ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Слегување на Светиот Дух - Духовден (Света Троица)

ЕДИНОСУШТЕН СО ОТЕЦОТ И СИНОТ

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • "Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него". Тоа е неизмерна сила со која Христос правел безброј необични чуда.
  • "И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свет и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свет да изговараат."

На денот Духовден се откри тајната на Божјото Тројство: Отец, Син и Свет Дух. Христос ни го објави вистинскиот лик на Бога, дека Бог е Еден по природа и суштина, но и заедништво на три личности кои се во совршена заемна љубов и разбирање. Светиот Дух е Дух на Божествено посинување. Празникот Духовден се слави 3 дена (од 15 до 17 јуни - по нов календар).

Света Троица

Кој е Светиот Дух? Која е таа невидлива сила, "сила одозгора" која се чувствува низ вековите, обновува, осветува, просветува? Светиот Дух е третото лице од Света Троица. Тој Дух ги вдахнувал и раководел пророците. Тоа е Божјиот Дух кој за време на создавањето на светот лебдеше над водата (пророк Мојсеј). "Духот на Господа, говори преку мене и Неговите зборови се на мојот јазик" (Св. пророк цар Давид). Тоа е "Дух Господов, дух на премудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и благочестивост" (пророк Исаија). "...Ќе излеам од Мојот Дух на секое тело" - зборува Господ преку пророк Јоил.

СИЛА

Во Симболот на верата за Синот Божји пишува: "... и се овоплоти од Светиот Дух и од Марија Дева и стана човек", како и "Верувам ... и во Светиот Дух, Господ Кој живот твори". Св. Јован Крстител сведочи дека Исус Христос е Син Божји и дека го видел Светиот Дух при Неговото крштавање: "Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него". Тоа е неизмерна сила со која Христос правел безброј необични чуда.

Св. Апостол Павле ни зборува за големата сила на Светиот Дух и дека е Единосуштен со Отецот и Синот. Преку Светиот Дух е откриено Светото Писмо. За време на Божествената Литургија свештеникот го повикува Светиот Дух и лебот и виното се претвораат во тело и крв Христова. Уште пред да се вознесе Господ Исус Христос, на своите апостоли им ветил дека ќе им го испрати Светиот Дух кој излегува од Отецот: "Но, ќе примите сила кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија и дури до крајот на земјата".

И навистина, десет дена по Вознесението на Христос, значи 50 дена по Воскресението, за време на еврејскиот празник Педесетница, се исполни неговото ветување. Затоа тој голем празник кој се однесува на настан во сеќавање на Света Троица, во Светата Црква се вика Света Педесетница, но и Духовден, а уште и Пресвета Троица. Овој настан е радосна средба на човекот со Божјиот свет.

ДАРОВИ

На денот Света Педесетница, во 9 часот наутро, Мајката Божја и апостолите се молеле во една ерусалимска куќа на Сион. "И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свет и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свет да изговараат". На тој значаен ден за човештвото "Самовладејачката сила на Светиот Дух видливо е испратена од Отецот на апостолите, преку Синот Божји, во вид на нематеријални огнени јазици". Луѓето од разни краеви на светот, дојдени во Ерусалим заради празникот Педесетница, се чуделе како можат апостолите да зборуваат за Божјите дела на различни јазици. Блескавиот огнен - благодатен здив на Светиот Дух - Утешител, ги просветил апостолите и тие ја познале Божјата Премудрост. Добиле дарови на Светиот Дух. Ги почувствувале плодовите од даровите на Светиот Дух: радост, мир, вера, љубов - онаа љубов на која ги учеше Исус Христус, за која зборува и Св. Јован Златоуст: "Каде живее љубовта, таму нема никаков Каин кој би го убил братот свој".

На Духовден апостолите примиле изобилна благодат од Светиот Дух и оттогаш Св. Евангелие го проповедале низ целиот свет. Затоа овој празник е раѓање на Христовата Црква. Истиот ден Св. ап. Петар пред насобраниот народ ја извршил првата проповед за Месијата Христос и веднаш се крстиле околу 3.000 луѓе. Во Стариот Завет тој празник се одбележувал во знак на сеќавање кога Господ на Св. пророк Мојсие, на гората Сион му ги искажал Своите заповеди за спасение на човештвото.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"