ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

...УБИВТЕ ДЕЦА!

Гог ма Гог

Проклетата репортерска професија ме однесе во Мокриште, свето место над Ваташа да ја чујам - тишината... Овде убија деца, навистина деца и по ликот (најмногу) и по годините, но возрасни по убедувањата, да си ја сакаат татковината и слободата. Надвиснат над имињата Блаже, Ванчо, Пане русокосиот и Пане црномурестиот, Ристо, Перо, Васил, Ферчо, Диме, Данко Илчо и Герасим, се присетив на една антологиска песна на Блаже Конески, во која тој на еден македонски плоштад, кај што се изложени телата на македонските револуционери, ја следи храбрата мајка доведена тука од егзекуторите, да го препознае својот син единец - херој.

И како што сите мајки на светот, и последно да е влакно од косата на главата, по него ќе си ги препознаат своите деца, така македонската мајка го гледа синот мртов, но отсечно вели: "...Не, не е Тој!".

А, како може да биде Тој, кога сите сме - Ние?!

Татковците само почнуваат, а Мајките се тие што ги продолжуваат битките за слобода на своите Деца, вели филозофот. Во неговата не многу рационална синтагма има нешто библиско, како што има досега ненадминатата метафора во најдобрата книга на сите времиња, по Библијата, "Дон Кихот" од Сервантес: Вистината, да ја прашаш, таа никогаш не бара алиби. Оправдување бара само лагата... Дон Кихот "сиромашкот" се бори и прибегнува за докази. Со мечот бара признавање, оти само во признавањата ја гледа суштината на својата вистина. Длабоко во својата душа тој чувствува дека неговата Дулчинеа не е кралска, ами гоедарска ќерка од најнизок ранг, и дека неговите непријатели не се витези, туку ветерниците и дека тој не победува горди војски, ами стада овци!

Убивте деца, викна една мајка кога ги виде јагленосаните тела на се уште необлечените во војничка униформа кај Карпалак, на која & се придружи гласот на друга мајка од Мала Речица, по жалта за своите три сина!

Деца убиваат во Ирак, во Чеченија. Нечии деца беа убиени кај Раштански Лозја... Светот се превртел, поулавел. На една палестинска мајка од Рамалак & го носат убиениот син само што наполнил 16 години. Успева единствено да го погледне, но не и да заплаче, зашто во следниот момент офнува и раѓа нов - син!

Нема оружје на светот што може да ги убие сите синови на нашите мајки. Од каде тогаш таа ненаситна желба да се сее само смрт?

На Јудејската војна од Флавие, токму на местото каде што денес се одвиваат невидени сцени на мачење и умирање, е прикажана премиерата на меѓусебното човечко истребување.

Убиството на децата не е само со оружје. Доволен е еден нарко-дилер да бидат егзекутирани десетици и стотици убави, здрави, весели деца на кои треба да почива иднината на овој свет... Убиваат деца и партиите. Кога децата денеска ќе ги "подготвиме" партиски за кого треба да бидеш, а за кого не, и зошто тоа треба да го правиш, тогаш тие "уморни" и "депресивни" се губат во ноќта, кај што во алкохолот и чадот од треви бараат утеха.

И бегството на децата од татковината е - убивање. Тоа го знаат најдобро актерите на егејскиот егзодус пред 50 години, а денес го репризираат и нивните деца кои заедно со другите ја напуштаат "оазата на мирот" за да отидат во "вртлогот на животот".

Убивате деца е - мементо! Во таа опомена, на која многумина се оглушуваат, се крие најголемата криминална злоупотреба. Употреба на деца во кражби, во партиски војни, во шверц, во тешка физичка работа... Нешто чудно се случува со нас и со децата. Ние како никогаш да не сме биле деца, а децата како секогаш да се - возрасни?! Но, тоа веќе е проблем на науката, а не на импровизацијата.

Човекот е слаб кога е жртва. Но, можеби е уште послаб кога е тиранин. Оти "подготвувате" деца за такви занимања? Па нели сите имаме право да си ја сакаме татковината, слободата и животот каков што ни следува!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"