МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ
Голем пикник во Binnenmaas-Mijnsheerenland во близина на Ротердам по
повод стогодишниот јубилеј од Илинденското востание
ОТВОРЕН МЕДИУМ НА КУЛТУРНО ТВОРЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ
Пишува: Гоце ДУРТАНОСКИ
- Македонија не е сон, туку реалност: и како народ и како држава,
овековечена со славата на Александар Македонски длабоко вкоренети во
европската и цивилизацијата на Универзумот, вели белгискиот историчар Жан
Волф.
- Поезијата има магична моќ да го прегрне сопствениот народ каде и да се
наоѓа! Поезијата искажана во мојата најнова книга е глас на ехото на
слободата за правдата и непокорот на македонскиот народ, подвлече
Ѓорѓевска.
Р екреативниот предел
Bin-nenmaas-Mijnsheerenland
во близина на Ротердам во неделата на први јуни беше окупиран од безброј
Македонци од земјите на Бенелукс и Германија кои ја прославија
стогодишнината од подготовките на Илинденското востание и прогласувањето на
славната, прва балканска, Крушевска Република.
Организатор на овој досега најголем пикник по протоколарна програма на
европската емиграција беше Македонската заедница во Холандија (МЗХ), а
главен иницијатор и покровител на пикникот беше претседателот на МЗХ,
господинот Џон Тодоровски кој го отвори и прогласи овој семакедонски
Илинденски пикник како отворен медиум на културното творење на Македонците.
ОБРАЌАЊЕ
Во неколкуминутниот говор на собирот господинот Тодоровски истакна:
Оваа година се навршуваат точно 110 години од основањето на Внатрешната
македонска револуционерна организација (ВМРО) во Солун и 100 години од
подготовките и организирањето на големата македонска револуција уште
попозната под името Илинденско востание. Точно два месеци не делат од
датумот кога крушевските камбани пред сто години го означија почетокот на
македонското востание повикувајќи го својот народ на слобода против јаремот
на петвековното турско ропство, што значи кинење на ропскиот синџир од
македонската крвава историја и дел од премрежијата кои беше ги зафатило
Македонците по распадот на големата Македонска Империја до ден-денес. Пред
тие премрежија се наоѓаме и денес борејќи се да ги сочуваме нашите вистински
вредности и сопствен идентитет пред светските чувари на правото на постоење.
Белгијанецот Жан Волф со ликовниот уметник Светлана Мишева
Нејзината Екселенција, амбасадорот на Република Македонија во Кралството
Холандија, д-р Милијана Даневска, исто така се обрати со неколку зборови.
Ми претставува особена чест да ве поздравам на оваа прослава организирана
по повод 100-годишнината од Илинденското востание во кое Крушевската
Република, Крушевскиот манифест и македонските дејци од тој период се
основоположниците кои го трасираа патот кон формирањето на независна
македонска држава.
Во продолжение таа повика на сплотеност околу Македонија и понатамошна
афирмација на сите наши вредности во Кралството Холандија како културен мост
меѓу двете држави, притоа изразувајќи благодарност кон холандската Влада
која во последните две години ја удвои билателарната помош кон Македонија со
што стана најголем донатор на нашата држава.
VIVE LA MACEDOINE!
Толку сум среќен што сум меѓу Вас денеска ,
рече големиот пријател на Македонија, Белгијанецот Жан Волф. Македонија
не е сон, туку реалност: и како народ и како држава, овековечена со славата
на Александар Македонски длабоко вкоренети во европската и цивилизацијата на
Универзумот. Славното Илинденското востание иако неуспешно по својата цел
успеа да му стави на знаење на целиот свет дека нешто треба да се направи за
македонскиот народ кој е жив и сака да живее слободен и независен. Илинден
како таков не беше залуден по својата историска вредност и ја покажа вашата
решеност како чесен народ да истрае на тој пат и, верувајте ми, Македонија
ќе го добие местото во историската вистина. Низ сите овие години со
тешкотиите за признавањето на Македонија сфативме дека силата и излезот од
тоа е во обединувањето - обединување на сите Македонци во една обединета
Европа на која припаѓате и кој влез во Унијата ви го посакувам од се срце и
што поскоро. Vive la
Macйdoine!
ЕХОТО НА СЛОБОДАТА
Костадинка Коца Ѓорѓевска е македонска поетеса која од својата 17 годишна
возраст живее и твори во градот Menhengladbah,
СР Германија. Госпоѓа Ѓорѓевска е осведочен наследник на комитската лоза
познати во Тетово под прекарот Шутомировци. Преку рецензијата на Саво
Костадиновски беше промовирана нејзината најнова книга "Комитско време".
Книгата е пишувана во 2001 година кога Македонија се најде во наметната
војна, посебно во роднокрајните простори на поетесата, а на војната
Костадинка & се спротивставува со стихови, со емоционален набој што е
најизразен во песната "Лешок - август 2001 година" посветена на растурениот
Лешочки манастир. Поезијата на госпоѓа Ѓорѓевска во последната деценија ја
направи најомиленото женско поетско име во дијаспората.
Амбасадорката Даневска, Жан Волф, Џон Тодоровски со
преостанатите гости
Ниедна прослава не може без македонското оро
Поезијата има магична моќ да го прегрне сопствениот народ каде и да се
наоѓа! Поезијата искажана во мојата најнова книга е глас на ехото на
слободата за правдата и непокорот на македонскиот народ, подвлече
Ѓорѓевска.
ФОЛКЛОРНО БОГАТСТВО
Специјални гости од Македонија беа играорците на македонскиот Ансамбл на
народни песни и игри "Отекс" од Охрид кои оваа година го прославуваат своето
20-годишно постоење. На семакедонскиот пикник се претставија со фолклорното
богатство од охридскиот регион и со национални игри од цела Македонија.
Госпоѓа Светлана Мишева, ликовен уметник, родена во Македонија, живее и
работи во Кралството Холандија повеќе од 30 години. Нејзина главна сликарска
преокупација е реализмот. Покрај сликарството, госпоѓа Мишева се занимава и
со изработка на македонска народна носија и накит.
На пикникот беше присутен и господинот Рул ван Дојн, холандски писател и
новинар кој објавил повеќе наслови за животот на Македонците во
преостанатите делови на Македонија. Најчеста тема се Македонците во
егејскиот дел на Македонија и партијата "Виножито". Во поздравната реч кон
присутните господинот Рул ван Дојн читаше делови од неговата книга под
наслов "Забранета љубов" чие дејство се случува во Македонија и која наскоро
треба да излезе од печат.
Македонскиот Илинденски пикник во Ротердам заврши со богата лотарија на
која главни награди беа авионски билет за Македонија, патување за Париз и
Лондон, пакети производи и вина од компанијата
Products of Macedonia и други помали
производи.
|