Трајковски против пензионирањето на судиите

Претседателот Трајковски не го потпиша Указот за прогласување на Законот со кој ќе бидат пензионирани судиите во Републичкиот судски совет со образложение дека има одредби што се противуставни. Претседателот на Парламентот, Поповски, закажа итна седница на која пратениците повторно ќе се изјаснуваат за предложениот текст.

Резервистите спречени да протестираат

Кумановските полицајци во понеделникот ги спречија осумдесетината резервисти на МВР да го блокираат автопатот Куманово - Скопје.

Триесетина припадници на вториот и на оклопен баталјон од полициската единица за брзи интервенции "Лавови", во понеделникот протестираа пред МВР и најавија дека ќе започнат штрај со глад.

"Тигар" уби 22-годишно момче

Двеасет и петгодишниот Кристијан Коцев од село Чифлик, Кочанско, припадник на Единицата за специјални намени на МВР "Тигри", со три истрели од пиштол пред кочанската пивница "Бир- пар", пукал во 22-годишниот Игор Стојанов од Кочани, кој во болницата им подлегнал на повредите.

Тајто избркан од МВР

Горан Трајковски – Тајто, неодамна осуден од Апелациониот суд во Скопје на една година и осум месеци затвор поради нападот врз новинарот Зоран Божиновски, го претепа и И.Т. (42) со статус на протерано лице од Опае, сместен во колективниот центар во Куманово.

Со решение на министерот за внатрешни работи, Тајто бил отпуштен од работа.

Припадници на "Конкордија" претепале полицаец

Двајца француски војници - припадници на евросилите "Конкордија" истепале полицаец, бидејќи наредил ноќниот клуб "Арена" во Охрид, во кој тие пиеле, да престане да работи, оти работното време било изминато.

Странците не ги сакаат нашите загубари

Министерството за економија не е задоволно од начинот на продажба на загубарите, бидејќи странските инвеститори не покажуваат интерес за купување на фирмите. Портпаролот во Министерството, Пачемски, појаснува дека Министерството не смее да комуницира со странските компании, бидејќи тоа би се протолкувало како местење на тендерите.

Пет театарски претстави за Илинден

Во година кога се слави стогодишнината од Илинденското востание, во Министерството за култура се пријавени само пет театарски претстави што премиерно ќе бидат изведени во чест на јубилејот. Пријавените претстави ќе добијат по 900.000 денари, а за да бидат претставите финансирани од Министерството, треба да се работени според значајни драмски текстови.

Организација на Македонци во Италија

Во Пјаченца, Италија, веќе неколку месеци работи најмладата иселеничка организација на Македонци - "Сонце" ("Солеи"). Организацијата, чиј претседател е Марјан Атанасов, во моментов се подготвува за јубилејната претстава, по повод 100 години од Илинденското востание.

Промоција на дело за Илинден

Во организација на Литературното друштво "Браќа Миладиновци" во просториите на Македонската православна црква "Свети Климент Охридски" од Торонто, на 8 јуни се одржа културна манифестација посветена на Илинден. На манифестацијата беше промовирано најновото дело на Славе Николовски - Катин со наслов "Илинден 1903 - 2003 и македонските иселеници".

Струјата нема да поскапи

Електростопанство на Македонија нема да ја зголеми цената на електричната енергија до крајот на годината, објави генералниот директор на ЕСМ, Панде Лазаров, кој посочи дека ќе ја продолжи акцијата за исклучување на нередовните плаќачи особено во Кумановско-липковскиот регион.

Украдена оградата од базиликата во Хераклеја

Непознати сторители викендов ја украле и оградата околу базиликата во античкиот град Хераклеја Линкестис, Крај Битола. Пред неколку месеци од таа базилика, датирана во петтиот век, беа украдени камења за да бидат вградени во нова куќа, соопштија надлежните од Заводот за заштита на спомениците, Музеј и Галерија од Битола.

Средба на стопанственици од поранешните ју-републики

На 19 јуни во Теслиќ, Република Српска, ќе се одржи првата средба на стопанственици од поранешните југословенски републики. Средбата е под покровителство на Стопанската комора на Република Српска, Комората на Босна и Херцеговина, и високиот претставник за Б и Х, Есдаун, а е во организација на "Медија ивент".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"