КУЛТУРА

Кањонот "Матка" - Музеј на отворено кој доволно не го почитуваме

МЛАДИТЕ ПЕШТЕРИ СПОМЕНИЦИ НА ПРИРОДАТА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Самото место е преубаво со една медитеранска клима и дава една воздушна бања, кратко кажано место кое секој би сакал да го има, а ние сето тоа не знаеме да го почитуваме.
  • Најпознатите три пештери - Врело, Крштена и Убава - се во младост, што значи дека се во еден период на созревање. Содржат прекрасни украси.

Подрачјето на кањонот "Матка" предвидено за заштита како споменик на природата,се наоѓа во долниот тек на реката Треска, оддалечено од Скопје 10-15 км. Матка е споменик на природата во вистинска смисла на зборот што во јавноста малку се потенцира. Таа претставува Музеј на отворено кој ние недоволно го почитуваме, ниту пак го познаваме. Покрај сите напори да се направи еден парк кој би се посетувал со почит, се е сведено само на излетничко место.

Покрај многуте неоткриени убавини кои го красат кањонот Матка, забележани се подземните карстни облици кои се претставени со десет пештери и две јами кои сега, за жал, се натрупани со огромен рид од камења "благодарејќи" на изградбата на патот кој поминува токму над нив.

ФАЗИ

Вредноста на Матка е што тоа е едно од најстарите места на Балканот, а во неа опстојуваат редок вид на животински и растителен свет, вели Гордана Јанакиевска, член на Спелеолошкото друштво "Пеони". Пештерите кои се наоѓаат на овој терен исто така се од големо значење, а станува збор за десет вида пештери и две јами. Во глобала тие се поделени на три дела - старост, зрелост и младост. Пештерите кои се во фаза на младост, се наоѓаат во период на созревање, а тоа значи дека се се уште активни и се уште создаваат пештерските украси.

Внатрешноста на пештерата "Убава"

Импресивна слика од сталагмити

На 500 метри погоре се наоѓаат пештерите во зрелост кои се суви, но на нив се уште се видливи украсите и некаде на 1.000 метри се другите пештери кои се во старост и тие се во фаза на распаѓање.

Тие датираат некаде од пред три милијарди години кога во тој период ова подрачје било езеро, додава Јанакиевска. Со самото повлекување на езерото настанувале тие процепи кои поминувајќи години се формираат во пештери. Најпознатите три пештери - Врело, Крштена и Убава - се во младост, што значи дека се во еден период на созревање. Содржат прекрасни украси. Меѓутоа, со самата изградба на патот Матка 2 дојдено е до одрони, така што од невнимание и незнаење тие сега се затрупани.

ТРИТЕ ПЕШТЕРИ

Пештерата "Врело" се наоѓа на 20-тина метри над врелото Коритиште. Оваа пештера е наречена "Врело" поради еден извор кој е во близината во самото езеро и е раритет. Кај самото врело има еден канал во кој во 2000 година една француска експедиција спелеолози открила уште една поубава пештера која се наоѓа под вода и е богата со пештерски украси и со исклучиво редок животински и растителен свет.

Дното на пештерата е доста лигаво, што е предизвикано од водата прокапница, објаснува Јанакиевска. Со пештерски накит не изобилува, освен еден голем сталагмит кој се наоѓа на преградата помеѓу двете сали, еден помал и неколку сталактити коишто висат над езерото. Со поизразити украси се истакнува јужниот канал, на чии ѕидови се забележуваат и мали саливи.

Пештерата "Крштална" се наоѓа на околу 150 метри низводно по езерото од пештерата "Врело" (на 405 метри надморска висина), но за десетина метри повисоко од неа. Отворот на пештерата е предиспониран долж една вертикална пукнатина. Од самиот влез, па до длабочина од 40 метри човек може да се спушти само со употреба на јаже или специјални скали, бидејќи дното на каналот е доста лизгав. Дното е покриено со блокови паднати од таванот.

И овој отвор, како и во пештерата Врело, најверојатно имал излез на површина, бидејќи на иста висина, од спротивната страна (на површина), се наоѓа мала пештера (Спирова) која била (претпоставка) во врска со овој отвор, додава Јанакиевска. Единствено во оваа пештера, која не изобилува со пештерски накити, има појава на хелактити. Всушност, тоа се сталактити кои се формирале во спротивност со земјината тежа, односно се јавуваат во искривена форма, извиткана. Исто така, по таваницата на пештерата, посебно зимно време, има големи јата на лилјаци.

За пештерата "Над Врело" често го употребуваат името "Убава Пештера", затоа што навистина претставува вистинска убавица меѓу сите други пештери во Матка.

Се наоѓа на околу 100 метри над езерото, односно 75 метри висинска разлика од пештерата "Врело" по што и & го дадовме името "Над Врело", вели Јанакиевска. Отворот на пештерата се наоѓа во подножјето на една вертикална карпа која претставува завршеток на јаругата којашто води од почетокот на езерото. Поради скалестото спуштање и присуството на неколку сталагмити кои се во фаза на фосилизација, можно е искачување по него и без некои поголеми знаења од алпинизмот. Кога малку ќе се навлезе во внатрешноста на салата и кога ќе се застане во "Шумата" од сталагмити, навистина глетката е импресивна. На таваницата е вистински "дожд" од сталактити, а не помалку зачудуваат неколкуте столбови. Посебно воодушевуваат "столбовите близнаци" кои се високи околу 6 метри и се со бела кристална боја. По благите нагиби има безброј каскади кои се исполнети со вода. Нив редовно по подот ги следат сталагмити. Овде имаме помалку пештерски накит, освен на десната западна страна каде по ѕидовите се неколку саливи, водопади и цветови од сталактити. Бојата на украсите е претежно бела со премини на црвеникава и жолтеникава нијанса.

Заедничко за сите три пештери (Врело, Крштална и Над Врело) е тоа што се наоѓаат на релативно кратко растојание една од друга, а и по должината на пештерските канали во многу не се разликуваат.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"