ИСТОРИЈА

"Македонија и Грција - Битката за дефинирање нова балканска нација" од Џон Шеј (4)

МИТОТ ЗА ЕТНИЧКАТА ЧИСТОТА НА ГРЦИТЕ

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Како што Македонија и другите балкански држави биле преплавени од Словените и другите северни народи, така е и со регионот што е денеска познат како Грција. Треба да го разгледуваме ова прашање, бидејќи современите Грци постојано тврдат дека се директни етнички наследници на античките Грци и Македонци.

Целта на ова поглавје во книгата е да се разбие митот за етничката чистота на Грците и да се покаже дека Грција претставува богата етничка мешавина. Историски гледано, Македонија во “грчките извори” е претставена како тампон кој го заштитувал елинизмот од нападите на варварите низ вековите. Во согласност со овој став, Грците велат дека територијата на денешната Република Македонија била под влијанието на овие варварски напади, но територијата на Грција била во суштина недопрена.

“Инсистирањето на Грција за етничката чистота на нејзиниот народ не е ништо вообичаено во појавите на национализам. Меѓутоа, тој е исто така и најнереалистичниот елемент.

Ентони Д. Смит потенцира дека, посебно во поглед на современата грчка нација, грчкиот демографски континуитет бил брутално нарушен кон крајот на шестиот, па се до осмиот век од н.е. со масовни приливи на Аварите, Словените, а подоцна и од албанските емигранти. Тој додава дека за современите Грци не може да се каже дека потекнуваат од античките Грци, но дури и тоа не може да се тврди со сигурност!”.

“ЕТНИЧКО ЗАГАДУВАЊЕ”

Џон Шеј ја негира и ја побива опсесијата со грчкиот расен идентитет и се обидува да го исправи изобличувањето на историските факти за илјадниците години кога не постоела грчка нација - држава. Тој истакнува дека современите Грци не се ништо повеќе етнички поврзани со античките Грци од современите и античките Македонци.

Историските податоци што тој ги нуди ни даваат до знаење дека дури и пред две илјади години идејата за етничката чистота кај Грците била тешка за прифаќање.

“Бернал нуди докази што го поддржуваат неговото тврдење дека египетските и феникиските елементи играле моќна улога во развојот на античката грчка култура... Иако е тешко да се измери взаемното мешање на староседелците и новодојдените Грци, без оглед на тоа од каде дошле, традицијата на робовладетелските општества во Медитеранот, сигурно имала уште поголемо влијание врз физичкиот состав на народот. Се проценува дека во класичното време, бројот на робови во Атика бил скоро еднаков на бројот на слободните жители”.

Кон етничката мешавина во Грција, траен и неоспорлив белег оставиле Келтите и Словените, особено Словените. Некои автори од 19 век сметале дека во тој период оригиналното население од Грција е комплентно протерано.

Според тоа, средновековните и современите Грци не се наследници на античките Грци, а нивниот елинизам е вештачки. Од тоа време постојат и голем број топоними кои Грците не можат да ги објаснат, па ги нарекуваат пределински.

“Словените не се единствени групи што се доселиле во северниот дел на Балканскиот Полуостров. Дошле и многу Албанци. Николас Хемонд вели дека до средината на четиринаесеттиот и почетокот на петнаесеттиот век, поглемиот дел од населението на Пелопонез говореле албански јазик. Како и Словените, Албанците се приврзале кон новата земја, го научиле новиот јазик и почнале да се сметаат за дел од народот кој живеел таму.

Подеднакво бројни во текот на осумнаесеттиот век во грчките територии биле и Власите. Хемонд вели дека Власите дошле заедно со Албанците и биле на водечки позиции. Тие претежно се задржале во Северна Грција и никогаш не биле асимилирани во смисла на јазикот како другите етнички гурпи. Иако професорот по балканска историја на Римското царство, Мотиу, има кажано дека Власите сочинувале 7-8 проценти од населението на Грција, броејќи 700 - 800 илјади жители, Грција не го признава постоењето на влашко малцинство”.

Како што, впрочем, не го признава постоњето на македонското малцинство во Грција, македонскиот народ и македонската држава. Всушност, со ова поглавје, авторот на “Македонија и Грција - Битката за дефинирање нова балканска нација” сака да покаже дека грчкиот став кон етничката чистота во Грција, како и се што произлегува од него, може да се разгледува во контекст на различни сфери на политички интереси, не само во случајот со етничките Македонци во Егејска Македонија и однесувањето кон Република Македонија.

НАЦИОНАЛНА

НАРЦИСОИДНОСТ

“Најчестата идеолошка злоупотреба на историјата е заснована врз анахронизам наместо на лаги. Грчкиот национализам не ја дозволува ниту употребата на името Македонија на оваа држава. Ваквиот став е заснован на идејата дека цела Македонија е всушност грчка и дел од грчката нација - држава, најверојатно од времето кога таткото на Александар Македонски владеел со грчките земји на Балканскиот Полуостров... Потребна е голема храброст за еден грчки интелектуалец да каже дека, историски гледано, ова е бесмислица. Не постоела никаква грчка нација - држава или каков бил друг политички ентитет во четвртиот век п.н.е. Македонската империја воопшто не наликувала на грчката или на која било друга нација - држава, а во секој случај, многу е веројатно дека античките Грци ги сметале македонските владетели, како што ги сметале и римските владетели подоцна, за варвари наместо Грци, иако најверојатно биле или премногу учтитиви или премногу претпазливи за да го кажат тоа на глас”.

Цитирајќи го Ерик Хобзбаум, Џон Шеј ја истакнува бесмисленоста на современите Грци да тврдат дека имаат афинитети кон античките Македонци, дури иако може да се утврди етнолошката чистота. Како подеднакво сомнителен го третира и апелот за континуитетот на елинизмот преку грчкиот јазик.

“Ако го разгледаме стандардот кој го применувал Херодот, дека наследството, јазикот и културата биле основата на грчката заедница или дури и ако ја сакам поеволуираната идеја на Исократ, која става поголем акцент на културата, не е неразумно да се заклучи дека Грците од деветнаесеттиот век ни оддалеку не ги задоволувале овие критериуми. По воспоствувањето на независноста, грчките интелектуалци со сета сила се труделе да ја вратат земјата во нејзиното елинско минато. Класичните географски имиња биле повторно употребувани, а турските, венецијанските, па дури и византиските зданија биле отстранети за да се откријат античките урнатини. Јазикот бил стандардизиран во деветнаесеттиот век, во рамките на концентрираните напори за создавање на нова Грција. Ова придонело за стабилноста на разновидните “новоелински” народи. Од 1988 година и преименувањето на Северна Грција во Македонија, грчките напори за идентификување на класичното и елинистичкото минато добиваат повторно нов фокус”.

Џон Шеј многу објективно и правилно ги согледал состојбите во денешна Грција. Тој вели дека многу граѓани на Грција коишто се обидуваат да го искажат својот етнички идентитет, ниту денес не наидуваат на толерантен однос во оваа земја. Како поткрепа на ова тврдење ги дава изјавите на неколку Македонци во Грција, кои поради изразувањето на својата национална припадност и барањата за признавање на македонскиот народ, постојано се соочени со грчките судови.

“Тие беа обвинувани со ширење на лажни гласини за не-грчкоста на Македонија и за постоењето на македонското малцинство на грчка територија, кое не е официјално признато, како и со поттикнување на конфликт помеѓу грчки граѓани со правање разлика меѓу луѓе што говорат словенски и луѓе што го користат грчкиот јазик. Ако бидат осудени, тие можат да се соочат со неколку последователни казни, од кои секоја е во траење од неколку години, како и со парични казни”.

Но, за прекршувањето на човековите права во Грција, многу повеќе се говори во подоцнежните поглавја. Во ова поглавје, авторот ја констатира континуираната жестокост со која Грција ја наметнува етничката чистота која не може да се поддржи со историски анализи. Од посебен интерес се промените на населението што се случиле во Егејска Македонија во текот на дваесеттиот век.

“Грчкиот став е дека грчките граѓани од Егејска Македонија имаат полно право на историска врска со Македонија, додека Словените го немаат. Се имплицира дека тие ја имаат оваа врска поради тоа што се Грци, а античките Македонци се прогласиле себеси за Грци. Меѓутоа, едно од нештата што повеќето “Грци” во Егејска Македонија не го знаат, е фактот дека тие можат да ги следат своите корени, не до Македонија, туку до Анадолија, од каде во 1920 година, за време на една од грчко-турските војни, во Грција дошле голем број бегалци. Населението во Западна Турција во тоа време било подложено на истите сили што влијаеле врз населението во јужниот дел на Балканот, иако поради различни причини, вклучувајќи ги тука и тенденцијата на Византија да ги преселува проблематичните луѓе во овој предел и постоењето на народ со турско потекло, мешавината била уште посложена. Ако врската на балканските Грци со античките Грци, а според тоа и со античките Македонци, е неиздржана, врските со турските Грци што дошле во Егејска Македонија се уште посомнителни”.

Ваквите ставови на Грција за етничката чистота на сопствената нација делуваат иритирачки на повеќе народи во Европа. Авторот на книгата ни дава исечоци од уредничкиот коментар на лондонскиот “Сандеј Телграф” кој го критикува грчкото инсистирање на монопол врз класичното минато:

“Каков збор може да се употреби за ваквата опсесивна псевдоврска на Грците со минатото на нивната земја (дури имаат и списание, Еленисмос, посветено на оваа тема)? Претенциозност не е зборот кој го барам. Тие покажуваат премногу страст за да биде претенциозност. Не, Грците, оние античките, имале збор за состојбата на денешните Грци: параноја”.

Особено е значајно и тврдењето на еден современ грчки интелектуалец кој сега живее надвор од Грција, за силите на оваа земја кои ја одржуваат во живот теоријата за етничката чистота на Грците:

“Ретроспективно гледано, јасно ми е дека моите 12 години поминати во грчкиот образовен систем, од кои поголемот дел беше во 70-тите, имаа за цел во мене да вградат само еден став: Скоро непобитно уверување во чистотата и единството на грчкиот народ, јазик и култура... Верувањето во континуитетот на Грција, и покрај сите проблеми, е овозможено со методот на недоволно информирање и запечатување на патиштата на интерпретацијата. Ние, како деца, го немавме ниту капацитетот, ниту желбата да ги истражуваме неединството и ‘нечистотиите’”.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"