ПОЛИТИКА

Римскиот статут во институционализација на меѓународното кривично судство (4)

САНКЦИИ ЗА ЧОВЕКОВОТО БЕЗУМИЕ

Пишува: Жанета ЌОСЕ, дипломиран новинар, постдипломец на европски студии за интеграција и комуникации

  • Римскиот статут е основен договор со којшто се искажува согласноста на државите членки на Обединетите нации за активно учество во извршувањето на меѓународната правда.
  • Се поуниверзалното сфаќање на човековите права е причина повеќе за забрзаното основање на Меѓународен кривичен суд со универзална јурисдикција, што ќе биде супранационален контролен систем.
  • Со самото постоење на Судот ќе се постигне мониторинг и развој на контролниот систем за кршење на човековите права. Истовремено на поединецот ќе му се овозможи поблизок приод до инструментите за заштита на неговите права.

По војната се јавува консензус за потребата од ефикасен систем на заштита на индивидуалните човекови права. Тој заштитен механизам е суштествената претпоставка за мир, стабилност и за прогрес во светот. Од концепт на право коешто се спроведувало преку трационалните кривични законодавства, меѓународното кривично право станува примарно и обврзувачко право за државите. Меѓународното право создава се повеќе механизми за политички притисок за пошироко прифаќање и примена на нормите на кривично-правното законодавство. Во научните кругови преовладува тезата дека меѓународното право има приоритет над националните закони, а на државите им е оставено сами да го одберат начинот за негова примена. Затоа и местото на меѓународните договори во правниот систем на државите е различно. Прифаќањето на првенството на меѓународното право во однос на националните закони како правна хиерархија е предуслов за неговото постоење. Ваквата теза е поткрепена со одредбите на Виенската конвенција за договорно право од 1969 година (или за право на договорите), во којашто се дефинираат правилата на меѓународното право во однос на конвенциите. Врз споменатиот принцип на приоритет на меѓународното право се базираат и правилата за меѓународната одговорност на државите за заштита на правата на сопствените граѓани. Истото се однесува на меѓународното кривично право, како систем од норми, неопходен за утврдување и санкционирање на одговорноста за тешките кривични дела што се однесуваат на меѓународната заедница како целина и воопшто, за загрозувањето на светскиот мир и безбедноста.

ИНСТИТУЦИОНАЛИЗАЦИЈА

Обидите низ историјата за востановување на практиката за санкционирање на тешките кршења на меѓународното воено и хуманитарно право, за заштита на правата на човекот, резултирале со основање на бројни меѓувладини организации, нивни институции и судски органи. Одговорноста на лицата и на организациите што се јавуваат како сторители на тешки кривични дела до денес ја утврдувале многу меѓународни воени судови, формирани ад хок, како и разни тела на меѓународните организации. Но, тие ја спроведувале правдата ограничено, односно таа се спроведувала главно преку националните кривично-правни системи. По искуството и практиката што покажале дека традиционалните кривични законодавства не се доволно ефикасни чувари на светскиот мир и безбедност, се развива идејата за востановување на еден постојан светски суд што ќе ги санкционира сите масовни недела сторени на земјината топка. Перпетуум мобиле за неговото основање се Обединетите нации, организација заслужна за донесувањето на голем број меѓународни акти со коишто се регулира и односот на државите кон прифаќањето и примената на нормите на меѓународното кривично право. Бројните меѓународни договори се донесени со цел да се воспостави ефикасен систем за меѓународна заштита на правата на луѓето, особено од екстремните и тешки повреди на светскиот мир и безбедноста. За постигнување на ваквата цел, основна обврска на државите е да ги прифатат, почитуваат и да ги применуваат нормите на меѓународното кривично право и да го помагаат нивното спроведување во практика. Организациите на државите од Европа се дел од светскиот систем на заштита на мирот и безбедноста, консеквентно, и ефектите на постојаниот Суд ќе ги почувствуваат и жителите на државите од европскиот континент. Голем придонес за промовирањето и реализацијата на идејата за основање на постојаниот судски орган во рамките на системот на заштита на Светската организација има и невладиниот сектор. Во кампањите на невладините организации, централно место им се дава на одговорноста и на трајното почитување и извршувањето на меѓународната правда. Силните меѓународни иницијативи дадоа голем придонес во обезбедувањето на потребниот број ратификации на Римскиот статут.

Римскиот статут е основен договор, со којшто се искажува согласноста на државите членки на Обединетите нации за активно учество во извршувањето на меѓународната правда. Статутот е уставен инструмент на меѓународниот кривично-правен поредок. Со него се воспоставува постојан Меѓународен кривичен суд што ќе има постојана мисија за одбрана на правдата и на мирот. Со основањето на Судот, се очекува конечното заживување на концепцијата на меѓународното кривично право како наддржавно и обврзувачко за државите и нејзина најефикасна примена во досегашната јуриспруденција (судска практика). Кодифицирано во Римскиот статут, меѓународното кривично право од хартија ќе се ефектуира во право во акција.

Во реализација на институционализацијата на меѓународното кривично судство во полна мера, важна улога одигруваат и малите држави.

Разликите во сфаќањето на човековите права по Втората светска војна и на почетокот на студената војна и современото се очигледни. Денес сфаќањето на човековите права е поуниверзално, поради што сосема природно, се поставиле прашањата за ограничувањата на судовите формирани ад хок. Се поуниверзалното сфаќање на човековите права е причина повеќе за забрзано основање на Меѓународен кривичен суд со универзална јурисдикција, како супранационален контролен систем.

СУВЕРЕНО И

СУПРАНАЦИОНАЛНО

Одбивањето на САД да го поддржат основањето на овој независен, постојан Меѓународен кривичен суд, е производ на стравувањата од надминување на статутарните ограничувања и негово преземање на универзална јурисдикција. САД очекуваат американските дипломати и војниците во што учествуваат во разни мисии низ светот да бидат изземени од јурисдикцијата на Судот. Светската велесила, како постојана членка на Советот за безбедност, ќе има можност да го користи правото на вето и за процесуирање на случаи од Советот до Судот. Бидејќи САД се најголемите партиципиенти во буџетот на ОН, се смета дека може во Советот да гласаат против одобрување на средствата за работата на Судот. И покрај тоа што средствата од ОН не се главен приход на Судот, сепак поради недостиг од средства тој нема да биде доволно ефикасен. А експедитивноста и брзото завршување на судските постапки се дел од основните определби на Судот.

Сепак, нужно е да се работи на конструктивно остварување на улогата на Судот. Тоа го бара и се поголемата улога што човековите права ја заземаат во поврзувањето на сите сфери на животот и во современите меѓународни односи. Со почитувањето на начелата, на принципите и нормите на меѓународното кривично право, на правата и основните слободи на човекот, што примарно се застапуваат во Римскиот статут, ефективно се засилува трендот на универзализација на човековите права.

Со одредбите на Римскиот статут се поставуваат правните и концептуални основи на меѓународното кривично право. Постојаниот Меѓународен кривичен суд ќе биде првиот независен и постојан меѓународен судски орган што ќе ги спроведува нормите на меѓународното кривично право и ќе ги брани и заштитува правдата и светскиот мир. Римскиот статут е договор со којшто се искажува согласноста на државите членки на Обединетите нации за активно учество во извршувањето на меѓународната правда. Македонија е една од земјите коишто им го признаваат приоритетот на меѓународните договори и во однос на претходното и на последователното законодавство. Во Уставот на Република Македонија (во Членот 118 од Уставот) се прифатени и признати општите правни правила и меѓународни обичаи, што стануваат составен дел од внатрешното право на државата.

Постојаниот Меѓународен кривичен суд ќе биде првиот судски орган со постојана мисија за одбрана на правдата и на светскиот мир и безбедност, на сигурноста на човештвото. Со самото постоење на Судот ќе се постигне мониторинг и развој на контролниот систем за кршење на човековите права. Истовремено на поединецот ќе му се овозможи поблизок приод до инструментите за заштита на неговите права.

Во Римскиот статут на постојаниот Меѓународен кривичен суд експлицитно се систематизирани правилата за утврдување на одговорноста и санкциите за тешките кршења на меѓународното хуманитарно и военото право. Појмовно, кодификацијата претставува прибирање на поединечни закони и нивно средување и внесување во едно единствено, систематско дело. Статутите, пак, се основни закони, прописи и одредби, и формален приказ на правилата на некое општество или од некоја област. За постојаниот Суд е предвидена поширока јурисдикција од сите досега постоечки меѓународни судови, со надлежност за спроведување на нормите и принципите на меѓународното кривично право. Римскиот статут е прв и основен документ за востановување на меѓународното кривично судство, што треба да биде чувар на светскиот поредок на правдата и на мирот.

Воспоставувањето на Судот, како ефикасен систем за заштита на човековите права, е фундаментален услов за мир, стабилност и за прогрес во светот. Ако се знае дека меѓународни кривични дела се сите дејства што во формална смисла се забранети со меѓународни конвенции, во материјална смисла тие претставуваат повреда или загрозување на општите интереси на меѓународната заедница заштитени со тие конвенции. За ефикасно спроведување на заштитата на меѓународниот правен поредок важен е и обемот во кој одлучувањето на Судот ќе се заснова врз политика. Под политика се подразбираат вредностите и ставовите на судиите - целите кои што тие сакаат да ги унапредат. (Хартли, Т.С., Основи на правото на Европската заедница, стр. 77).

Судот ќе биде коректив и катализатор на кривично-правниот поредок за заштита и унапредување на правата на човекот.

Како што е кажано на почетокот, целта на Судот и на државите е единствена, а тоа е постигнувањето на услови за одржување на мирот и безбедноста и за прогресивен развој на општествата. Превентивната улога на Судот е да нема нови жртви на човечката безумност. Бидејќи Судот нема намера да ги замени националните правни системи, ќе се почитува правото на суверено одлучување на државите во соработката со Судот. Зашто, нивна заедничка цел е трајно почитување и извршување на меѓународната правда.

(Крај)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"