Јас лично мислам дека
не постои правило. Правилото можеби подоцна се јавува кога човекот станува
зрел и почнува да размислува. Можеби можат да се вклучат и луѓе уште од
најрана возраст и да бидат во вистинска смисла политички ангажирани. Во мое
време ние се вклучувавме во сојузи на младина, на општински организации,
каде што исто така, освен со проблемите кои ги засегаа младите, имавме и
можност да донесуваме одредени политички одлуки. Таквите одлуки во тоа време
директно влијаеја на развојот на општината и во тој политички систем имаа
своја улога. Меѓутоа, сметам дека треба да се биде во некои години, во една
фаза на завршување на процесот на образование кога веќе може понезависно да
се одлучува. Ова е мое лично мислење, што не значи дека треба да биде
мислење на сите. Сметам дека политичарот треба да биде сериозен човек.
Политичарот треба темелно да навлезе во сите сфери на законодавната власт и
тука сметам дека во некои години на зрелост посерозно те сфаќа средината и
светот. Некаде од 26-30 години не би преферирала да се влегува во политиката,
но не значи и дека горната граница треба да биде до максимум. Некои земји
имаат и доживотни пратеници, каде искуството е доста битно. Младите луѓе се
поимпулсивни, а политичарот треба да знае понекогаш и да голтне.
МС: Која е Вашата професија и како се случи да запловите во политичките
води и на која возраст?
ЛЕПИТКОВА: Јас во политиката сум активна од 1993 година со вклучување
во Демократската партија, но не бев на поистурените позиции. Мојот поактивен
ангажман почна од 1998 година кога имав 32 - 33 години. Тогаш веќе имав
завршено магистерски студии и бев во крајна фаза на изработка на мојот
докторат. Меѓутоа, тогаш влегов поради предизвикот да влезам во натпревар на
мнозински систем на листа. Многу е пообјективно да видиш како народот мисли
на тебе изјаснувајќи се преку гласање. Тогаш видов дека луѓето од тој регион
веруваат во мене и гласаат за мене. Морам да напоменам дека јас бев
единствена жена во првиот мандат на Советот на град Пробиштип која беше од
некоја политичка партија како носител на листа и влегов во Советот на градот
при што се обидов да оставам белег за мојот тогашен мандат. Со последните
парламентарни избори јас влегов во Собранието и се трудам што
попрофесионално да ја извршувам функцијата пратеник. Исто така, како
претседател на Комисијата за образование и наука се обидувам Комисијата да
ја издигнам на ниво коешто го заслужува. Јас лично сметам дека знаењето е
најголемото оружје што еден народ треба да го има. Јас инаку доаѓам од
Универзитетот и сум Доцент на Рударско-геолошкиот факултет, конкретно на
предметот Гео-хемија на средина што е една многу интересна дисциплина која
се занимава со проблемите на хемијата на земјата. Можеби токму тоа ме прави
да бидам личност која ја почитува природата и ги почитува луѓето и сметам
дека тие живеат во една симбиоза. Се трудам тоа да го применам и во
политиката.
МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во
светот на политиката?
ЛЕПИТКОВА: Сметам дека жената не само што може да се носи рамо до
рамо со спротивниот пол, туку мислам дека мажите и жените заедно можат да го
направат светот поубав. Само заедно делувајќи можат да направат нешто повеќе
за општеството. Така ни е судено да опстојуваме поаѓајќи од најмалата клетка
на општеството - семејството. Како што заедно во семејството ги подигаме
децата, заедно се грижиме за семејството, така и во општествениот систем
треба да влијаеме почитувајќи ги мислењата и на едните и на другите. Треба
што повеќе да се почитуваме во политиката, а не да не разделуваат. Сметам
дека и мажите и жените треба да бидат вклучени во политиката, бидејќи мажот
е оној којшто гледа далеку, а жената е таа којашто гледа длабоко. Доколку
тоа гледиште го поврземе ние ќе можем да гледаме и далеку и длабоко. Во
суштина жената е таа која има потемелен и посериозен пристап во решавањето
на проблемите. Жената пред се е заинтересирана за колективното добро.
МС: Колку досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на
мажите како што обично се вели за политиката?
ЛЕПИТКОВА: Лично не сум имала проблеми, можеби затоа што јас сум во
една професионална бранша каде повеќето се мажи. Досега ништо не сум
почувствувала, можеби поради тоа што на време се адаптирав и се навикнав да
работам со припадниците на другиот пол.
МС: Дали жените парламентарки имаат време и за своето семејство?
ЛЕПИТКОВА: Жените парламентарки, доколку сакаат да бидат успешни и
доколку сакаат народот да ги гледа како такви, мораат пред се да мислат и на
своето семејство. Јас како мајка и сопруга многу се трудам времето за нив
доследно да го испочитувам. Сметам дека никогаш нема да бидам добар
парламентарец доколку не сум добра мајка и сопруга. Во случај моето
семејство да не функционира како што треба, мислам дека граѓаните најнапред
ќе речат дека не можат од мене да очекуваат да бидам успешна во политиката
кога не можам да си го средам семејството. Јас бидејќи живеам во Пробиштип,
секогаш гледам да се вратам дома барем за да му посакам добра ноќ на моето
дете.
МС: Како е да се биде мајка - парламентарка?
ЛЕПИТКОВА: Јас сум мајка на адолесцент. Мојот син е прва година
гимназија. Кога разговарав со мојот син за мојот политички ангажман
најнапред тој не ме поддржуваше, додека денес го има прифатено мојот
ангажман во политиката и дури добивам позитивни критики.
МС: Жената пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа според Вас
преставува хендикеп во градењето на политичката кариера?
ЛЕПИТКОВА: Тоа според мене не е хендикеп. Многу колешки го одлагаат
тој процес на репродукција. Сметам дека политичката кариера не е пречка за
мајчинството. За мене да се биде мајка е едно огромно позитивно чувство,
затоа што тоа претставува една огромна промена кон добро. Како парламентарка
пред се, освен за доброто на сите, работиш и за доброто на своето дете, за
неговата подобра иднина.
МС: Колку и дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите
чести политички ангажмани?
ЛЕПИТКОВА: Пред да станам парламентарец со сопругот ги согледавме
сите можни аспекти за да не се соочиме со евентуални проблеми. Засега немам
никакви проблеми, дури можам да кажам дека мојот сопруг влијае смирувачки
кон мене поддржувајќи го мојот политички ангажман. Се зависи и од тоа како
ќе си го организирате времето и како ќе се снајдете во одредена средина. Јас
сум човек којшто работи многу и се трудам секогаш да ги избалансирам
обврските.
МС: Која беше причината поради која се вклучивте во политиката и дали
сметате дека може да се биде успешен и во политичката кариера и во градењето
хармонично семејство?
ЛЕПИТКОВА: Веќе кажав дека може да се биде успешен и на двете полиња.
Инаку, причина за моето политичко ангажирање е желбата дека можам нешто да
сторам за доброто на сите. Мислам дека секој политичар мора да има јасно
издефиниран правец за дејствување. Треба да биде најквалификуван во сферата
на своето дејствување.
МС: Дали покрај сите обврски наоѓате време и за самата себе за нега и
одржување на изгледот?
ЛЕПИТКОВА: Морам искрено да кажам дека многу малку време имам за
себе. Сметам дека пристојниот изглед е многу важно за една парламентарка. Во
наредниот период ќе се трудам да најдам време за себе, бидејќи визуелниот
изглед пред граѓаните исто така има свое влијание. Исто така, со патувањето
јас губам доста време кое, ете, би можела да го посветам на својот изглед.
МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во
Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50
отсто застапеност на жените во оваа институција?
ЛЕПИТКОВА: Искрено морам да ви кажам дека не сум размислувала многу
околу тоа. Јас тоа го оставам на слободното размислување на жените - дали
сакаат или не сакаат да се вклучат во политиката. Јас лично мислам дека
жените полека се ослободуваат и пројавуваат интерес за политички ангажман.
Полека се надминуваат и предрасудите. Мислам дека ние веќе ја подотворивме
вратата на жените кои во иднина сакаат да се вклучат во Парламентот.
МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни
парламентарки?
ЛЕПИТКОВА: Слободно да работат и да бидат успешни. Да бидат и упорни
и да не се обесхрабруваат. Искреноста и желбата за доброто на народот нека
им бидат таа ѕвезда водилка која ќе ги насочува. Обичниот народ тоа знае да
го види, да го оцени и да го награди.