СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

Житијата на сите досега познати македонски светители (6)

ПУСТИНОЖИТЕЛ СО БЛАГОДЕТ

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Свети Прохор Пчињски му прорекол на ловецот Диоген дека ќе стане цар на Византија и така и се случило!
  • Македонците од Бер и Пиерија се расправале кои од нив да ги земаат моштите на свети Антоние Нов Чудотворец.

Продолжуваме со житието на свети Прохор Пчињски, чиј празник се слави на 15 јануари (стар стил), т.е. на 28 јануари (нов стил). Во ова житие читаме дека неговиот татко се викал Јован, а мајка му Ана. Обајцата потекнувале од овчеполските села и биле чесни христијани. Отпрвин немале деца и му се молеле на Бога да им подари рожба. Бог ги послушал нивните молитви и набргу им се родило машко дете, кое го крстиле Прохор. Описот на Прохор во неговото житие е предаден со следните зборови:

"Навистина овој Прохор беше светилник на светот, навистина посник, навистина пророк со пророчка дарба, навистина маченик кој лежел на камен. Кој јазик ќе го исповеда неговиот труд, на земски човек или на небесен ангел? Во планината поднесуваше зимски измачувања и трпење, а во лето - потење и жешко сонце. И ги обдари Господ неговите родители со ова свето дете. И засветли со добродетелта како ѕвезда која свети од исток кон запад и навистина стана втор Самуил - овој свет отец Прохор Пчињски беше пустиножител со благодет".

Во продолжение читаме дека кога пораснал родителите го терале да се ожени, но тој повеќе сакал да се подвизува во името Христово како пустиник. Го напуштил својот дом и отишол да живее во една планина. Таму нашол некоја пештера крај која имало извор со вода. Во неа останал да живее цели 32 години осамен со своите молитви. Големи маки доживеал среде зима на мраз, а среде лето на жештина. Се хранел само со зелје и со корените од околните стебла.

СВЕТИ ПРОХОР СЕ СРЕЌАВА СО ИДНИОТ ВИЗАНТИСКИ ЦАР

Но, еден ден, според Божјата волја, крај неговата пештера поминал некој ловџија. Свети Прохор седел пред пештерата кога пред неговите нозе прво дошла една срна. Тој ја погалил, а потоа се појавил ловџијата што ја бркал. Тој се викал Диоген и кога ја видел срната како мирно лежи крај нозете на свети Прохор се уплашил и почнал да бега. Тогаш свети Прохор го повикал со неговото име: "Диогене, немој да бегаш! Врати се, и јас сум човек". Кога ловџијата го слушнал своето име, сфатил дека се работи за свет човек. Уплашено му се приближил и клекнал пред него, барајќи благослов. Свети Прохор го благословил со зборовите: "Диогене, речено е да одиш во Цариград и да бидеш цар, но кога ќе дојдеш на престолот спомени ме мене старецот, поради пророштвото што ти го изреков".

Диоген заминал, чудејќи се на овие зборови на старецот, кои недолго потоа ги заборавил. Потоа свети Прохор ја напуштил пештерата и се населил во друга. Таму продолжил да се подвизува на Бога. Притоа честопати бил искушуван од ѓаволот, кого го победувал со силата на своите молитви.

Во меѓувреме ловецот Диоген и навистина отишол во Цариград. Во житието читаме дека тогаш во Цариград немало цар. На Цариградскиот патријарх му се сонило дека токму Диоген треба да биде цар и пред насобраниот народ фрлил жрепка, која се паднала токму на Диоген. Жрепката уште двапати била фрлена и обата пати паднала кај него, така што бил прогласен за цар. Откако станал цар Диоген ја слекол својата ловечка облека и облекол царска, а ловечката ја ставил во една одаја.

Во меѓувреме свети Прохор се преселил на небесата. По извесно време царот Диоген го сонил свети Прохор, кој му рекол: "Ја заборави твојата облека и мене старецот". Тогаш Диоген, во придружба на патријархот и својата свита, заминал да го бара местото на кое се сретнал со свети Прохор. Ја нашол пештерата, но таму ги немало моштите на светителот. Сепак, царот наредил таму да се изгради црква. Ноќта свети Прохор повторно му излегол во сонот на царот и му кажал каде да ја најде пештерата во која почиваат неговите мошти. Утредента царот и навистина ја нашол пештерата и моштите, кои се уште не биле изгниени. Царот и патријархот паднале на колена пред овие свети мошти. Потоа царот наредил да биде направен ковчег украсен со злато. Наредил ковчегот да биде однесен на местото каде претходно наредил да биде изградена црква во чест на светителот. Но, тогаш ковчегот станал неподвижен. Диоген сфатил дека желба на свети Прохор е да остане на тоа место. Така царот наредил и таму да биде изградена црква во која биле поставени светите мошти. Од овие мошти со текот на времето се случиле чудесни излекувања.

За свети Прохор Пчињски има зачувано четири житија, но сите претставуваат преписи од 19 век (д-р Вера Антиќ: "Локални хагиографии во Македонија", Скопје, 1977 година). Секако дека четирите житија од 19 век биле препишани од постари ракописи, кои денес не се зачувани.

Што се однесува до времето во кое живеел свети Прохор Пчињски, речиси сите истражувачи се согласни дека тоа е 11 век со тоа што некои претпоставуваат дека се родил кон крајот на 10 век, а починал во 11 век. Најголем доказ за ова е спомнувањето на ловецот Диоген, кој подоцна станал цар на Византија. Тоа всушност е царот Роман Четврти Диоген, кој владеел од 1067 до 1071 година. Поради фактот што свети Прохор бил старец за време на нивната средба, тогаш има основа претпоставката според која свети Прохор се родил на крајот од 10 век. Ова значи дека и тој извесно време бил современик и жител на Самуиловото царство.

Познато е дека Самуиловото царство било освоено од Византија во 1018 година. Веќе во 1040 година Македонците кренале востание под раководство на Петар Делјан. Свети Прохор Пчињски бил современик и на овие бурни настани. Историските податоци говорат дека војската на Петар Делјан поминала токму низ крајот каде во тоа време се подвизувал свети Прохор Пчињски.

Поради тоа што ловецот (а подоцна цар) Диоген ловел крај пештерата во која се подвизувал свети Прохор Пчињски, најверојатно дека и самиот имал македонско потекло. И денес е позната пештерата каде тоа се случило. Таа се наоѓа недалеку од црквата "Свети Ѓорѓи" близу селото Старо Нагоричане. Всушност, овде била црквата подигната од царот Роман Четврти Диоген, која подоцна била урната, а на нејзините темели во почетокот на 14 век била подигната нова.

Во 1965 година биле откриени и остатоци од малата црква што царот Роман Четврти Диоген ја подигнал на местото каде ги открил моштите на свети Прохор Пчињски. Оваа црква била откриена на падините на планината Рујан на десниот брег на реката Пчиња.

Историските податоци зборуваат дека Роман Четврти Диоген и навистина на млади години отишол во Цариград каде стапил во воена служба, а на престолот на Византија дошол откако се оженил за царицата Евдокија, која била вдовица на претходниот император Константин Осми Дука. Последните години од својот живот и тој ги поминал како монах.

На крајот да спомнеме дека од времето кога живеел свети Прохор Пчињски зачувани се документи во кои се спомнати Македонците како жители на Македонија. Така, на пример, по пропаста на востанието на Петар Делјан, некои од востаниците избегале на Сицилија. Тамошните хроничари од тоа време, во делото "Барски анали", го овековечиле нивното доаѓање со следните зборови: "Од таму пристигнаа несреќните Македонци...".

СВЕТИ АНТОНИЕ НОВ ЧУДОТВОРЕЦ

Свети Антоние Нов Чудотворец живеел и се подвизувал во 14 век. Неговиот празник се слави на 17 јануари (стар стил), т.е. 30 јануари (нов стил). Бил роден во македонскиот град Бер (Верија). Неговите родители биле имотни луѓе, а тој уште како дете се посветил на Бога. Во раната младост се замонашил во еден манастир во Пиерија (област во јужниот дел на денешниот егејски дел на Македонија). Во манастирот свети Антоние живеел богуугоден живот, исполнувајќи ги сите задачи поставени од игуменот. Но, еден ден го замолил игуменот да му дозволи да се исели од манастирот и да се насели во една пештера во блиската шума. Игуменот се согласил и свети Антоние заминал. Откако нашол погодна пештера, преподобниот осаменик се населил во неа и таму останал да живее, подвизувајќи се цели педесет години. Бил посетуван само од еден свештеник, кој повремено доаѓал да го причести. Никој друг не знаел каде живее свети Антоние. За цело време се хранел само со растенијата што растеле околу пештерата и пиел вода од блискиот извор. За неговите бројни искушенија и подвизи раскажувал свештеникот што го причестувал. Ѓаволот на секаков начин сакал да го измами, престорувајќи се ту во облик на разбојници кои доаѓале да го претепуваат, ту во облик на ѕверови кои сакале да го изедат, ту во облик на надојдена вода што се заканувала да го потопи заедно со пештерата. Но, сето тоа свети Антоние го издржал со Божја помош. Длабока старост доживеал и отишол на небесата кога имал над деведесет години.

По неговата смрт, некои ловџии поминале крај пештерата во која се подвизувал. Нивните кучиња почнале да лаат и тие погледнале кон пештерата. Таму им се прикажала некоја рака која ги повикала да влезат. Тие помислиле дека тоа е некој нивни другар кој ги повикува да ловат во пештерата. Но, кога влегле виделе дека внатре нема никого. Наеднаш го здогледале мртвото тело на светителот над кое имало светлина. Така сфатиле дека се работи за свет човек и се поклониле. Кога се вратиле во градот веднаш го известиле архиерејот. Тогаш архиерејот заедно со свештениците и многу народ се упатиле кон пештерата од каде го превзеле телото со сите почести. Но, меѓу жителите на Бер и Пиерија настанало несогласување околу тоа кој од нив да го превземе телото на светителот. На крајот одлучиле за тоа да реши самиот свети Антоние. Го ставиле неговото тело на една кола во која впрегнале два вола. Потоа ги пуштиле воловите сами да одат. Тие отишле право во Бер и застанале пред домот на неговите родители. Така, самиот светител ставил до знаење дека сака неговите мошти да почиваат во неговиот роден град. На тоа место подоцна била подигната црква во која биле положени неговите мошти. Од нив биле забележани многу чуда, а планината во која се наоѓала пештерата каде што се подвизувал подоцна станала живеалиште и на други монаси. Таму биле подигнати скитови со неговото име.

Гледано од историски аспект, свети Антоние Нов Чудотворец живеел во истиот век со света Партена и свети Макарие Макрис. Но, очигледно дека тој живеел и починал неколку децении пред нив. Доказ за ова е фактот што тој починал во време кога се уште во Македонија можела слободно да се исповедува христијанската вера, што не било случај со времето по доаѓањето на Осмалиите. Имено, во житието читаме дека архиерејот слободно и во присуство на многу народ отишол по неговите мошти, а подоцна била изградена и црква во негова чест. Сето тоа не можело да се случи доколку тие области биле завземени од Османлиите (осумдесеттите години на 14 век). Секако дека поминале барем неколку години од пренесувањето на моштите на свети Антоние до изградбата на црквата посветена за него. Затоа може да се претпостави дека тој починал најдоцна во средината или на почетокот од втората половина на 14 век. Поради податокот според кој тој живеел цели деведесет години, јасно е дека бил роден во 13 век (веројатно во втората половина). Во времето на неговата младост Бер се наоѓал под византиска власт. Познато е дека во времето пред доаѓањето на Османлиите во Македонија и навистина масовно се граделе цркви и цутеле сликарството и писменоста. Оттаму сосема одговара на историската вистина податокот според кој недолго по откривањето на неговите мошти во негова чест била изградена црква.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"