Балканска борба против криминалот

Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Црна Гора, Хари Костов и Милан Филиповиќ, во Скопје потпишаа договор за соработка меѓу двете влади во борбата против тероризмот, организираниот криминал и недозволената трговија. Министрите се заложија за успешно спречување на прелевање на криминалот преку границите што ќе биде овозможено со преземањето на граничното обезбедување.

Исто така, Македонија и Албанија во рамките на потпишаниот договор за соработка ќе ги интензивираат заедничките активности во борбата против организираниот криминал и недозволената трговија. Ова е договорено на неодамнешната средба во Поградец, Албанија, меѓу делегации на криминалните полиции на двете земји.

Владата нема став во врска со визите

Македонската Влада се уште не расправала за иницијативите на соседна Албанија и Србија и Црна Гора наместо со пасоши граничните премини да се поминуваат со лични карти. Владата нема став и за неодамнешниот предлог на ЛДП за еднострано укинување на визите за десет земји од Југоисточна Европа, кои од следната година ќе станат членки на Европската унија.

Од земјите од поранешна Југославија визи за македонските државјани бара само Словенија, а од 163 земји во светот без виза може да се патува само во дванаесетина.

Двојна формула за името

Десет дена по ратификацијата на спогодбата на Македонија со ЕУ во грчкиот Парламент, во Њујорк се одржа нова рунда преговори за името. На преговорите македонските интереси ги брани амбасадорот во САД, Никола Димитров, кој овој пат настапи со македонското инсистирање за двојната формула за името, иако Атина ја одбива таа солуција.

МПЦ во посета на Романската православна црква

Делегација на Македонската православна црква деновиве треба да замине во посета на Романската православна црква. Целта на посетата е да се направи обид за подобрување на меѓународната позиција на МПЦ по последното провокации од СПЦ. Романската православна црква спаѓа во оние цркви кои се обидувале да придонесат за конструктивно решавање на спорот меѓу МПЦ и СПЦ.

Парите на ЕУ пресудни за Западен Балкан

Македонија, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Хрватска се договориле заеднички да лобираат пред ЕУ за “правата и парите”. Без финансиска помош од ЕУ земјите од Западен Балкан нема да можат да го исполнат она што се бара од нив на патот кон Унијата.

Соработка меѓу Балканот и Меѓународниот суд

Европскиот парламент побара од земјите од Западен Балкан да се ангажираат поактивно во исполнувањето на условите и критериумите за нивно приближување кон ЕУ. Во тој контекст се бара и соработка со Меѓународниот кривичен суд.

Средба на Македонците - бегалци во Лерин

Се очекува неколку илјади лица да присуствуваат на Третата светска средба на децата - бегалци што ќе се одржи во Лерин. Расположение постои и од грчка страна која ја одобрува оваа средба.

Легија не влегол во Македонија

Според македонскиот министер за внатрешни работи, Хари Костов, Милорад Луковиќ - Легија не е во Македонија. Министерот Костов тврди дека Легија не влегол во Македонија по атентатот на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ.

Русија се повлекува од Балканот

Руската армија повлече 230 војници од Босна. Во почетокот на јули ќе бидат повлечени и 650 руски војници од составот на мировните сили КФОР на Косово.

Двете страни за спас на Дојранското Езеро

Комплетната ревитализација на Дојранското Езеро не е можна доколку грчката страна и натаму неконтролирано ја користи водата од Езерото за наводнување, заклучија експертите на Научниот собир за спас на Дојранското Езеро што минатиот викенд се одржа во Дојран. Во завршната Декларација од Собирот е побарано во најскоро време да се постигне договор меѓу Македонија и Грција за заштита на Дојранското Езеро.

Се очекува голем метеж на преминот Богородица

Голем број турски граѓани кои работат во Германија се очекува да преминат летово на граничниот премин Богородица. Метежот кој го создаваат турските гастарбајтери што се создава на македонско - грчката граница станува веќе традиционален.

Балкански фестивал

Во Софија до 17 јуни ќе се одржи Балкански фестивал на кој ќе земат учество петмина штитеници од Домот за деца без родители “11 Октомври”. Под мотото “Ние сме едно семејство” покрај Македонија ќе настапат и Турција, Србија, Романија, Бугарија итн.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"