ИСТОРИЈА

"Билет во еден правец": Истражувања од областа на националната историја на Македонија - кои и како ја режираа судбината за геноцидот над Македонците под Грција од 1945 до 1949 (1)

ОБЕЗДЕТУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА КУЌА - ДЕГРАДАЦИЈА НА ЧОВЕШТВОТО

Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА

  • Кој посака Македонците под Грција, ова мирно население да го внесе во глобалниот процес за - Советизација на Балканот? Зошто ние Македонците влеговме во моделот за социјализам на Балканот, кога тој модел по Втората светска војна веќе беше исцрпен и бесмислен.
  • Во неколку продолженија во нашиот неделник објавуваме делови од книгата “Билет во еден правец”.

Книгата "Билет во еден правец" претставува најсилен обид да се "потресат сите оние кои во изминатиот половина век од Граѓанската војна во Грција ги прикривале фактите за безбројните страдања на Македонците под Грција".

Авторот на книгата, Стојан Кочов, писател и публицист

Темата е: Македонците под Грција се жртви на КПЈ/КПМ и КПГ, кои ја разгорија и ја лоцираа војната и и овозможија на тогашната грчка Влада да развие воени терори, уништувања и обездетување на македонската куќа и со тоа да се створат "легитимни" миграциони движења на илјадници деца од најмала до 14 годишна возраст.

Авторот цени дека отворањето на оваа тема е легитимно во историографијата, бидејќи повеќе од половина век, некои си земале за право да ги прикриваат фактите поради односот кон идеолошкиот активизам да бидат прикриени и замолчени безбројни страдања и упорно не даваа да се прошири интересот и на оној аспект од војната за дејанијата на КПЈ/КПМ и КПГ, што не бил никогаш обработуван. Авторот користи документи од државните и воени архиви од различни држави во светот.

ТРАГЕДИИ

Книгата "Билет во еден правец" од Стојан Кочов веќе се печати, а наскоро ќе ја доживее и својата промоција. Станува збор за едиција истражувања од областа на националната историја на Македонија. Книгата изобилува со факти и аргументи за "чедособирството", односно прогонот на 28.000 деца од најмала до 14 годишна возраст за време на Граѓанската војна во Грција (1945 - 1949). Прогонот на децата со билет во една насока само за Македонците, како што се вели во книгата, со политичка умисла претставува деградација на човековото достоинство и најубиствено ранување на македонската нација. Оваа книга, како што всушност и во својата рецензија ќе рече д-р Стојан Киселинов, претставува една синтеза за историската судбина на Македонците од Егејска Македонија во периодот од Париските мировни договори до денес. Според Киселинов, авторот на овој труд не идеологизира, не позитивизира, туку анализира, ги претставува објективно историските факти, односно со еден збор Кочов успева да ги објективизира историските процеси сврзани со судбината на Македонците од Егејска Македонија во дадениот историски период.

И д-р Лазар Лазаров вели дека авторот на трудот "Билет во еден правец" низ една збиена форма успешно ја проследува и реконструира од повеќе аспекти состојбата и судбината на Македонците под Грција во текот на Втората светска војна, Граѓанската војна и по неа. Според Лазаров, посебен белег на трудот претставува авторовата опитност да проникне во сржта на обработуваните проблеми и низ продлабочени анализи да трага и изнаоѓа соодветни одговори и заклучоци.

Жена која бара спас за своите деца

Во неколку продолженија во нашиот неделник објавуваме делови од оваа книга. Во воведните белешки на трудот "Билет во еден правец" се вели дека нашата историја се уште не ги извлекла поуките од Граѓанската војна (за најголемото зло: одземањето на 28.000 деца) за тоа како е: обезличено македонското семејство, како и за геноцидниот зафат кој следеше за конечното искоренување на Македонците под Грција, што на целокупниот етникум донесе катастрофални промени. Истражувачкиот зафат на политичките процеси (1945 - 1949), се додава понатаму во воведот на книгата, насочен токму кон барањето одговор на егзистенцијалните и есенцијалните прашања за извршениот брутален чин "Педомазома" ("чедособирањето" на 28.000 деца од најмала до 14 годишна возраст) претставува една огромна и страшна (збирна) човечка трагедија.

Во таа Граѓанска војна во која беа завојувани: од една страна грчката Влада во Атина и другата страна КПГ-ПДВ-ДАГ, одземањето на македонските деца за нас Македонците претставува најперфиден миграционен зафат во ХХ-от век. Тој зафат во историјата претставува(ше) невидено и нечуено зло на човештвото. Ако се земе дека детството е најубавиот дел од животот на секој човек (а пак, доколку во него наместо среќа и убави мигови се доживеат болка и тага), тогаш длабоко ја жигосува детската психа и остава траен белег на неа, посебно кога станува збор за отсуство на родителителската љубов. Нежната мајчинска рака и таткова поддршка во такви случаи се нешто за што вечно се сонува. Така биено од сувите ветрови на туѓината, македонското дете откорнато од родителителските пазуви, катаден се прашуваше: Кој сум, од каде сум, имам ли родители: мајка, татко? Имам ли баба, дедо, браќа, роднини, што ми се случува? Кој ме донесе тука, и каде одам?

Осамена мајка која ги повикува своите чеда да се вратат во родните огништа

Кочов појаснува дека и блиските на таквото дете, кои биле мобилизирани од ДАГ и испратени по фронтовите, исто така биле под специјален режим.

Но, тоа беше крајно несериозно од самата КПГ кога под невиден притисок, успеаја луѓето да ги дисциплинираат до крај преку своите идеолошки активисти со паролата: "Да го уништиме англоамериканскиот окупатор”. Оваа парола посебно да им ја наметнат на Македонците и таа им стане како "рак рана”. Се сакаше да се дисциплинира родителството и да се внесе во свеста (на синдромот) на лажното чувство: Тоа се потврдуваше со мајките на фронтот кога велеа: "Кутрите дечки. Кога ќе си ги видиме пак? Ќе ги видиме кога ќе се ослободиме. Што убаво...Но, за да се стори тоа, ќе треба да го "победиме Англоамериканскиот фашизам”. А за да го победиме поскоро, сите треба да се бориме. И ние кои катадневно копаме ровови, тоа е нашата борба, така се бориме.

ТЕЗИ

Авторот во книгата се осврнува на одговорноста на НОФ и АФЖ, и на нивните пароли упатени кон Македонците.

"Ниту еден Македонец не треба да се најде надвор од антифашистичката организација НОФ. Само така организирани ќе можеме да го уништиме фашизмот и да ги добиеме нашите права и право на полно самоопределување. Антифашистичка организација НОФ. Напред. Сите Македонки во Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) за целосно уништување на фашизмот, за нашата слобода, за нашите права".

Тие беа длабоко измамени, целосно изманипулирани, крајно преплашени и безнадежни. А одговорност, зарем тоа може да се бара по сибирските затвори?! Пред таквата одговорност, односно пред глупостите и боговите остануваат неми! И на крај се поставува прашањето: Зошто идеолошките активисти (заедно со КПГ, КПЈ, КПМ, НОФ, АФЖ), не милуваат, дури и по половина век да им се извинат на тие деца, мајки и татковци, туку стојат на ставот дека "Ве спасивме! - од монархофашистичките канџи.

Во книгата е поставено прашањето дали Македонците под Грција имале стратегија за духовен и физички опстанок на своите огништа и се наведуваат повеќе факти како историјата го жртвува сопствениот народ за туѓи интереси.

Кој посака Македонците под Грција, ова мирно население, да го внесе во глобалниот процес за - Советизација на Балканот? Зошто ние Македонците влеговме во моделот за социјализам на Балканот, кога тој модел по Втората светска војна веќе беше исцрпен и бесмислен. Зарем тоа не беше и почеток за вршење "легални миграцони движења" од тие што одамна посакуваа да го снема од тој вековен простор македонскиот човек како дел од нашата глобална, светска одисеја, сега преку идеолошкиот активизам? Туѓинците, преку тие идеолошки активисти, го натераа македонскит народ под Грција не само да ја прифати, туку и повеќе од половина век се тера да ја преживее. Со тоа, процесот на миграцијата почна и по се изгледа ништо не можеше да го запре. Откука, се чини, тешко веќе можат да се прифатат оние во нашата историја кои и понатаму инсистираат на некакви политички одлуки за автохтоната Револуција - продолжение на Илинден. Таквите тези се веќе проблематични! Ете зошто: НОФ, "минувајќи" преку подолу наведените добро познати - политички паравани (не само од капиталистичкиот режим, туку и од комунистичкиот) направи кобна грешка: си го изгуби народот и својата земја, значи го доведе својот народ да доживее национален пораз.

Македонскиот народ во тој период бил поделен во четири суверени држави кои имале различни политички системи. Во годините на Граѓанската војна во Грција, Македонците биле растргнати меѓу националната совест и свест и обврзувачките политички насоки на КПГ, КПЈ и КПБ. Тешките последици за семакедонското движење на отпорот настапиле по истакнувањето на познатата теза на Коминтерната: "Една држава - една партија".

Тезата "Една држава - една партија, иако потекнува од комунистичкото движење, во почетокот на Втората светска војна претставува основна пречка за реализација на секаква македонска обединувачка програма. Но, тоа е сторено по етничките промени во Македонија; а комунистите не убедуваа дека тоа е "цивилизирана размена на населението”. А, крајната цел беше сето тоа да го платиме ние - Македонците. На чело со сите овие луѓе, нашето сеќавање остана трајно, клинкајќи по нив со чиста намера да се верува во некакво јасно и вистинско партнерство. Но, на крај доживеавме национален пораз: ја изгубивме земјата, луѓето - младото поколение, а сега е проблем и името. Но, не смее, се разбира, да се тврди дека немало Македонци кои не мислеле поинаку.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"