Македонски ора и македонски јазик во Лерин

Во репортажата на весникот "Дневник" од новинарот Бранко Ѓорѓевски за Македонците во Грција се вели дека во педесетина села околу Лерин не поминува веселба, свадба, или крштавка на која нема да се запее македонска песна, да се заигра македонско оро. Луѓето од тие села населени со Македонци веќе слободно и отворено зборуваат македонски.

Загина војник на АРМ

Видан Коцевски, професионален војник на АРМ, загина, а капетанот Дејан Стојковски е тешко повреден, откако теренско возило на македонската војска на 17 јуни нагази на противтенковска мина, поставена на земјениот пат меѓу кумановското село Белановце и караулата "Стража".

Животот го загубија двајца армиски војници

Живко Караџиќ (28) и Рахим Нухиу (32), припадници на резервниот состав на АРМ загинале во тешка сообраќајна несреќа која минатата сабота се случи во близина на скопското село Бањани. Полесно е повреден војникот по договор од резервниот состав, Бранислав Крстевски од Куманово.

Несреќата се случила кога оклопен транспортер "хермелин" во кој биле војниците од караулата "Билјак" при разминување со цивилно возило марка "голф" се лизнало од патот и се превртело во амбис длабок стотина метри.

Поддршка за "Лавовите"

"Лавовите" кои веќе неколу дена штрајкуваат со глад велат дека имаат сознанија оти од МВР се испратени телеграми до полициските станици со кои се бара од нивниот состав да се пополнат испразнетите места во два баталјона од каде што всушност тие биле избркани. Тие велат дека од министерот Костов се уште не добиле никаков одговор, но најавуваат дека ќе штрајкуваат се додека не добијат позитивен одговор. Граѓаните веќе почнаа да собираат потписи за поддршка на нивните барања.

Македонската црква ќе ја одбрани автокефалноста

Македонската православна црква ќе ги издржи сите искушенија и ќе опстои на својата вистина да го брани и одбрани автокефалниот статус и македонското име. Тоа го заслужуваме и бараме, зашто друг пат и избор немаме, порача од древната Катедрална црква "Света Софија" во Охрид, Поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.

 

 

Собраниска полиција

Поголемиот дел од вработените во собраниската служба за обезбедување ќе се вратат во МВР, ако спикерот на Собранието, Поповски, успее во намерата да направи собраниска полиција. На тој чекор вработените ќе се решат ако почувствуваат дека има сериозни можности Собранието да го изгласа Законот за собраниска полиција.

Коалиција СДСМ и ДПМНЕ?

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја дефинираа методологијата преку која ќе доаѓаат до меѓупартискиот консензус за прашањата од државен и национален интерес. Методологијата произлезе од средбата меѓу претставниците на овие партии која се одржа во просториите на Социјалдемократскиот сојуз.

Антикорупцијата бара 44 законски проекти

За ефикасната борба против криминалот во државата треба да бидат донесени и дополнети 44 законски проекти, како и да бидат изменети 18 уставни одредби. Ова е суштински дел од државната програма за превенција и репресија на корупцијата, која содржи препораки, мерки и рокови за нејзина имплементација.

Болничките соби без клима уреди

Болните "умираат" од неподносливата жештина во болничките соби на скопските клиники. За разлика од нив, од секој прозорец на Министерството за зравство "ѕирка" по еден клима уред.

Никола Пановски, заменик-министерот за здравство, вели дека знае оти треба да се набаваат клима уреди, но тоа се уште не било ставено во приритетите на Министерството.

Протераните Тетовци не добиваат храна

Протераните Тетовци веќе неколку дена не добиваат храна во прифатилиштата, затоа што Владата им наредила на управниците да не ги опслужуваат и понатаму. Таа оценила дека постојат сите услови, протераните да се вратат во домовите.

Македонска Амбасада во Австралија

Во Канбера, Австралија, од понеделникот официјално почна со работа македонската Амбасада. До именувањето амбасадор, на функцијата вршител на работите во Амбасадата е назначен Костадин Дораковски.

Кочо Рацин - 60 години од смртта

Во библиотеката "Гоце Делчев" во Велес беше одбележан јубилејот 60 години од смртта на основоположникот на македонската модерна поезија - Кочо Рацин. По тој повод беше отворена изложба на книги и изворна фотодокументација "Кочо Рацин и неговата непреболна муза".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"