Презумпцијата на невиност (Член 14 од Пактот за граѓански и политички
права од 12 декември 1966 година), што значи дека обвинетиот е невин додека
неговата вина не се докаже, односно дека нема кривична одговорност додека не
се докаже делото, се дефинира во Членот 66 како претпоставена невиност.
Принципите "Nullum crimen sine lege"
(нема злосторство без закон) и "Nulla poena sine lege"
(нема казна без закон, додека не му биде судено на извршителот), во Статутот
се дефинираат во членовите 22 и 23. Принципот "Nullum
crimen sine lege" се поврзува со времето
на јурисдикција на Судот по стапување во сила на Статутот, па се смета дека
никој не е кривично одговорен за дело коешто кога било извршено не било
кривично дело во надлежност на Судот. Со Членот 23 се дефинира дека лицето
кое е осудено од Судот може да биде казнето само во согласност со овој
Статут ("Nulla poena sine lege").
Предвидени казни во Статутот се доживотна и казна затвор во траење од
одреден број години, како и парична и казна одземање на имот (казната за
одземање на имотните добра стекнати со кривичното дело). Казните за одземање
имот се воведени со цел да се намали моќта на осуденикот. Под надзор на
Судот, затворските казни се извршуваат во една од државите од листата што на
Судот му искажале подготвеност за прифаќање на осудениците, под услови што
самите ги навеле во изјавата. Судот може во секое време да одлучи да го
премести осуденикот во затвор во друга држава, а преместување може да побара
и самиот осуденик.
Во Статутот се почитувани сите права на осомничените и обвинети лица,
предвидени во Членот 14 од Пактот за граѓански и политички права на ОН.
Правото на живот, како едно од основните, фундаментални права на човекот, се
почитува со тоа што смртната казна е исклучена. Во Статутот се застапени
слободата од тортура и друг понижувачки и нехуман третман и правото на хуман
третман на затворениците, правото на фер судење, правото на еднаквост пред
законот, на судска заштита и на извршност, како и забраната за пропагирање
на војна и поттикнување на национална, расна или верска омраза.
ОРГАНИЗАЦИЈА И СТРУКТУРА
Постојаниот Меѓународен кривичен суд е составен од Претседателство (не
само претседател како во Хашкиот и Судот за Руанда), Апелационен совет (оддел
во текстот на македонски јазик, објавен во Службен весник на РМ 12/2002),
судски и претсудски оддел (судските совети), Канцеларија на обвинител и
Архива. Судот се организира во комори, а Апелациониот совет се состои од
претседателот и четворица други судии. Судот има 18 судии кои ги предлага
која и да е држава - членка од Статутот, но поради претпоставката дека во
некои од нив нема да имаат кандидати со потребните квалификации, оставена е
можност тие да не мора да се нејзини државјани. Судиите со тајно гласање ги
избира Собранието на државите - членки, а за избран се смета кандидатот кој
ќе добие најголем број гласови и двотретинско мнозинство од гласовите на
присутните држави - членки од Собранието кои гласале. Нивниот мандат е девет
години и тие не може да бидат повторно избрани. Претседателството на Судот
може да предложи зголемување на нивниот број, а предлогот ќе го разгледува
Собранието на државите - членки на Статутот, и ќе се смета за прифатен ако
добие двотретинско мнозинство од гласовите на државите. Судиите се постојани
и не им е дозволен друг професионален ангажман. Акцентот е ставен на
независноста на судиите, а оставена е и можност за нивно изземање и
дисквалификација, за што решаваат сите судии со апсолутно мнозинство (Член
41).
Во Статутот посебно е нагласена и независноста на институцијата Обвинител.
Канцеларијата на Обвинителот дејствува независно, како посебно тело на Судот.
Обвинителот го избира со тајно гласање Собранието на државите - членки.
Обвинителот има еден или повеќе заменици кои мора да поседуваат различно
државјанство. Замениците ги предлага Обвинителот и се бираат на ист начин.
Обвинителот и замениците мора да се лица со висок морален квалитет, висока
стручност и богато практично искуство во гонење или судење за кривични
предмети (Член 42). Покрај судиите, и Обвинителот може да биде заменет со
одлука на судиите, донесена со апсолутно мнозинство.
Судот постапува кога државата - членка ќе му упати на Обвинителот случај
со кој смета дека е сторено едно или повеќе кривични дела, кога таков случај
ќе му упати Советот за безбедност на ОН, врз основа на Главата седум од
Повелбата на ОН, и по предлог на Обвинителот. Советот за безбедност може да
побара одложување на истрагата и на кривичното гонење за период од 12 месеци
по поднесување на барањето. Сепак, за разлика од Статутот на Хашкиот суд, во
Римскиот статут улогата на Советот за безбедност на ОН во иницирање на
истраги е многу поограничена, и тоа во корист на независните обвинители. Со
афирмација на моќта на обвинителите да иницираат истраги се одобрува
правниот приод за институционализација на независно обвинителство.
Обвинителот бара истрага, ако утврди дека постои основа за сомнение дека е
извршено кривично дело. Врз основа на известување дека е извршено кривично
дело, како и на (писмени или усмени) изјави што може да ги добие само во
седиштето на Судот, Обвинителот бара истрага по сопствена иницијатива и сам
ја анализира содржината и ја утврдува сериозноста на доказите. Исто така,
Обвинителот независно одлучува за прашањето на прифатливост на фактите,
односно за тоа дали има основаност за сомнение за извршено кривично дело, и
доколку утврди дека има, од Претпретресниот совет бара покренување на
истрага. Овој Совет одлучува по прашањето на прифатливост на барањето и, по
разгледувањето на барањето и материјалите, заклучува дали постои солидна
основа за тоа дали случајот е во надлежност на Судот и дали ќе се покрене
истрага. Претпретресниот совет презема мерки за ефикасна и праведна постапка,
особено за заштита на правата на одбраната (Член 56, ст. 1 б) и решава за
постоење на основаност на обвинението. Претпретресниот совет одлучува и за
тоа во кои случаи има единствена можност за покренување на истрага. Овој
Совет ги издава налозите за апсење и судските покани, што може да бидат
испратени и за време на истрагата, со цел да се спречи попречување на
истрагата. Постапката за апсење во земјата на притворот е опишана во Член
59. Обвинителот независно одлучува дали ќе побара да се покрене обвинение,
што го подготвува самиот во краток приказ на фактите и го доставува до
Претпретресниот совет, што ја дава потврдата или го отфрла предлогот за
обвинението.
СЛУЖБЕНИ ЈАЗИЦИ
Судската постапка, како што е вообичаено, е во надлежност на Претресниот
(судскиот) совет. Тој е надлежен и во случај на признавање на вината, за што
постапката е опишана во Членот 65. Објавувањето на пресудата е јавно или
тајно, ако така одлучи Советот. Кога Судскиот (претресен) совет ќе донесе
осудувачка пресуда, се изрекува казната.
Жалбената постапка е во надлежност на апелационите совети, што одлучуваат
по жалби против одлуката за ослободување или за осудување, или против
одлуката за казна. Жалба на пресудата може да поднесе Обвинителот или
обвинетиот (осудениот), а таа се поднесува по основ на повреда на постапката,
на грешка во фактите или грешка за правото, но и за жалби против други
одлуки (за надлежност и прифатливост и за други одлуки). Како што се
практикува во постапките во повеќето држави каде што во независната трета
судска власт за правото на жалба решава Апелационен суд, во Меѓународниот
кривичен суд таа улога им е доверена на Апелациони оддели (совети).
Апелациониот совет може да ја потврди, да ја укине или да ја преиначи
одлуката (пресудата) на Судскиот совет, како и да одреди ново судење пред
друг Судски совет. Во случај да се откриени нови или да е откриено дека
пресудните докази користени во судската постапка биле лажни, невистинити или
фалсификувани, предвидена е и можност за друг правен лек, а тоа е барање за
ревизија на конечната одлука или на изјава за казната, што во трационалните
кривични законодавства е вонреден правен лек. Ако се утврди дека барањето е
основано, по сослушувањето предвидено со Правилникот за постапката и
доказите, Апелациониот совет може предметот да му го упати на истиот Судски
совет или на друг Судски совет, или да реши дали пресудата треба или не
треба да се промени.
Карактеристично за овој Суд е и тоа што ќе работи со повеќе службени
јазици. Тоа се арапскиот, англискиот, францускиот, рускиот и шпанскиот јазик.
Работни јазици се англискиот и францускиот, а во Членот 50 предвидени се и
ситуации во коишто и другите службени јазици може да се употребуваат како
работни јазици. Тие се утврдени во Правилникот за постапка и докази, што ќе
го донесат судиите.
Финансирањето на Судот е од средствата пресметани од придонесите од
државите - членки на Статутот. Втор извор се средствата кои ги дозначуваат
ОН со одобрение на Генералното собрание, посебно за трошоците за предмети
што ги упатил или за коишто дал согласност Советот за безбедност. Исто така,
дозволени се дополнителни средства, односно да се примаат и доброволни
придонеси од влади, меѓународни организации, поединци, корпорации и други
лица, во согласност со критериумите што ќе ги прифати Собранието на државите
- членки. (Римски статут, Службен весник на РМ, број 12/2002).
(Продолжува)