ИНТЕРВЈУ

Ана Андова, пратеничка во Собранието на Република Македонија

КВОТИТЕ СЕ САМО МЕХАНИЗАМ

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Мајчинството ги менува работите, станувате потолерантен и развивате еден модел на разбирање. Тоа многу помага во градењето на релации со поединци и во остварувањето на комуникацијата.
  • Секако дека постигнатиот резултат не се должи само на квотата од 30 отсто. Тоа се должи и на сите процеси на еманципација, на себепотврдување, на афирмација на жените на секој план.

МС: Госпоѓо Андова, што сте по професија, како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

АНДОВА: Јас по професија сум дипломиран психолог и мислам дека сум првиот психолог во Собранието на Република Македонија. Тргнувајќи од мојата професија имам во план да бидам иницијатор на едно правно врамување на приватната практика на моите колеги психолози, а која досега не е опфатена со ниеден друг закон. Би сакала да направам нешто на тој план. Сметам дека професијата психолог во светот е етаблирано занимање, а не гледам причина тоа да не биде така и кај нас. Животот денес е толку динамичен и стресен и во одреден момент на сите им е потребен еден простор за себевидување со помош на некој друг. За да се избегне можноста од шарлатанство и импровизации, неопходно е да се направи законска рамка за оваа професија. Веќе имав можност да ја промовирам мојата професија во полето на индустријата. Како дипломец на првата генерација на психолози при Филозофскиот факултет во Скопје чувствувам потреба да ја спроведам мисијата за промовирање на нашата професија. Политичкиот ангажман нема никаква врска со професијата. Јас одлучив да не бидам нем посматрач на она што се случува околу нас. Овој период на 12 интензивни транзициони промени во нашата држава почувствував силна потреба да направам нешто за општеството. Во 1991 година на мојата 35-годишна возраст јас активно се вклучив во политиката во согласност со плуралистичките текови на нашето општество.

МС: Кога е вистинскиот момент за жената активно да се вклучи на политичката сцена и какво е Вашето лично искуство?

АНДОВА: Во принцип не би требало политичкиот ангажман да го сврзуваме со возраста, но сепак јас сметам дека е потребно одредено животно и работно искуство. Тоа пластично би го илустрирала со примерот дека ако еден човек не водел сметка за својот семеен буџет, тогаш тешко може да се справи со преостанатите обврски.

МС: Според Вас колку жените се способни да бидат политички активни и дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на политиката и колку Ви е тешко дури од Кавадарци редовно да доаѓате на собраниските седници?

АНДОВА: Во прашање не е само способноста или неспособноста, туку ставот дали да се занимавате со тоа или не. Тука тоа би го ставила во релација со јавната свест, со традиционалните норми, со одредени стереотипи и колку еден човек, маж или жена сеедно, е способен да излезе од тие конзервативни рамки. Тоа особено е евидентно за помалите средини каде што за жал на жената особено се гледа со построги критериуми. Во принцип реков дека станува збор за ставот дали можете се својот капацитет, со своите можности да се вклучите во политичките води. Сметам дека жените можат да се носат рамо до рамо со мажите. Особено би било добро кога тоа би бил заеднички став. Инаку, воопшто не ми е тешко да патувам од Кавадарци, затоа што 24 години наназад работев во "Фени-индустри" до каде што исто така патував. Сите трансформации во општеството ги доживеав преку фирмата во којашто работев.

МС: Каков е односот на Вашите колеги кон Вашата досегашна работа?

АНДОВА: Во принцип лично не сум имала одредени проблеми на тој план. Веројатно тоа се должи на коректното однесување на колегите. Можеби тоа сме го сфатиле како дел од можна конкуренција како што има и во односите меѓу мажи и мажи. Така и јас сакам да гледам на работите.

МС: Покрај политичкиот ангажман, дали имате време и за Вашиот приватен живот, за Вашето семејство?

АНДОВА: Мислам дека е потребна една добра организација за да имате време и за семејството и за политичкиот ангажман. Меѓутоа, мислам дека тоа е напорно. Лично за себе можам да кажам дека тоа не ми претставува напор, бидејќи моите деца се веќе студенти. Поголемиот син е на трета година на студии, а помалиот е бруцош. Јас отсекогаш сум била политички активна, но сум била активна и во цивилниот корпус. Моите деца се навикнати на тоа и дури ме потсетуваат на обврските. Во тој поглед имам целосна поддршка од семејството.

МС: Како е да се биде мајка - парламентарка?

АНДОВА: Сега сме во една фаза кога децата ми се мене попотребни, отколку јас ним. Моите синови постигнаа потребна зрелост и самостојност, мислам дека така ги имам навикнато. Тие денес ретко ми се обраќаат за помош. Не се случило досега два пати да ми бараат за месечен буџет кој им следува. Веќе споменував за просечната група на граѓани и за маргинализираноста и сакам да го споменам мојот пример. Јас сум самохран родител, мојот сопруг е починат пред 18 години. Јас сама ги подигав децата и при тоа успеав во својата средина да надминам одредени табуа, присутни особено во помалите средини. Секој има право и обврска да учествува во креирањето на животот, а при тоа да биде успешен родител, но и успешен во политичкиот ангажман. Маргинализацијата на одредени статусни состојби треба да се надминат во нашето општество. Заслугата за моите досегашни успеси го носи моето пошироко семејство кое несебично ми помагаше.

МС: Жената од билошки аспект пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас, претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

АНДОВА: Апсолутно предност, никако хендикеп. Кај нас се уште постои поделба во обврските во семејството. Скоро целиот товар лежи на мајките. Тоа се менува, но сепак просечната состојба е таква. Меѓутоа, мајчинството ги менува работите, станувате потолерантен и развивате еден модел на разбирање. Тоа многу помага во градењето на релации со поединци и во остварувањето на комуникацијата.

МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести политички ангажмани?

АНДОВА: Да, имам целосна поддршка и разбирање.

МС: Обично се вели дека позади секој успешен маж стои жена, но дали според Вас би можеле да кажеме обратно - дека позади секоја успешна жена стои маж?

АНДОВА: Јас би рекла дека секој успешен партнерски однос реализира успешен маж или успешна жена. Мислам дека едно добро партнерство може да резултира со успешна личност.

МС: Колку време, покрај кариерата и семејството, посветувате и на самата себеси, на својот изглед и стил?

АНДОВА: Тоа би го ставила во исполнувањето на дневната агенда на обврските. Го посветувам она нужното време потребно за педантност и среденост. Сакам пастелни бои, не сакам наметливост. Сметам дека треба да се има еден имиџ кој одговара на професијата, да се чувствувате удобно и да не се отскокнува од преостанатите.

МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?

АНДОВА: Не би можела да предвидам кога тоа ќе се случи, но мислам дека сме на добар пат. Секако дека постигнатиот резултат не се должи само на квотата од 30 отсто. Тоа се должи и на сите процеси на еманципација, на себепотврдување, на афирмација на жените на секој план. Квотите ги сфаќам како еден механизам да не го чекаме природниот тек на нештата да доведе до 50, 60, зошто не и 70 отсто застапеност. Квотата е механизам и така гледам на истата. Она што е нормално, вообичаено е да се случи.

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

АНДОВА: Имам една порака. Кога ќе се постигне еден баланс, една рамнотежа меѓу она што значи животно искуство и меѓу она што значи работно искуство, работен ангажман, е вистинскиот момент за да се вклучите во она што се вели евалуација на општеството, преку еден политички ангажман.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"