ПОЛИТИКА

Се влошува безбедносната состојба во Република Македонија

ВАЗАЛИ НА ПОЛИТИЧКО КРИМИНОГЕНО НЕВРЕМЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Сите досегашни обиди да се врати контролата врз кризните региони паднаа во вода, бидејќи не проработе довербата кај албанското население. Нивната нетрпеливост кон државните органи и мешаните полициски патроли кои како волшебна формула се вметнаа во воспоставувањето на редот мирот и сигурноста, е евидентна.
  • Арачиново го заслужи епитетот "неосвоена тврдина" само што сега таа е тврдина и за Албанците. Тие повеќе не сакаат да бидат полицајци во своето село, бидејќи не сакаат да им служат како "глинени гулаби" на локалните револвераши.
  • Во Арачиново "стапот го изедоа" и телевизиската екипа на ТВ Сител и на МТВ, кои ни "криви ни должни" беа испотепани и едвај извлекоа жива глава.

Во Арачиново повторно пукна тиквата. Привидното "добро поведение" го вжешти лонецот. Тој врие оти "професорите" не успеаја да ги смират екстремистите и националистичките страсти. Затоа таму е опасно да се живее. Дури и обичните Албанци не се чувствуваат безбедни и затоа мора да ги наведнуваат главите пред желбите на локалните моќници и насилници.

Ваквото устројство, т.н. држава во држава со паралелни институции, не е од вчера. Тоа функционира одамна само што сега се манифестира во многу полоша форма. Секој кварт од Арачиново го контролира една личност, односно банда која го почитува договорот меѓу "босовите". Но, овој привиден мир може да се наруши, бидејќи по традиција Албанците не почитуваат држава, институции или тутори. Тие се покоруваат единствено на желбата на водачот, на семејството или на кланот. Оној што ќе го наруши редот и мирот може да предизвика лавина од негативни реакции, па дури да предизвика војна за територии, за бизнис и за жени. Оттаму оценката дека во Арачиново е воведен ред е лоша или е фатаморгана за преостанатите во Република Македонија.

ПРЕРАСПОРЕДУВАЊЕ

Арачиново го заслужи епитетот "неосвоена тврдина" само што сега таа е тврдина и за Албанците. Тие повеќе не сакаат да бидат полицајци во своето село, бидејќи не сакаат да им служат како "глинени гулаби" на локалните револвераши. Затоа ова е голем испит за Република Македонија. Ако таа успее барем и делумно да воспостави контрола во населеното место, тогаш ќе се положи испитот. Но, како што лошо се одвиваат работите, тоа тешко ќе оди. Не постојат минимални услови за нормално враќање на македонската полиција чие раководство се обидува да ни мачка очи. Јалови се и ступидни нивните иронични изјави дека ситуацијата е под контрола и дека полицијата и мешаните патроли нормално ги одвиваат сите пропишани активности.

Впрочем, што е нормално во нашава држава!? Ако мешаните полициски сили од полициската станица во Арачиново од своите претпоставени во МВР побарале нивно прераспоредување во други станици, тогаш кој ќе се нафати да работи во дувлото на ѓаволот. Тие ова барање го доставиле до надлежните за да го заштитат сопствениот живот. Имено, барањето го иницирале полицајците - Македонци, а ним им се придружиле и полицајците од албанско потекло. Во меѓувреме во Арачиново на служба се наоѓаат само полицајци етнички Албанци. Според информациите од МВР, ова барање е последица од настаните што се случија во четвртокот, во ноќта, на 12 овој месец во Арачиново, кога дваесетина насилници ја окупирале станицата во селото. Тие со вперено оружје ги киднапирале сите полицајци - Македонци и ги однеле во блиската борова шума над селото, каде што започнале да ги тепаат со нозе, со клоци, со тупаници и со кундаците од оружјето. Еден од насилниците им се заканувал на полицајците дека ќе ги ликвидираат и никој за нив нема да знае. Околу 22 часот, истата ноќ, откако групата вооружени насилници и екстремисти добила телефонски повик од извесно лице од Арачиново, познато по своите криминални активности, ги однеле полицајците кај бензинската пумпа "Давос" и ги ослободиле. Претходно, како што се обидуваат топката да ја смират на земја, од МВР било искажано дека биле преземени сите мерки за преговарање без употреба на сила. Во врска со прераспределувањето на нови работни места, надлежните во МВР објаснуваат дека тоа било класично ротирање на персоналот што, според нив, се одвивало според правилата на службата.

Меѓутоа, сите информациите што доаѓаат од теренот и од блиски колеги на малтретираните киднапирани полицајци, укажуваат на тоа дека полицајците - Македонци, се чувствуваат загрозени. Тоа особено било изразено откако беше убиен криминалецот Неџмедин Демири (25) од Арачиново, по кој полицијата подолго време трагаше поради сторени повеќе тешки кривични дела, а за кои имаше распишано потерница. Во меѓувреме МВР започна да истражува и да ги бара лицата кои биле вооружени и го сториле инцидентот во Арачиново. Според првичните информации, лицата што ги малтретирале полицајците наводно & припаѓале на криминалната банда на Демири.

НАСИЛСТВО

Инаку, по настанот во скопската наслеба Ченто, во кој беше убиен Демири, познат насилник, околу дваесетина арачиновци вооружени со автоматски пушки, пиштоли, бомби, ножеви, метални прачки и безбол палки, се обиделе да ја заземат полициската станица во Арачиново. Тие со заземањето на полициската станица сакале да се одмаздат за убиството на нивниот соселанец Неџмедин Демири, познат криминалец, кој беше застрелан од страна на полицијата која на 12 јуни спровела акција во населбата Ченто за негово фаќање и приведување. Според очевидците, разгневените етнички Албанци од Арачиново ја опколиле полициската станица и ја оневозможиле работата на мешаниот полициски состав на чие чело е Албанец. Не помогнале ниту убедувања од страна на тамошните полицајци, иако и тие се од селото, за да се откажат од нивните намери. Наместо да се тргнат оттаму, криминалните структури агресивно настојувале да влезат во полициската станица со намера да се одмаздат за смртта на нивниот другар којшто, според полциските досиеја, бил нивен криминален водач во многуте рекетирања кон Албанци кои имале свои бизниси во Скопје и во Арачиново. Според одредени извори, наводно, зад целата акција на неколкуте криминалци од ова село стоел советникот во Општина Арачиново, Фикри Биљали.

Во еден миг насилничката група влегла во полицијата и физички ги нападнала и ги малтретирала полицајците коишто биле на службена должност. Состојбата била многу напната и затегната се до оној момент кога околу 23 часот во селото за преговори дошле претставници на политички партии на Албанците во Македонија и претставници на меѓународни мисии во државава.

Во овој временски теснец во кој владеел хаосот, а не редот, во Арачиново се случиле два посериозни инцидента. Во едниот околу 20,30 часот кај влезот на бензинската пумпа "Давос" пред Арачиново, на местото каде што се дели патот за Брњарци, екипа на телевизија Сител била нападната од девет вооружени криминалци. Покрај сериозни повреди во пределот на главата, телото и нозете, што ги задобил снимателот Бојан Костовски, полесно била повредена и новинарката Ивона Талевска. Таа во врска со ова истакна дека "поради можноста состојбата во Арачиново да ескалира во инцидент од поголеми размери, во договор со колегата Бојан, останавме далеку пред селото. Бојан, се сеќавам, стоеше надвор. Одеднаш до нас запре автомобил 'мерцедес', со црна боја, со скопски регистарски таблички (СК-250-ЦЛ)".

По него дојдоа еден на мотоцикл и уште четири други лица во џип. Без ниту еден збор или објаснување, предводникот на бандата криминалци, Фикри Биљали, почна да го тепа колегата Бојан, по што му се придружија и другите од возилата. Еден дојде до нашиот автомобил и преку отворениот прозорец репетиран пиштол ми стави на глава. Случајот траеше околу три минути, по што сите се оддалечија од кај нас и заминаа во Арачиново. Бојан лежеше на земја. Ме зачудува тоа што додека Биљали и другарите не тепаа, екипа на странската мисија "Конкордија" за сето време беше тука до нас, на само неколку метри, и мирно го следеше настанот, изјави по настанот Ивона Талевска.

Вториот инцидент се случил околу 22,45 часот во кој настрада екипа на Македонската телевизија. Двајца членови од екипата се здобиле со тешки телесни повреди и тоа во присуство и пред очите на припадниците на европската мисија "Конкордија", а еден поминал со полесни повреди. Според претепаните новинари, нив ги малтретирале група од седум осум луѓе кои се качиле врз возилото на МРТВ и во возење ги отвориле вратите, принудувајќи го возачот да запре. Веднаш потоа ја извлекле екипата надвор и почнале да ги тепаат. Најмногу бил повреден снимателот Јован Лесански којшто, поради сериозноста на повредите, бил задржан на болничко лекување во Медицинскиот центар во Скопје, а потоа пуштен дома. Во инцидентот бил повреден и возачот Среќко Јовановиќ. Прес-службата на европската мисија "Конкордија" во своето соопштение по повод сериозните инциденти во Арачиново наведува дека тие присуствувале во селото за време на јавните безредија.

Тимовите на "Конкордија" кои редовно патролираат во таа област, се наведува понатаму во соопштението, биле во селото со цел да набљудуваат и да им дадат поддршка на тимовите на ОБСЕ. Додека тимот на "Конкордија" ја набљудувал ситуацијата, една телевизиска екипа се "соочи со јавен гнев". Лицето чија глава крвареше потрча кон возилото. Војниците веднаш го примија внатре во возилото и заминаа. Новинарот којшто се наоѓаше во џипот, потоа го напушти возилото и се префрли во автомобилот каде што се наоѓаше остатокот од неговата екипа, се вели на крајот од соопштението на "Конкордија".

НАГАЗНА МИНА

Република Македонија, нејзините кревки институции, МВР и АРМ, се соочуваат со старо-новиот предизвик, враќање на јавниот ред и мир. Сите досегашни обиди да се врати контролата врз кризните региони паднаа во вода, бидејќи не проработе довербата кај албанското население. Нивната нетрпеливост кон државните органи и мешаните полициски патроли кои како волшебна формула се вметнаа во воспоставувањето на редот мирот и сигурноста, е евидентна. Но, зошто? Дали секоја акција против кој било докажан криминалец мора да биде сфатена како обид да се наруши албанското национално право, или тоа е закана кон институциите на ситемот кои не треба да се мешаат во нивниот пашалук?!

Оттаму, последните инциденти, вклучувајќи го и загинувањето на војникот од подметната нагазна мина на северната граница, укажува дека целта на Албанците не им е сожителството, туку остварување на вековната идеја – "Голема Албанија". Затоа да не се лажеме, туку да се преиспитаме што сакаат со оваа држава. Дали ваква каква што е ќе опстане, или ќе ја загубиме, бидејќи политичарите - Македонци не се доволно храбри, не се "мангупи" да ја жртвуваат кариерата за македонскиот народ и идните поколенија. Не може на друг начин да се сфати пасивноста на МВР кор не презеде некоја посериозна акција за смирување на тензиите и за апсење на бандитите и криминалците што ги контролираат кризните региони во земјава. Тие се вистинските господари на северозападните делови на Република Македонија, ние преостанатите сме вазали на ова политичко невреме кое не зафати само затоа што мораме да живееме на овие простори, иако тоа можеби веќе се помалку и помалку го сакаме.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"