ЕКОНОМИЈА

Првиот мобилен оператор, Мобимак, го обвинува својот конкурент МТС – Космофон

"ЌЕ ЗАВРШИМЕ СО ДВЕ НЕКВАЛИТЕТНИ МРЕЖИ"

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Во скопската Општина "Кисела Вода" корисниците на Мобимак веќе ги чувствуваат последиците од несоодветно поставените базни станици на грчкиот конкурент, а пречките во сигналот наскоро ќе ги почувствуваат сите корисници, тврди директорот Петревски.
  • Според постојниот македонски Правилник со кој се регулира оваа проблематика, растојанието меѓу базните станици не смее да биде помало од 250 метри.
  • Од 12 јуни вториот мобилен оператор Космофон го започна комерцијалниот старт при што ги презентираше производите и услугите и плановите за во иднина.

Раководството на Мобимак неколку денови пред стартот на новиот мобилен оператор, излезе во јавноста со обвинување кон Космофон во врска со неправилности во поставувањето на базни станици. Станува збор за незаконско инсталирање на антенски столбови од страна на МТС - Космофон на места каде што веќе се поставени базни станици на Мобимак со што секако во иднина би се јавило нарушување на мрежата.

Државниот завод за геодетски работи го информирал Мобимак дека МТС - Космофон има потпишано договор со Заводот дури на 22 мај, а повеќето од локациите се изградени претходно, што значи дека МТС самостојно си ги избирал локациите за базни станици со што го нарушил законскиот ред кој треба да се почитува.

НЕПРАВИЛНОСТИ

Според Мобимак, МТС - Космофон базните станици ги поставува на растојание од 50 сантиметри до 20 метри од постојните базни станици на Мобимак што се коси со правилото дека заради квалитетот на сигналот, растојанието не смее да биде помало од 100 метри.

Премногу блиското поставување на станиците нема да му наштети само на нашиот сигнал, туку на крајот ќе дејствува врз сигналите и на двете мрежи. Ние се плашиме дека од една квалитетна мрежа, на крајот ќе завршиме со две неквалитетни мрежи. Меѓутоа, најголеми губитници од сето ова ќе бидат корисниците, вели Јован Петровски, главен извршен директор во Мобимак.

Преблиско поставување на базни станици се јавува на околу дваесетина локации од кои најкарактеристична е локацијата кај Летевци каде што растојанието меѓу двете базни станици е околу 45 сантиметри. При поставувањето на новата станица, МТС - Космофон ги оштетил и темелите на 22 метра високиот столб на Мобимак, истовремено попречувајќи го зрачењето на антената со што сигналот е ослабнат за пет децибели. Со тоа штетата е поголема затоа што столбот на МТС - Космофон се поставува во правецот на зрачење на сигналот на Мобимак, поради што корисниците на првиот мобилен оператор, ако се движат со автомобил, нема да имаат сигнал на мобилните телефони.

Кај Летевци растојанието меѓу двете базни станици е околу 45 сантиметри

Уште еден пример на незаконско лоцирање на базна станица е и на Страцин, Кумановско, каде што МТС - Космофон има поставено базна станица директно врз локација на Мобимак, која претходно била околчена од државните геодетски служби и чекала да биде изградена. Исто така, во Мобимак не им е јасно како може МТС - Космофон да изгради антена на Зајчев Рид, место за кое првиот мобилен оператор минатата година не доби дозвола.

Во скопската Општина "Кисела Вода" корисниците на Мобимак веќе ги чувствуваат последиците од несоодветно поставените станици на грчкиот конкурент, а пречките во сигналот наскоро ќе ги почувствуваат сите корисници, тврдат во Мобимак.

ЗАКОН

Како што тврди главниот технички директор, Ефтим Бетински, во Законот за телекомуникации, иако има недоречености, односот меѓу двата оператора е регулиран. Меѓутоа, МТС - Космофон досега воопшто не го испочитувал Членот 64 од Законот, кој вели дека изведбата на новите станици и нивната употреба не смее да предизвикува пречки во работата на други телекомуникациски мрежи, односно да ја ограничуваат или да ја нарушуваат конкуренцијата. Во Законот воедно пишува и дека за поставување на нова опрема до веќе поставена базна станица мора да се обезбеди писмена согласност од веќе постојниот оператор.

Страцин - место кое претходно било на Мобимак, а сега е на МТС

За разлика од грчкиот конкурент, Мобимак ги исполнува сите свои концесиски обврски и има морална обврска да го одржува квалитетот што го бараат неговите корисници.

Како најголем даночен плаќач во државава, очекуваме одговор од надлежните институции, вели директорот Петровски.

Воедно, директорот Петровски го повика конкурентот да ја почитува законската регулатива. На ова господинот Чаба Боте, еден од менаџерскиот тим во Мобимак, истакна дека треба да се почитуваат сите правила и обврски кои се зацртани во една земја.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"