СПОРТ

Работата на баскет-Федерацијата не е розова

"КОГА ЌЕ НЕ ИЗБРКААТ, ЌЕ ПОДНЕСАМ ОСТАВКА!"

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Македонската кошарка не само што ќе го сонува Првенството во Шведска, туку ќе го сонува и наредното затоа што ние сме префрлени во т.н. Втора лига од каде ќе треба да се избориме за наш пласман во квалификациите за Европското првенство.
  • Втората сериозна работа која мошне "успешно" беше сработена од владата која штотуку доби доверба, е долгот кој македонската Федерација не може да го исплати кон ФИБА.

Кошаркарската влада на Леонид Гајдаџиев преживеа уште едно гласање за (не)доверба. Тој доби доверба да ја води македонската кошарка до крајот на својот четиригодишен мандат затоа што има поддршка и преодна оценка на последното гласање.

"Успех" до "успех" - Гајдаџиев со екипата

Ова, секако, беше една неочекувана одлука за познавачите на македонската кошарка затоа што само неколку дена пред почетокот на седницата на која се гласаше, сите типуваа дека овој пат владата на Леонид Гајдаџив ќе падне.

ПОДДРШКА

Меѓутоа, владата на Гајдаџиев не само што не падна, туку таа мошне уверливо доби поддршка и легитимитет да владее до крајот на својот четиригодишен мандат. Сигурно на сите им е мило од досегашното водење на работите и сите процениле дека работата на кошаркарската Федерација досега е "многу добра", да не кажеме "одлична", така што нема никакви потреби за некакви промени. Но, што е она што ги фасцинирало клубовите за безрезервно да им ја дадат поддршката на Гајдаџиев и неговите пулени? Навистина тешко е да се најдат добрите моменти од владеењето на Гајдаџиев, па така ќе издвоиме само неколку.

Кога доаѓаше Гајдаџиев на местото претседател на Кошаркарската федерација на Македонија даде едно ветување со кое ги собра симпатиите на сите вљубеници на кошарката во Македонија. Тоа беше ветувањето дека ќе си даде оставка ако македонската репрезентација не успее да се пласира на Европското првенство во Шведска. И што се случи. Успеавме да изгубиме од Ирска, значи една "многу голема кошаркарска велесила", па потоа два пораза од Германија, провлекување против Босна итн., за на крајот да го освоиме само она место кое не не носеше во Европа. Гајдаџиев и неговата влада не се ни замислија и продолжија да работат како ништо да не било. Никој не си даде оставка.

ПОРАКА

Втората сериозна работа која мошне "успешно" беше сработена од владата која штотуку доби доверба е долгот кој македонската Федерација не може да го исплати кон ФИБА. Тоа го повлекува следното - исклучување на македонската Федерација од ФИБА, а со тоа и забрана за учество на македонската репрезентација и на македонските клубови во Европа. Ситуацијата, што би рекол македонскиот народ, е врвка. Ако не исклучат од ФИБА, тоа навистина ќе биде голем срам и доказ дека нашата кошарка ја водат луѓе на кои не им е местото таму.

Новата порака која сега Леонид Гајдаџиев ја испрати до љубителите на кошарката е тоа дека - ако не избркаат од ФИБА, тогаш сигурно ќе си поднесел оставка. Ние само ќе кажеме дека тогаш е доцна, господине Гајдаџиев. Подобро заминете си сега и оставете се на луѓе кои имаат визија да ја водат македонската кошарка.

Третото "одлично" нешто кое се случи во водењето на македонската кошарка не треба да го очекуваме, туку тоа веќе се случи. Македонската кошарка не само што ќе го сонува Првенството во Шведска, туку ќе го сонува и наредното затоа што ние сме префрлени во таканаречената Втора лига од каде ќе треба да се избориме за наш пласман во квалификациите за Европското првенство. Е, браво господине Гајдаџиев, навистина се надминавте во својата успешност во работата. Толку "успешен" претседател сме немале во ниеден друг спорт. Алал да ви е и вам и на клубовите кои ве изгласаа затоа што очигледно се задоволни што повеќе сезони немаме излезено во европските купови, туку се учествува во некои квазилиги и квазипрвенства на некои второстепени натпреварувања.

Она што треба да се нагласи, а што посебно боде очи е тоа што на сегашното гласање не учествуваа претставници од три клуба меѓу кои и од нашиот најтрофеен клуб "Фершпед Работнички". Тоа е секако знак дека поддршката што ја има Гајдаџиев не е целосна и таа може секој момент да превагне на другата страна.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"