КОМЕНТАР

Македонски плурализам

КАКО ДА СЕ ТРАНСФОРМИРА АМЕРИКА?

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • По којзнае кој пат страдаат малите народи кои континуирано се жртви на интересите на големите сили. Се бараат реформи кај малите народи, кај младите демократии, се развлекуваат процесите на транзиција, се осиромашуваат, асимилираат, се поставуваат марионетски влади, се претвораат во полупротекторати, стануваат земји - жртви на неоколонијализмот.
  • Суштината на борбата за промена на американското општество треба да биде водена од идејата да се натера моќниот Американец да има повеќе разбирање за позицијата на другиот човек од друга земја, да се обиде да ги разбере другите земји и нивната различност и интереси да ги прифати како легитимни.

Соединетите Американски Држави ја предупредија Европската унија дека нејзиното ангажирање во корист на Меѓународниот кривичен суд дополнително ги оптоварува трансатлантските односи.

Во доверливата нота која САД минатата недела им ја упатиле на владите на земјите - членки на ЕУ, се наведува дека би била голема штета ова прашање да предизвика несогласување и разлики на претстојниот самит на САД и ЕУ на 25 јуни. Џорџ Буш во Меморандумот ги обвини Европјаните дека настојуваат да ги спречат напорите на САД да ги заштитат Американците од гонење пред тој Суд и укажува дека мора да престанат со тоа. ЕУ минатиот месец им упати писма на 10 земји кои наредната година ќе станат членки на Унијата, како и на земјите од Балканот кои сакаат членство во ЕУ, во кои ги повика да не потпишуваат билатерални договори со САД за изземање на американските граѓани од надлежност на МКС, што би било во спротивност со европските правила. На државите им е даден лажен избор меѓу Европа и САД, што предизвикува дополнителна напнатост во трансатлантските односи, се истакнува во американската нота до владите на ЕУ. Но, и покрај противењето на Германија и Франција, малку кој е подготвен на уште една жестока расправија со администрацијата на Буш, како што беше во врска со војната во Ирак.

ЗАКАНИ

Америка наводно им се заканува на некои балкански земји дека ќе им ја прекине помошта и поддршката, доколку не потпишат договор за имунитет. Од друга страна, препораката на земјите кои сакаат да & се приклучат на ЕУ не содржи такви уцени. Администрацијата на Буш со остра нота ги предупредила земјите од Европската унија дека нивното спротивставување за давањето имунитет на американските граѓани ќе предизвика многу штетен раскол. Европските дипломати возвраќаат со обвинување дека САД ги тераат сиромашните и ранливите земји да потпишат договор кој од темели го подрива новоформираниот Суд. По којзнае кој пат страдаат малите народи кои континуирано се жртви на интересите на големите сили. Се бараат реформи кај малите народи, кај младите демократии, се развлекуваат процесите на транзиција, се осиромашуваат, асимилираат, се поставуваат марионетски влади, се претвораат во полупротекторати, стануваат земји - жртви на неоколонијализмот.

Прашањето што ми се наметна е: може ли да се реформира и транформира Америка? За доброто на самите американски граѓани, за доброто на сите други народи на планетата земја. Американските административци постојано зборуваат за своите високи морални принципи и демократски визии за напредок на човештвото, а притоа немаат јасни идеи и подготвеност тоа да го реализираат. Но, за да се стори тоа, неопходно мора да жртвуваш нешто и од сопственото. Расчекорот кој постои меѓу Европа и САД во моментов по повеќе прашања од глобален интерес само ги усложнува и онака замрсените работи. Притисоците од Вашингтон врз поголем дел од европските земји да сторат нешто за нивната трансформација наидува на спонтана и непрецизна реакција од европските сојузници. Преголемата доза на влијание врз слабите постсоцијалистички земји од страна на САД ја раслојува каква таквата сплотеност на европските држави кои не можат да изнајдат начин за одвраќање на ударот кој се заканува да ја иситни картата на единството на стариот континент. Кое е решението?

Кога се заговара обединета Европа, односно европска федерација, треба да се постави прашањето: дали западните демократии воопшто знаат како да ги сочуваат многунационалните држави? Секојдневно се повикува на една Европа, на континент без граници, на федерација со еднаква рамноправност. Тешко се доаѓа до тоа. Зошто не ја сочуваа Југославија која беше Европа во мало или една Чехословачка која беше во срцето на Европа? Зошто Белгија внатре е поделена на валонски и фламански дел, зошто Шкотска се повеќе се одвојува од Британија, а Каталонија од Шпанија? Па, зарем е можно по сите овие примери да зборуваме и да анализираме за визијата на некаква обединета Европа која се повеќе се растура. Од Француската револуција во 1789 година до почетокот на Првата светска војна во 1914 година во Европа се создадени 12 нови држави, а во краткиот период по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година проникнаа повеќе од дваесет нови државни субјекти. Тоа е показател дека создавањето еднонационални држави почнало одамна, а веројатно и ќе потрае. Ќе ни се случува Косово, ќе биде неизвесна иднината на Босна, Македонија, Баскија ќе се сепарира... Во југоисточна Европа последиците од брзите и непромислени потези на народите за самоопределување се покажаа како катастрофални. Најмноу страдаа самите народи кои ги создаваа своите држави со помош на западните администрации. Уште тогаш сонот за единствена Европа пропадна и денес залудни се напорите тој процес да се обнови кога се заговара независност на уште неколку области од минијатурен тип. Со тоа Европа изгуби и на меѓународен план, го наруши својот углед и дозволи еден нејзин дел да крвави цела деценија. Затоа денес американската доминација во светот е многу силна.

ПРОМЕНИ

Она што деновиве и месециве наназад се случува на Средниот Исток со Ирак, Авганистан и други земји од сроден тип еден ден ќе се случува и во лулката на цивилизацијата, во срцето на Европа. Дефинитивно е јасно дека "Старата дама" нема концепција како да & парира на американската надворешна политика, па затоа фактичката состојба денес е таква. Ако Европа нема средства и моќ да го запре процесот на разградба кој одамна е почнат, ако таа не може да ги контролира своите географски територии во политичка смисла на зборот, тогаш кој е спасот. Многумина излезот го гледаат во трансформацијата на американското општество.

Токму така, потребни се реформи во самото уредување на американската држава за да се спречи глобалниот хегемонизам и неоколонијализам ширум светот. Како да се стори тоа? Дали може однадвор да се влијае на тоа или самите американски граѓани треба да го сменат актуелниот курс кој пали и жари по сите светски меридијани? Сега се доведуваме во ситуација како пред неколку години во случајот со српскиот режим на Милошевиќ. Дали Слобо да се руши однадвор или одвнатре. Се проба и едното и другото, па се виде која стратегија даде резултати. Во случајот со американската демократија тоа би имало поголеми последици отколку локалните примери. Имено, наглата промена на американскиот систем би довела до големи последици по многу земји, вклучувајќи го и нашиот регион кој е премногу зависен и трпи влијание од најмоќната администрација. Тоа би било пат кон глобална катастрофа. Суштината на борбата за промена на американското општество треба да биде водена од идејата да се натера моќниот Американец да има повеќе разбирање за позицијата на другиот човек од друга земја, да се обиде да ги разбере другите земји и нивната различност и интереси да ги прифати како легитимни. Се поретко може да се најде класичен американски политичар, кај нив има се помалку одмереност и трезвеност, внимателност и стрпливост. Од ден на ден американскиот политичар е се повеќе воинствен, самобендисан и милува да се заканува. Својата слика за светот ја гради на информации и површни анализи кои им ги сервираат медиумите. Ниту еден светски политичар, ниту една светска институција или организација не се решава на експресен и перфиден начин да упати закани кон некоја земја, или да воведе санкции кон некој народ и некоја влада како американскиот. Меѓутоа, тие потези не се доказ за некаква одлучност, туку обид за владение со планетата. Оттука, сите светски демократии треба да почнат да се борат Америка да го развие сетилото за разбирање и на крајот на краиштата да сфати дека политиката е уметност за подобрување на начинот на живот, како себеси така и на другиот, а не средство за газење на послабиот и противникот. Американската политика треба да се врати на старата државна мудрост и дипломатска вештина, а не на наметнувањето на својата волја по пат на воена сила.

Џорџ Буш го нападна Ирак. За да биде запаметен во историјата неопходни се драматични случувања во кои тој ќе ја спасува својата земја или нејзиното единство. Абрахам Линколн владееше во екот на Граѓанската војна, Рузвелт во периодот на Втората светска војна, Џон Кенеди за време на Кубанската ракетна криза во 1962 година. Освојувајќи го Ирак, Буш не стана ниту Рузвелт, ниту Линколн, ниту Кенеди, но ги зголеми своите шанси да остане запаметен и повторно да биде избран за претседател. Американскиот воен буџет значително го надминува збирот на европските, па на моменти и заедно со рускиот. Ваквата воена моќ го присилува американскиот надворешно-политички естаблишмент да ги бира воените опции. Без намалување на воениот буџет, тешко дека Америка ќе стане мирољубива. Затоа намалувањето на средствата за воените потреби треба да биде едно од главните барања на сите критичари за современа Америка. Американскиот Конгрес лесно ги изгласува воените кредити пред се поради фактот што оружјето се произведува во самата Америка па со тоа се поттикнува и производството, растот на стопанството и се намалува невработеноста. Дури и американските универзитети на кои професорите и студентите се либерални противници на војната, заработуваат огромни суми со својата научно-истражувачка работа за воената индустрија. Денешна Америка е многу помалку стрплива од онаа по 1945 година. Европа е свесна за тоа. Затоа таа не може да & возврати на вистински, професионален и машки начин. Периодичните несогласувања меѓу Брисел и Вашингтон ќе останат само лоши мини-епизоди од меѓусебните односи. Соработката мора да продолжи. Не дека Европа сака на таков начин, туку пред се поради тоа што е принудена тоа да го прави. Немоќта и неслогата тоа го налагаат.

Европа нема поголем политички морал од САД. Тоа досега многупати се покажа. На пример, "големиот" европјанин Жак Ширак говореше пред четири години дека Србите се народ без вера и без закон и беше еден од најгласните заговорници за бомбардирање на Југославија за денес истиот тој претседател да се претвори во миротворец во случајот со Ирак. Некои изјави на Ширак за муслиманите во Франција граничат со класичен расизам и личат на оние кои припаѓаат на најозлогласените терористички организации, а од друга страна бара сплотеност и обединета Европа. Нечист морал и политички простотилак.

Како епилог на сето ова може да се заклучи дека најголемите губитници од овој глобален хаос ќе бидат малите држави, најмногу овие на Балканот. Растргнати меѓу истокот и западот, меѓу моќните и помоќните, по којзнае кој пат судбината им се повторува. Каде е решението? Во заедничкиот настап на обесправените, во заедничкото противење на процесот на нивно усмртување, во заедничките декларации и резолуции без присуство на Американци, Британци или Германци. Само така ударот ќе биде возвратен.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"