ИНТЕРВЈУ

Мире Димоски, еден од оние на коишто Владата им ги одзеде становите

НИ ГО УНИШТИЈА ПРАВОТО НА СЕМЕЈНА СРЕЌА

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Кога за момент почувствував дека сум среќен, некој во оваа држава се обиде на моето семејство да му го скрати правото на среќа, вели господинот Димоски.
  • Знаат ли "господата" што значи да се живее без вода, на овие летни горештини во 21 век?! Е "господа" мои, вака во Европа верувајте ми не се оди!, коментира господинот Димоски.

Судбината на господинот Мире Димоски од градот Гостивар е слична со судбината на многуте луѓе од државава, на кои актуелната владејачка гарнитура, по доаѓањето на власт, им ги одзеде становите.

Јас сум еден од добитниците на становите од Гостивар. Кога за момент почувствував дека сум среќен, некој во оваа држава се обиде на моето семејство да му го скрати правото на среќа, вели господинот Димоски.

Тој појаснува дека на Конкурсот објавен во септември 2002 година, како и многу други млади брачни парови станбено необезбедени, конкурирал со своето семејство. По кусо време биле известени дека се стекнале со право на закуп на стан.

Среќата, потенцира господинот Димоски, беше неизмерно голема, сонот ни стана јаве. Но, за несреќа, новоизбраната Влада го поништи Конкурсот и ни го одзеде правото на семејна среќа. Во меѓувреме ние закупците на станови од Гостивар, веќе бевме вселени во новоизградените станови. Од тогаш почнуваат нашите патешествија, нашето одење по маките.

Господинот Димоски појаснува дека барајќи ја правдата за кусо време сите закупци на станови и од другите градови во Република Македонија успеале заедно да се организираат и да формираат Координативно тело.

МАКИ

Кога влеговме во нашите станови, немаше ниту струја, ниту вода. Но желбата беше преголема да се биде во нов стан, да се има свој покрив над главата и нашите деца конечно да си имаат свое катче. Со големи маки некако успеавме кон крајот на месец јануари оваа година да ја обезбедиме електричната енергија, но водата и до ден денес ни претставува голем проблем. Знаат ли "господата" што значи да се живее без вода, на овие летни горештини во 21 век?! Е "господа" мои, вака во Европа верувајте ми не се оди!, коментира господинот Димоски.

Овој човек, кому Владата му го одзеде станот, вели дека имале средби кај премиерот Црвенковски, каде што им било ветено оти лично тој ќе се заангажира и ќе им помогне во решавањето на овој проблем.

Но, потенцира господинот Димоски, морам да кажам дека помош од Владата ние се уште немаме.

Поради тоа што никој немал слух за нивните проблеми, не им преостанало ништо друго освен да се обратат до Уставниот и до Врховниот суд на

Република Македонија. На нивно големо изненадување овие институции, како што појаснува господинот Димоски, се прогласиле за ненадлежни. Се обратиле и до Анкетната комисија за човекови права во Собранието на Република Македонија.

Меѓутоа, од тоа немаше корист, бидејќи повеќето од членовите на Комисијата се однесуваа некоректно и беа водени од теснопартиски интереси, со прегласување. Тоа е апсурд за една ваква Комисија што треба да ги штити човековите права. Таа донесе одлука спротивна на нашите очекувања, иако требаше само правдата и вистината да победат, коментира господинот Димоски.

ПРАВДА

Мире Димоски посочува дека според истите критериуми вакви добитници на станови има во Струмица, Штип, Прилеп, Гевгелија кои ја делат истата судбина.

И сега навистина не ни е јасно каде ние да се обратиме, каде да си ги бараме нашите човекови права? Дали е потребно правдата да ја бараме пред меѓународните судови, или пак се уште постои надеж нашиот случај да биде решен во нашата држава. Сакам да им кажам и да им порачам на претставниците на Владата да престанат да се држат само за нивите "фотелји" и да почнат да ги решаваат проблемите на своите граѓани, на своите Македонци во оваа држава. За жал, како што тргнаа работите, јас мислам дека сите млади ќе почнат среќата да си ја бараат надвор од државата, а тоа навистина на Македонија не & треба. На Македонија, верувајте, & требаат Македонците, заклучува господинот Димоски.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"