им го понудат на припејд корисниците е наплата по секунда, директна конекција, 12-месечна конекција без дополнување на сметката, исти тарифи за повици во сопствената и надвор од својата мрежа, а кај постпејд е и месечна претплата од 375 денари.

Вториот мобилен оператор под мотото "да споделиме подобар свет" од минатата недела стартуваше со комерцијална кампања. Покрај презентацијата на производите и услугите кои "Космофон" ги обезбедува, беа обелоденети и плановите за иднина, реализираните и планираните инвестиции и улогата на компанијата во отворање на телекомуникацискиот пазар во земјава.

Како што истакнаа челникот на "Космофон", главниот извршен директор Николаос Авгеринос, визијата на новиот мобилен оператор на македонскиот пазар е да ги направи мобилните услуги достапни за сите преку стратегија ориентирана кон корисниците, како и преку конкурентни понуди. Со започнувањето со работа "Космофон" има за цел да го предводи растежот на локалниот телекомуникациски пазар и да им понуди на корисниците висококвалитетни услуги.

ПРЕДНОСТИ

На почетокот се нудат два типа пакети - при пејд со телефони Нокиа и Сименс А50 чии најзначајни предности се конкурентни тарифи, наплата по секунда, директна 12 месечна конекција без дополнување на сметката и исти тарифи за повици во Космофон мрежата и надвор од неа. Исто така, и за пост пејд понудите се вклучуваат конкурентни тарифи со наплата по секунда, дополнителни услуги без месечна претплата итн.

При пејд услугите се нудат со бесплатно почетно време од 900 денари, при што цената на првиот пакет е 9.990 денари, а на вториот 5.490 денари. Почетниот ваучер ќе трае една година. Истовремено, ќе може да се купи и само СИМ-картичка која, со бесплатно почетно време од 600 денари, ќе чини 1.490 денари. Кај овој тарифен модел постои скапа (0,36 денари секунда) и евтина тарифа (0,24 денари), но исто така е идентична за разговори во истата мрежа или со мрежата на другиот мобилен оператор или на фиксниот оператор. За првпат во Македонија тарифирањето на разговорите ќе биде во секунди, при што има различни цени за една секунда, зависно од времетраењето на разговорите во текот на месецот, односно колку повеќе сообраќај се остварува, цените се намалуваат.

ТАРИФИ

Пост пејд понудата е сведена на два тарифни пакети, "космофон класик" и "космофон бизнис". Месечната претплата во "класик", кој е наменет за широка потрошувачка, изнесува 375 денари, каде што доколку во текот на месецот се остварат разговори до еден час, цената за секоја секунда е 0,36 денари, за разговори до два часа - 0,30 денари, до три часа е 0,24 денари секунда, а над тоа време секундата ќе чини 0,21 денар. Притоа, кај овој оператор во овој тарифен модел нема скапа и евтина тарифа, цените се исти, без разлика дали се зборува во рамките на мрежата на "Космофон" или, пак, кон фиксен телефон или кон мрежата на "Мобимак". Кусите пораки ќе бидат со цена од 4,78 денари, а бесплатни ќе бидат многу дополнителни услуги. Така, нема да се плаќа никаква приклучна такса, како и користење роаминг, задржување на повик, активирање по исклучување и некои други услуги.

"Космофон" своите услуги ќе ги нуди во трите свои продавници (во Скопје, Тетово и Куманово), чиј број до крајот на годината ќе се зголеми на осум, како и на 113 други продажни места, а ваучерите ќе се продаваат на околу 2.000 продажни места.


"Мобимак" со супер ниски цени

Истовремено, "Мобимак" започна со нова кампања "Сега е лесно" во која на корисниците им нуди промотивни "МОБИ+" при пејд пакети со пониски цени. Така телефонските апарати од типот на "Алкател 302", "Алкател 303", Моторола Т192", "Ериксон Р 380", "Ериксон 2628", "Панасоник ГД35", "Сименс" - А4, А35 и Ц30, се продаваат по цена од 2.998 денари. Потоа "Ериксон Т20 - ТР", "Ериксон Т20" и "Алкател 310" чија цена изнесува 3.999 денари, додека по цена од 4.999 денари може да се купат телефонските апарати "Сименс Ц45" и "Алкател 501".

Покрај моби плус пакетите со телефонски апарат, "Мобимак" почна да продава и пакети кои содржат само СИМ картичка, ваучер од 500 денари и дополнителни 500 денари разговор за само 2.480 денари.

Уште една новина која ја нуди "Мобимак" на своите корисници е виртуелен продажен салон - Мобимак "Web Shop". "Web Shop"-от e можност корисниците производите да ги нарачаат и преку Интернет, при што цените на нивните производи се за три проценти пониски од официјалните цени во продажните салони. Истите ќе им бидат доставени до нивната влезна врата. Уште една поволност за корисниците на "Мобимак"-пакетите е и "FunSMS". Ова е нова услуга која на корисниците им става на располагање каталог со повеќе стотици логоа и мелодии, со нивен единствен пренос и примена на GSM телефон. Доволно е да се одбере содветното лого или мелодија и шифрата што им припаѓа да се испрати со СМС на број 142 626. Со оглед на тоа што "FunSMS" не е обичен SMS и содржи дополнителна вредност и цената му е повисока. Така постојат три категории цени. "FunSMS" за пократки мелодии и поедноставни содржини чини 5 денари, доколку сите содржини корисниците сами ги подготвуваат, цртаат или компонираат цената е 25 денари, а авторските содржини имаат 35 денари. "Мобимак" за своите корисници подготви нова интерактивна услуга, а тоа е СМС речник, англиско – македонски - 142 121 и македонско - англиски - 142 122. Функционира едноставно така што корисникот испраќа СМС порака која содржи збор на македоснки јазик на 142 122 и доколку има соодветен превод корисникот го добива истиот по СМС.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"