ПОЛИТИКА

Егзодус на Македонците од Егејска Македонија - 55 години

ТРЕТА СВЕТСКА СРЕДБА ВО ЛЕРИН

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Очекувам да ги посетиме родните огништа, да ги исчистиме гробовите на нашите предци, да запалиме свеќи, вели извршниот секретар на средбата, Горѓи Доневски.
  • Тешко ми е да зборувам за чувствата. Постојат солзи, страв за тоа што ќе се случи на средбата и луѓето се малку збунети. Ќе проработат емоциите. Затоа на средбата ќе обезбедиме и лекарски екипи, додава господинот Доневски.

Од 15 до 20 јули во Лерин, Егејска Македонија, ќе се одржи третата светска средба на децата - бегалци од Егејска Македонија. Ова е извонредно голем настан, бидејќи за првпат по 55 години Македонците ќе можат да си ги посетат своите родни огништа и да запалат свеќа на гробовите на своите предци. Предвидена е и посета на значајни локации од областа на културата како општи придобивки на нашите предци и човечката цивилизација.

Неодамна и грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Андреас Ловердос, во интервју за атинска "Елефтеротипија" изјави дека е изнајдено решение за проблемот на политичките емигранти кои потекнуваат од "грчка западна Македонија". Првиот чекор што го најави Ловердос е да се дозволи слободна посета на тие граѓани во Грција за време на овој летен период.

Господинот Ѓорѓи Доневски, извршен секретар на Третата средба на децата - бегалци во Лерин, вели дека долго време ја очекувал ваквата изјава.

Мислам дека оваа изјава за нас е среќна околност, затоа што ние 55 години пишуваме декларации, молби до сите институции, но ефекти досега немаше. Сметам дека дека и самата Грција дојде до сознание дека е време тоа прашање да го реши. Луѓето кои се занимаваат со меѓународно право изјавуваат дека е срамно што ваква средба досега не се случила во Грција. На овој начин се исправа една историска неправда, иако последиците од неа останаа големи, вели господинот Доневски.

"Многу луѓе си заминаа од овој свет без да ги видат родните огништа", Горѓи Доневски

И Атанасиос Парисис, претседател на Грчкиот комитет за малцинските јазици во Грција при Европското биро за помалку употребуваните јазици во Европската унија и член на Одборот на Третата средба, ја поздравува изјавата на Ловердос. Парисис објаснува дека Грција полека се прилагодува на европските стандарди и дека во оваа земја македонскиот јазик веќе одамна се развива преку културата, односно во културно-уметничките друштва се пеат македонски песни и се играат македонски ора. Тој потенцира дека ќе бараат македонскиот, како и преостанатите малцински јазици во Грција, да се воведе во грчкиот образовен систем и да се врати дигнитетот и достоинството на овој јазик.

ПРОГОН

Господинот Доневски појаснува дека тоа што Грција во овие шест месеци е претседавач со ЕУ има големо влијание за одржувањето на средбата.

Ако Грција зборува за демократија, тогаш треба и да ја спроведува. Оваа држава има потпишано Конвенција за заштита на човековите права, а една голема група луѓе не ги ужива тие права. Се надевам дека Грција ќе го реши тоа прашање, вели господинот Доневски и се надева дека во согласност со меѓународните закони ќе им се вратат и имотите наследени од нивните предци.

Оваа година се навршуваат 55 години од егзодусот на децата - бегалци. Овој настан се совпаѓа и со другите македонски историски настани, како што се 100 години Илинден, 100 години од излегувањето на книгата "За македонцките работи" од Крсте Петков Мисирков. Со тоа, како што вели господинот Доневски, се збогатува и одбележувањето на 55-годишнината од егзодусот на децата - бегалци.

За жал, помина тежок период и сега луѓето се многу возбудени. Многу луѓе си заминаа од овој свет без да имаат можност да ги видат родните огништа. За нас оваа средба претставува огромна радост и таа ќе биде во чест на тие 55 години. Затоа сакаме да се претставиме со се она што го имаме постигнато во тие изминати години, а децата - бегалци сместени по домовите, постигнаа многу. Тешко ми е да зборувам за чувствата. Тоа е болно. Постојат солзи, страв за тоа што ќе се случи на средбата и луѓето се малку збунети. Ќе проработат емоциите. Затоа на средбата ќе обезбедиме и лекарски екипи. Очекувам да појдеме сите, да се запознаеме подобро, да ги посетиме родните огништа, да ги исчистиме гробовите на нашите предци, да запалиме свеќи, вели господинот Доневски.

ПРОГРАМА

Извршниот секретар на средбата, господинот Доневски, објаснува дека средбата свечено започнува во вечерните часови на 15 јули на плоштадот во Лерин, со поздравен говор и од домаќините и од гостите, односно децата - бегалци.

Во одборот за пречек се вклучени активисти на "Виножито" и други организации во Грција. Очекуваме да не пречекаат и претставници на грчката власт. Пречекот би требало да биде на највисоко ниво. На тој начин Грција ќе добие многу поени и ќе си го зголеми авторитетот во очите на ЕУ, вели господинот Доневски.

По поздравниот говор, како што потенцира извршниот секретар Доневски, ќе следува долга програма со настап на културно-уметнички друштва од Македонија и од Грција. На 16 јули ќе биде отворена изложба на документи и фотографии од животот на децата - бегалци во домовите во Полска, Унгарија, Чешка, Романија, Словачка, Бугарија и особено во поранешна Југославија (Хрватска, Словенија, Србија, Македонија) во кои беа сместени. Ќе следуваат и други активности како што е прикажување документарен филм од животот на македонските бегалци. Третиот ден, во вечерните часови или цела ноќ, ќе се одржи другарска средба во еден од најголемите ресторани во Солун. На 18 јули во Костур ќе биде отворена ликовна изложба во организација на ДЛУМ и во соработка со уметниците од Костур и пошироко. Од Костур ќе се оди на пикник во Воден, на воденските водопади, а ќе биде посетена и црквата "Света Злата Мегленска" во Соботско, каде ќе се одржи панихида. Во периодот на овие пет дена ќе биде организиран симпозиум на тема "Белалци". Господинот Доневски појаснува дека во селото Овчарани, каде секоја година се одбележува празникот Свети Илија, поканети се да присуствуваат на оваа селска слава.

"Ќе бараме да се врати дигнитетот и достоинството на македонскиот јазик", Атанасиос Парисис

Во текот на овие пет дена децата - бегалци ќе можат да одат во посета на повеќе историски места. Ќе го посетиме местото на убиството на Гоце Делчев, а ако постои можност на тоа место можеби ќе ставиме и спомен-плоча. Но, најважно е што луѓето ќе можат да си ги посетат своите родни огништа и да останат подолго време. Скоро во сите држави постојат здруженија на Македонци од Егејска Македонија. И тоа во Полска, Унгарија, Романија, Бугарија,Чешка, луѓето се пријавуваат во тие здруженија. Ние контактираме со нив. Тие на 15 јули веројатно ќе дојдат во Скопје и ќе тргнеме заедно. Предвидени се 200 автобуси кои ќе тргнуваат од разни делови на Скопје и од другите градови во Македонија. Но, доколку сакаат можат и самите, директно да дојдат во Лерин, вели господинот Доневски.

Извршниот секретар на средбата, Доневски, објаснува дека најверојатно децата - бегалци ќе одат без визи и ќе можат во Грција да престојуваат месец, а можеби и два, за да можат поубаво да се запознаат со родните огништа, бидејќи, како што вели и самиот, ги загубиле од нивните сеќавања, особено помладите.

Без визи ќе одат оние кои се родени во Грција и за нивните потомци. Сега засега е речено само за бегалците, а јас би сакал да биде за сите заинтересирани. Преостанатите кои сакаат да присуствуваат на средбата не мора да ги евидентираме, но може за подетални информации да се обратат во клубот "Незаборав". Сигурни сме дека ќе дојдат многу, а тоа ја зголемува одговорноста за организацијата, вели господинот Доневски.

Би сакал оваа средба да го воспостави патот на разрешување на сите проблеми. Да ја развиеме комуникацијата со грчкиот народ, бидејќи така ќе може побрзо да влеземе во ЕУ. Оваа средба е од големо значење и за Македонија, односно за нејзин побрз влез во ЕУ, потенцира извршниот секретар, Доневски.


Сите заинтересирани кои сакаат да присуствуваат на Третата светска средба на децата - бегалци која ќе се одржи во Лерин од 15 до 20 јули, подетални информации можат да добијат во клубот "Незаборав" кој се наоѓа во комплексот на Трговскиот центар "Скопјанка", локал број 51. Тие можат да дојдат лично во Клубот или, пак, да се обратат на телефоните: 02/ 2467 - 130, 070/ 708 - 342, и 070/ 507 - 672.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"