енералот Ристо Галевски во
2001 година беше првиот човек на униформираната полиција. Но, подоцна се
повлече од функци-јата поради разни причини, меѓу кои беа и несогласувањата
со политичарите околу начинот на раководењето со полицијата. Се врати во
Центарот во Издризово со единствена цел - да се отвори полициска академија
која ќе ги пополни низата безбедносни празнини што настанаа по укинувањето
на Факултетот за безбедност и стопирањето на Средното полициско училиште.
МС: Господине Галевски, идејата за ревитализација на Факултетот за
безбедност, односно за основање на полициска академија што подолго време се
подготвува, конечно ќе се реализира. Дали оваа идеја беше Ваша или проникна
од мислењето на другите стручњаци во МВР кои оценија дека треба да има
промени во обуката на кадрите од областа на безбедноста во земјава?
ГАЛЕВСКИ: Би бил нескромен ако кажам дека идејата беше моја. Но, како
што вие потенциравте, таа произлезе од потребата да се ревитализира, односно
да се етаблира една институција која ќе обучува и едуцира кадри за потребите
на безбедноста. Затоа како поединец кој научил многу лекции во работната
кариера, сакам да помогнам и да придонесам во надградбата на тоа што значи
воспоставување полициска академија која ќе одговори на сите современи
предизвици за обучување и едуцирање кадри кои ќе можат да се справат со се
пософистицираните форми на криминалитет. Вие знаете дека криминалитетот не
признава граници, не признава вери и нации итн. Тој Проект е актуелен уште
од оној момент кога се донесе Законот за Центарот, со кој на некој начин се
стави клуч на Факултетот за безбедност и на Средното полициско училиште.
Меѓутоа, во овој вакуум безбедноста не трпи импровизации. Таа е многу
сериозен сегмент од општественото живеење и е заеднички проблем на сите
граѓани. Кога велам дека безбедноста е проблем на граѓаните не мислам дека
за неа конкретно се задолжени само професионалните служби на државата,
односно за неа тие треба и мора да имаат познавање. Ние во поранешниот
систем имавме една општествена самозаштита која како форма ја познававте. Но,
во современото живеење сите граѓани мораат точно да бидат информирани што е
нивна обврска и кои се нивните права од областа на безбедноста. Имено, кај
нас постои една востановена традиција - за минорен проблем се повикува
полицијата да го реши. Како, на пример, кога доаѓате во Центарот и наидете
на едно паднато дрво, луѓето се уште размислуваат дека за таа работа треба
да се повика полицијата која ќе ги повика надлежните служби за да го
отстрани дрвото. Но, кога зборуваме за безбедноста и за сигурноста, таа мора
да функционира како една лепеза на елементи и на субјекти кои точно си ја
знаат својата работна обврска и благовремено се решаваат за акција. Меѓутоа,
повторно ќе се вратам на вашето главно прашање, луѓето што професионално си
ја работат оваа професија и им е основна љубов, се свесни дека тоа што се
случи со Законот од 1995 година, со кој се укина Факултетот, мораше да се
изнајде друго решение кое ќе одговори на општествените потреби. Таквиот
потег, во тој момент сам по себе си се образложи, иако за него имам многу
објаснувања.
Прво, би започнал од Средното полициско учулиште. Вие знаете дека тука се
доаѓаше на 14, односно на 15 годишна возраст. Учениците завршуваа на 18,
најдоцна на 19 години што значи во тие четири години имавме малолетни лица
кои се соочуваа со сериозна обука во која се користеше оружје. Притоа,
постоеја некои основни принципи во животот во кои не можете да му дадете
оружје на малолетно лице. Второ, се поставуваше прашањето дали кандидатите
доаѓаа по своја волја, по свој избор. Знаете, дете на 15 години уште е
неоформена личност, не може објективно да се каже дека тоа била негова лична
желба. Веројатно препораките биле по сугестија на родителите и пријателите.
Но, тој концепт мислам објективно е надминат. Меѓутоа, и кога се отвори
Факултетот во 1978 година, а беше затворен со Законот од 1995 година, тој не
згасна. Во овој период запишаните студенти имаа можност да го завршат своето
образование.
СЕЛЕКЦИЈА
МС: Тука би сакале за момент да Ве прекинеме, бидејќи потенциравте дека
импровизациите се одразија врз безбедноста на Македонија, односно во
полицијата се донесоа правници, економисти и различни други лица. Дали
сметате дека со нивното вметнување во безбедносниот систем, политичарите
згрешија?
ГАЛЕВСКИ: Токму така, импровизации се случуваа. Не кријам, а можеби и
на некој нема ова да му се допадне. Меѓутоа, немам ништо против завршени
кадри, дали тоа се од Правен или Економски факултет. Но, тие мораат да
поминат една планирана соодветна дообука. Ако може да се каже и
преквалификација. Затоа сега доаѓаме до основното прашање - што планираме во
иднина? На основните полициски курсеви може да дојде ист таков кандидат. Тоа
ќе биде предуслов за да може тој што побрзо да напредува во службата.
Меѓутоа, ќе треба да стартува од местото каде што му е одредено, бидејќи вие
не го носите како готов кадар. Видете, секое занимање, да речеме, си има
свои силни страни. Но, за да се раководи со полициски единици мора да има
соодветни индивидуални карактеристики кои ќе дојдат до израз во оној момент
кога ќе биде обучен, вака шансите за успех се сведени на минимум. Затоа, ако
вие водите една процедура, дообука, негово оценување, да речеме на
целокупното однесување, кога ќе го поставите на вистинското место, тој може
со успех да одговори на задачи што му се поставени. Затоа во потполност се
согласувам со вас. Моето доаѓање е поврзано токму со полициската академија.
Можеби има и други елементи, но тие не се побитни. Затоа, да направам едно
кусо резиме. Прво треба да се селектираат најдобрите кандидати при
регрутацијата, а дури потоа да се направи најдобра обука и едукација која,
ако хипотетички се изјасниме, ќе биде добра основа за квалитетен кадар.
МС: Нам ни се чини, можеби ќе не побиете, дека токму овие импровизации се
покажаа при последната полициска акција во село Раковец, Тетовско. Не може
една банда да побегне, ако има професионално обучени полицајци кои се
соочуваат со сериозни криминогени елементи потпомогнати од јатаци во селото.
Затоа Ве прашуваме, зошто се ангажираат курсисти во вакви или слични акции
од посериозен тип?
ГАЛЕВСКИ: Вака, јас во овој момент немам природно право да ја
оценувам акцијата во Раковец. Сепак, сметам дека луѓето што беа ангажирани
или учествувале се професионалци, и тоа треба да го прават. Дали е успешна
или неуспешна, тоа е друго прашање. Тоа е прашање на проценка, односно на
потребните елементи кои треба да се знаат кога се планира една таква акција,
една сериозна операција. Кај нас токму тука е проблемот кога зборуваме за
безбедноста. Ние не треба да мислиме само на полицијата во униформа и на
крим-полицијата. Тука има други сегменти, други служби кои треба да помогнат
со соодветни информации, кои се благовремено проверени. Тоа треба да се
направи за да се знае каде се оди и зошто се оди. Ова гласно го размислувам,
бидејќи за ваков случај не може да се прави една таква сериозна операција во
којашто може да погинат луѓе, а да не се знае што не очекува таму. Затоа
потребно е луѓето што го прават тоа да имаат сознанија, да владеат со
состојбите. Треба да знаат што ја чека полицијата таму, бидејќи треба
соодветно да се постапи, а не тоа да не изненади.
МС: Повторно го посочуваме вакуумот од 1995 до 2001 година кој можеби се
одрази врз безбедносниот систем на РМ, како што е Дирекцијата за
контраразузнување и обезбедување, или Агенцијата за разузнување и другите
служби. Колку лицата што не ја минале запишаната законска процедура за
наобразба во Центарот, а потоа биле вработени во овие служби, придонеле за
ослабнување на аналитичките структури во безбедносниот систем на земјава?
ГАЛЕВСКИ: Прво е потребна правилна поставеност. Посветеност на
работата што во суштина претставува основен принцип за професионалност во
работењето и во извршувањето на задачите. Е, сега, основната полициска обука
не би ја поврзал со разузнувањето, туку со високото образование што беше во
состав на досегашниот Факултет за безбедност, или на идната полициска
академија која ќе има образование токму на овие прашања. Таа ќе даде одговор,
односно ќе понуди и ќе формира кадар кој ова ќе може да го работи. Јас
слободно би си го земал правото да кажам дека во ваквите ситуации, како што
вие ги потенциравте, една работа на сите мора да им биде јасна - дека ќе
мора да се стави строга граница до каде политичарите ќе се инволвираат, а
што е професија или занает. Политиката ќе прави рамка, а професијата ќе го
работи она за што е обучувана. Полицискиот еснаф, цивилен или униформиран,
ќе се занимава со реализацијата на зададените задачи. Но, од друга страна,
се наметнува прашањето на размена на информации меѓу службите. Јас отворено
ќе ви кажам - Агенцијата за разузнување со контраразузнувањето во МВР мора
да функционира беспрекорно, бидејќи ако од тие служби се добијат
веродостојни информации за извршителите на оваа или на секоја идна операција,
тоа дава насоки како при задачата да се планира ризикот од неуспех, а
грешките ќе мора да бидат сведени на минимум. Значи, правилна безбедносна
проценка се прави со сите елементи, од бројноста на луѓето кои треба да се
третираат во таа акција, до нивната опременост, мотивираност, нивните јатаци
итн.
Ќе повторам, во моментов не сум надлежен да го коментирам случајот, но на
крај како долгогодишен работник во полицијата, па и граѓанин на оваа држава,
како и сите, и јас се интересирам што се случува со нашата земја. Ние сакаме
да поминеме од Скопје за Охрид безбедно, а притоа да не мислиме по патот
дали се движиме сигурно, или треба да се чуваме од тоа дали ќе не запре
редовна униформирана полиција, или пак некој од таму со вперено оружје ќе ни
одземе предмети, па не сме на список, не сме навни, и ќе не малтретираат.
Сите тие работи го градат чувството на непријатност и на несигурност.
МС: Дали мешањето на политичарите во професионалноста, во обезбедувањето
на редот, мирот и сигурноста во РМ придонесе да се направат многу грешки?
ГАЛЕВСКИ: Пред малку ја коментирав оваа тема кога го засегнав
прашањето зошто го укинаа Средното училиште, бидејќи за Факултетот не би
важеле истите причини. Но, дотогашното едуцирање беше прилагодено на еден
претходен општествено-политички систем каде што тие кадри пред се се
обучуваа да & служат на власта. Во овој период на транзиција, од 1990 година
до сега, јас не сум многу среќен, но сметам дека тоа е вистината. Меѓутоа,
наскоро се движиме кон тој дел. Мора еснафот да му служи на законот, односно
служејќи му на законот, му служи и на граѓанинот, а не тој да биде сервис на
власта. Сервис на власта ќе биде онолку колку што оние што се на власт
креираат, прават закони, но со ова завршува политиката. Дури потоа доаѓа
работата на полицаецот или на инспекторот кој практично го применува законот.
Меѓутоа, има и уште една работа - има потреба од силна општествена контрола
во постапувањето на полицаецот. Имено, секоја индивидуа во својата
општествена заедница се обидува и сака да се докаже. И токму поради тоа се
случуваа пречекорувањата на она што законот го дозволува. Политичарите
прават грешка коишто не ја зајакнуваат општествената контрола врз работата
на безбедносните структури.
ПОСТАВЕНОСТ
МС: Дали програмата на полициската академија ќе содржи елементи од
летните курсеви што се организираа во Центарот во Идризово?
ГАЛЕВСКИ: Како и да сакате да постапите, тие курсеви имаат и добри и
лоши страни. Мислам дека во оваа фаза што досега се наоѓавме, според мене, е
пронајдено најоптималното решение. Таквиот начин на едукација се
имплементира на малцинските заедници во полицијата и сметам дека се прави
сериозен и успешен напор во градењето на довербата која за жал исчезна од
овој простор. Тоа воопшто не е спорно, туку друго е проблематично, а тоа
сакаме да го надминеме со Проектот на Законот за полициска академија. Тие ќе
имаат континуирано образование. Секој што ќе заврши основна полициска обука,
по одреден период за да може да се движи и да напредува во службата да биде
прераспределуван, ќе мора тука да се врати на дообука. На некој начин тој
постојано ќе биде врзан со полициската академија и со континуираната
наобразба. Тоа би траело се до неговото пензионирање. Според решенијата од
Законот што е донесен во Парламентот, основната полициска обука ќе трае 12
месеци од кои девет ќе се одвиваат во Центарот, а три во практиката. Другата
работа е континуираното образование во кое сите кои веќе се вработени по
оценка на претпоставениот, со анализите што ги прави МВР, повторно ќе се
враќаат тука и ќе завршуваат дополнителни курсеви. Значи, за да бидеш во
некој сектор, или за да си помошник командир, мора да завршиш соодветен курс,
а потоа да ти се додели задачата. Со ова би постигнале едно професионално и
оперативно ниво, а со високото образование би направиле тимови за стратешко
раководење кои ќе ја планираат стратегијата на работата во Министерството.
Значи, тоа е вториот елемент што ќе треба тука да се изучува. И трето, ќе
имаме четиригодишно високо образование, иако и тука постоеја дилеми, особено
во консултацијата со странците, дали тоа треба да биде тригодишно како што е
во другите земји или четиригодишно кое е прилагодено на нашето високо
образование. Но, сепак, нашите идни кадри во четвртата година ќе се насочат
кон одредена специјалност. Дали тоа ќе бидат три или четири области, ќе
видиме. Размислуваме за насока за униформирани офицери, криминалитет и
безбедносни и контраразузнувачки проблеми итн. Во меѓувреме се постави
прашањето дали тоа ќе биде економски исплатливо, но постои реална можност
Владата да донесува одлуки кога ќе објавува конкурс за прием на студенти, а
кога не, односно во кој период високото образование од полициската академија
би се ставило во мирување.
МС: Потенциравте дека во високото образование ќе има три или четири
насоки. Дали во овој правец чувствувате дека нема кадри што се подготвени да
работат на разузнувањето?
ГАЛЕВСКИ: Со сигурност не би можел да дадам некоја оценка за
состојбата во службите за разузнување. Но, дел од колегите што тука го
завршија своето школување таму работат. Меѓутоа, се наметнува прашањето
каков е пристапот во раководењето, кој на кое место ќе се постави. Вие ако
имате некој претпоставен кој не ви рамен, а уште полошо ќе биде ако ви е шеф,
тогаш работата нема да оди. Мора да има правилно движење во службата и во
кариерата. Ако почнам од себе, да бев на оваа позиција пред 10 или повеќе
години, би бил само импровизатор. Затоа оваа надградба е потребна и се прави
камче по камче. Јас тоа особено го знаев кога нешто недостасува кај
униформираната полиција, бидејќи на таа позиција бев цело време. Недостасува
тимска работа и институционално разменување на проверени информации. Тоа е
резултат на погрешното ангажирање на недоволно обучени луѓе. Не може врз
база на озборувања да се прават сериозни активности. За таа информација да
стане податок, на неа треба макотрпно да се работи, да се потврди или да се
елиминира како неоснована. Токму такви работи кај нас недостигаат. Мислам
дека со тоа што ние го планираме треба да воведеме европски стандарди кои се
прифатливи за нашата средина. Ќе профилираме кадри кои ќе бидат подготвени
да ги препознаат и да ги почитуваат правата на граѓаните. При тоа ќе умеат и
да постапуваат законски, правилно, објективно и непристрасно. Тие на крајот
ќе мора да го совладаат стресот што ненадејно ќе се појави на улица и да
одговорат на сериозните предизвици од областа на безбедноста.