ПОЛИТИКА

Владо Денчов, еден од оние на коишто Владата им ги одзеде становите

МИ ДАДОА ДА СОНУВАМ, А ПОТОА МИ ГО СКРАТИЈА СОНОТ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Претставниците на власта не знаат што значи да немаш покрив над главата. Тие не знаат и што значи моето дете да има мало просторче во ќошот за да може да учи, вели господинот Владо Денчов.
  • Ако тие нам сонот ни го срушија, нека не се надеваат дека и тие ќе сонуваат, потенцира господинот Денчов.

По доаѓањето на власт, Владата на премиерот Црвенковски го укина Конкурсот за доделување на околу 450 социјални станови кој беше објавен во времето на владеењето на владата на екс-премиерот Љубчо Георгиевски, со образложение дека десет отсто од становите биле доделени на нелегален начин. Собраниската анкетна комисија за човековите права, на својата последна седница констатираше дека оваа Влада не ги повредила човековите права, а оштетените најавуваат разврска на случајот пред Меѓународниот суд.

"Најголемото пристаниште во Грција ќе прерасне во иден Кејп Таун", заклучуваат Грците

Господинот Владо Денчов е еден од многуте на кои им е одземен станот. Тој е и еден од претставниците на Координативното тело кое е формирано за да се избори за правата на оние на кои со одлуката на Владата им е одземен станот. Господинот Денчов вели дека кога го добил станот не можел да си поверува дали е тоа сон или јаве.

Да добиеш стан во ова време, односно да добиеш покрив над главата е вистински сон. Она што ми се случи лично мене и на другите кои добија станови беше остварување на соништата. Кога дојдовме во таква ситуација да почувствуваме дека оваа држава знае да вреднува и дека доаѓа моментот да ги оствариш своите желби, се случи нешто многу непријатно. Ни дадоа можност да сонуваме, а следниот миг сонот ни го одзедоа. Да дојдеш до тој степен да постигнеш радост и да си речеш "Боже, ова е невозможно", е прејако, а потоа, во следниот миг таа среќа некој да ти ја одземе. Тоа е исто како кога на човек кој се бори за својата егзестенција наеднаш му ги сечат нозете, а го оставаат телото да продолжи да живее. Нам апсолутно тоа ни го направија, вели господинот Денчов.

Трагично е што вакво нешто им се случува на граѓаните во сопствената држава, а уште повеќе што му се случува на човек кој во последните четири години работи во документарната програма на МТВ, човек кој целата своја енергија ја вложува да копа по идентитетот на Македонецот, да влезе во оние простори каде тешко се влегува, да ја почувствува судбината на лице место и да најде начин тоа да го изнесе на виделина.

ПРАВА

Господинот Денчов вели дека Решението за стан го добил кога најмалку го очекувал. Но, за кратко време станот му бил одземен.

Од денешен аспект, кога ја водиме оваа битка за остварување на нашите права, си велам колку убаво ќе беше воопшто да не конкуриравме. Јас шеснаесет години живеам под кирија и уште толку ќе живеев, ако не се случеше ова. Ќе немаше за што да сонувам, немаше да ми се измешаат емоциите. Сега нас не доведоа во ситуација се да ни се измести. Становите ги имавме месец - два. По изборите веќе почнаа да се најавуваат некакви реформи и да се даваат изјави дека ќе се прави некаква ревизија на Конкурсот за станови. Владата реши генерално да се поништи Конкурсот за станови. Се случи тоа што се случи. Ни ги урнаа сите соништа, потенцира господинот Денчов.

Солунското пристаниште има стратешка географска позиција, неопходна за бизнис-плановите

Овој претставник на Координативното тело смета дека е нелогично тоа што актуелната Владата ја поништи одлуката на претходната Влада, односно Конкурсот.

Претставниците на Владата ги третираат луѓето како недоносени, недоумни. Себеси се сметаат за "генијалци" кои имаат право да му судат секому и да донесуваат одлуки како ним им одговара. Такви апсурди оваа земја не трпи. Нас одамна не зафатил синдромот на самоуништување, објаснува господинот Денчов.

За образложението на Владата дека десет отсто од доделените станови од минатата влада биле добиени на нелегален начин, господинот Денчов вели дека Координативното тело, кое е формирано да се бори за остварување на правата на оваа категорија граѓани, од Владата бара да изврши ревизија на тие десет отсто од доделените станови. Координативното тело бара со име и презиме да се објаваат имињата на лицата каде е направена злоупотребата и каде се прекршени законите. Но, како што објаснува господинот Денчов, овојпат становите навистина биле доделени на беспомошни луѓе, на луѓе кои немаат никакви средства за егзистенција, на самохрани мајки, на млади брачни парови кои се невработени итн. Господинот Денчов објаснува и дека се манипулира со терминот "социјални станови".

Станува збор за Проект кој го финансира Советот на Европа и Европската банка. Терминот "социјални станови" не е најсоодветниот термин. Има точно одреден процент на станови кои се предвидени за самохрани мајки, за млади брачни парови, за кредитно-способни лица кои со тек на времето може да склучат договори за откуп на станот. До 2006 година требаше да се изградат 10.000 станови. По ваквата непромислена одлука на Владата, Советот на Европа сега си го поставува прашањето дали да продолжи со ваквата идеја. Таквото толкување на терминот "социјален", мислам дека го одвлече вниманието и сега мене често ме прашуваат дали сум социјалец. Јас знам дека во оваа држава апсолутно скоро сите граѓани станавме социјалци. Трагично е што на околу 50 отсто од интелектуалниот свет, говорам без да навредам некого, им треба покрив над главата, објаснува господинот Денчов.

На последната расправа на Собраниската анкетна комисија за човекови права беше заклучено дека Владата, со укинувањето на Конкурсот за станови, не ги повредила човековите права. Овој заклучок за господинот Денчов е неприфатлив. За овој човек, кому Владата му го одзеде станот, е неприфатливо и однесувањето на господинот Борис Кондарко од СДСМ кој, како што вели господинот Денчов, застапувал нечии интереси.

Сега потполно ми е јасно зошто на оваа земја & се случува тоа што & се случува. Македонци, граѓани на РМ, навистина водете сметка што понатаму ќе се случува, бидејќи со начинот на однесување на властодршците се иницира мачно разнебитување на Македонија. Тоа се прави од страна на едни криминогени структури кои ги интересира само власт и арогантност. Тоа е поразително за оваа држава. Апсолутно никој нема право да виси над нашите глави и да брани некакви и нечии констатации. Тврдам дека таквите луѓе не знаат што сакаат и што бранат, а се избрани од народот. Тоа е жално и мачно. Господа кои до вчера бевте на власт и кои сега сте на власт, дали знаете да допрете до душата на еден човек и дали знаете колкав е јазот меѓу Вас и обичниот човек, човекот кој троши, вложува енергија, а му се возвраќа на ваков начин, прашува господинот Денчов.

ЗАМКА

Уставниот и Врховниот суд на Република Македонија се прогласија за ненадлежни за овој случај. Господинот Денчов потенцира дека мнозина сметале оти оваа категорија граѓани не ги познава законите и дека со нив ќе може да се манипулира.

Мислеа, објаснува господинот Денчов, дека воопшто не сме упатени во законските одредби, за што тврдам дека се излажале. Тргнавме по правната регулатува да ги бараме нашите права. Зачудувачки е тоа што Уставниот и Врховниот суд реагираа многу брзо. Вообичено кај нас ваквите работи се влечат со години по судовите. Иако станува збор за повреда на човековите права, Уставниот суд многу брзо донесе одлука за ненадлежност. Ако тој не е надлежен, тогаш кој ќе ги брани човековите права? Но, парадоксот продолжува понатаму. И Врховниот суд за краток период се прогласува за ненадлежен не објаснувајќи ни што да правиме понатаму. Значи, постои основа за замка.

Господинот Денчов објаснува дека повторно ќе се обратат до Врховниот суд, бидејќи сметааат дека овој суд донел избрзана одлука. А ако на овој начин не ги реализираат своите права, ќе се обратат и пред Меѓународниот суд за човекови права.

Владата најави нов Конкурс за доделување станови од ваков карактер. Но, господинот Денчов потенцира дека тие нема да се пријават на тој Конкурс, бидејќи тие имаат добиено решенија од минатата влада. Во решението прецизно била наведена зградата, бројот, станот.

Нека размислат оние од власта, вели господинот Денчов, што ќе се случи, ако на исто место, во ист стан се најдат двајца. Ако тие нам сонот ни го срушија, нека не се надеваат дека и тие ќе сонуваат. Тогаш ќе треба да си ги соберат парталите, да си отидат од државата и никогаш да не се вратат назад. Ние нема што да изгубиме. Како "цицалчиња" во пелени се. Тие не знаат што значи да немаш покрив над главата. Токму тие "цицалчиња" нам ни ја решаваат судбината. Тие не знаат што значи моето дете да има едно просторче во ќошот за да учи. Во оваа земја, јас сакам на чесен начин да си го добијам она што го барам. Оние од власта нека прошетаат по улиците за да видат како живеат луѓето. Лесно е на баловите, на пиедесталите, со лажни вредности, лажен гламур, да говорат од името на народот.

Господинот Денчов им порачува на властодршците да прошетаат до местатата каде што се градат становите, да видат како работниците со четврт леб, една мала главица кромид и една "зденка" работат цел ден. Овој човек се надева дека еден ден ќе го добие своето право, односно станот кој му следува.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"