ПОЛИТИКА

СОЦИЈАЛА: Здружение на граѓани за заштита на човековото достоинство и професија

ЦРНА КНИГА ЗА НЕПРАВДИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • За овие неколку месеци колку што постои нашето Здружение можеме да издадеме црна книга за неправдите кои им се нанесени на вработените во јавната аминистрација и сето тоа да го поткрепиме со аргументи, вели претседателот Танушевски.
  • Без соодветни аргументи нема да се согласиме да се отпушти ниту еден вработен во ЕСМ, или во кое било друго претпријатие, додава господинот Танушевски.

Владата на Република Македонија најави четирипроценто намалување на јавната администрација. Иако објаснувањето од нивна страна за ваквиот чекор е дека тоа е во согласност со препораките од ММФ, ваквата одлука значи дека многу луѓе, вработени во јавниот сектор, ќе останат на "улица".

Здружението на граѓани за заштита на човековото достоинство и професија во јавната управа и јавните служби на РМ, упатува апел до надлежните институции во државава да подразмислат за ваквата реформа. Ова здружение јавно се обрати и до премиерот Црвенковски, но за жал Премиерот, барем до моментот на објавување на текстот, не најде за сходно да им се обрати ним или на македонската јавност во врска со овој проблем.

"Реформите не се прават преку ноќ", Танче Танушевски

Претседателот на ова Здружение, господинот Танче Танушевски, објаснува дека како Здружение кое е засегнато со проблемите на вработените во јавниот сектор, сакале да седнат да поразговараат со претставници на македонската Влада и да видат дали навистина има аргументи за она што го прави македонската извршна власт. Затоа што, како што објаснува господинот Танушевски, токму ова Здружение е столбот, 'рбетот на секоја власт.

Кога се одлучуваше за реформите ние баравме да учествуваме во расправите. Владата не даде никаков одговор на предлозите што & ги понудивме, ниту пак не викна во расправите. Секоја реформа не се прави преку ноќ. Јас би го спомнал почитуваниот професор од Правниот факултет, Борче Давидковски, кој има кажано дека реформа во јавната администрација се прави најмалку за десет - петнаесет години. Сега се инсистира реформата да направи за една година. Се знае дека реформа се прави врз основа на проекти, сознанија. Во неа треба да биде вклучена науката, а на крајот на краиштата и граѓаните и вработените во јавните служби. Денес, сето тоа го нема, вели господинот Танушевски.

МАНИПУЛАЦИИ

На една од прес-конференциите ова Здружение најави дека се манипулира со бројот на вработените во ЕСМ, односно по партиска основа се вработуваат нови лица, а на сметка на тоа веќе се подготвени решенијата за отпуштање на луѓе кои не припаѓаат на владејачката гарнитура.

Вакви релевантни информации секојдневно добиваме од вработени во ЕСМ. Досега никој од ЕСМ не не демантирал, односно не кажал дека она што ние го зборуваме не е вистина. Имаме такви списоци кои не сакаме да ги објавуваме во јавноста, зашто нашата цел е да го заштитиме граѓанинот, вработениот во јавниот сектор. Без соодветни аргументи нема да се согласиме да се отпушти ниту еден вработен во ЕСМ, или во кое било друго претпријатие. Сакаме да седнеме на маса, да ги понудиме нашите податоци, да ги видиме нивните информации, да имаат оправдувања за отпуштањата, затоа што секое отпуштање на кој било вработен е нов социјален случај во државава, вели господинот Танушевски.

Претседателот на Здружението вели дека, иако Владата најавува четирипроцентно намалување на јавната администрација, во ЕСМ нема да се отпушаат четири, туку 24 проценти. Според него, сето тоа се прави со одредена цел - да се отпуштат 24 проценти, а потоа да се примат 15 проценти, за бројките да се изедначат со она што го бара Владата. За разлика од тоа, во ЕСМ, според податоците на Здружението, има 600 нововработени лица. Ова Здружение поведе иницијатива со собирање потписи на граѓаните за да се спротивстават на покачувањето на цената на електричната енергија.

Заедно со уште 19 други невладини организации покренавме иницијатива под мотото "Стоп за покачување на цената на електричната енергија". Иницијативата се спроведува низ целата држава. Сите наши членови во Здружението работат на терен. Имаме информации дека акцијата тече во најдобар ред, а најверојатно наскоро ќе излеземе со информација колку потписи се собрани, потенцира господинот Танушевски.

Првиот човек на Здружението коментира дека, иако се вели оти покачувањето на цената на електричната енергија е по барање на ММФ, тие се уште го немаат видено тоа барање. Ако и покрај евентуалниот успех на оваа акција Владата одлучи да ја зголеми цената на електричната енергија, господинот Танушевски објаснува дека за следните чекори на ова Здружение дополнително ќе се одлучува, а пред се треба да се праша народот.

Координаторот на акцијата, господинот Роберто Тошевски, појаснува дека целта на акцијата е да го потсетат Премиерот и министерот за финансии да си ги одржат дадените ветувања.

Од Здружението располагаат со соодветна документација дека во ЕСМ, односно во одредени негови подружници, постои недостиг на вработени и дека не станува збор за никаква тешка финансиска состојба, туку ЕСМ во изминатата година остварило добивка. Со отпуштањето на вработени во ЕСМ, според Здружението, ќе се заштедат само 5,6 милиони евра, што во вкупните трошоци на ЕСМ е 0,2 проценти. Планот за поскапување на струјата и покачениот ДДВ се, како што коментираат од Здружението, само изговор на еден партиски реваншизам кој сега се спроведува на големо во ЕСМ.

ОТКАЗИ

Господинот Танушевски коментира и за отпуштањата и за новите вработувања по партиска основа во здравствените институции и во Министерство за внатрешни работи.

Сето тоа, како што вели и самиот, се прави на транспарентен начин. Ние излеговме со информации дека во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор од 750 вработени, 350 се пратени на принуден одмор, а 170 се примени со договор на дело. Во здравствените институции тие што се примени со договор за дело се отпуштаат, а на нивно место се вработуват нови - активисти, членови на владејачки партии. Во МВР најверојатно ќе се отпуштат околу 500 вработени. Ќе се отпуштат луѓе кои со своето работење оставиле белег во МВР. Би сакале од МВР да ни одговорат на неколку прашања: Колку од тие што се вработени со курсеви го имаат отслужено воениот рок, колку луѓе во изминатиот период се вработени со договор за дело. Имаме информација дека многу од оние што работеле во агенциите за обезбедување сега се примени во МВР. Колку луѓе што зеле 24 плати се вратени на работа во изминатиов период?! Колку од тие што беа на одредени раководни места и во полициските ешалони, се преместени од местото на живеење, односно ако бил вработен во Скопје, се прераспоредува во Тетово, Куманово, итн?! Дали луѓето се преместуваат затоа што има потреба од такви кадри во другите градови, или сето тоа се прави за подоцна тие да се прогласат за технолошки вишок. Дали тие се виновни што биле вработени, или што биле началници кога друга партија била на власт?! Верувајте, за сите овие прашања од МВР немаме одговор. Сето тоа што се прави може да има тешки последици врз безбедноста во РМ. Колку од тие што беа вработени во МВР се пратени да бидат возачи на цистерни, или се пратени во пожарна, од едноставен начин да се прогласат за технолошки вишок?! Имаме информации дека луѓе што биле на високи раководни места, сега имаат решение возач на пожарна кола. Нека излезе МВР, односно Секторот за аналитика со податоци дали во изминатите 15 или 20 години имало вакви преместувања. На оние што се прераспоредени не им се плаќа надомест за храна, превоз, односно она што им следува со Законот за внатрешни работи. Во Министерството за здравство во тек е формирање на Комисија која ќе одлучува за отказните решенија, а во Фондот за здравство ќе се отпуштат околу 18 или 19 проценти. Односно од 900, без работа ќе останат околу 170 луѓе, објаснува господинот Танушевски.

Претседателот на ова Здружение вели оти располагаат со информации дека и во Македонската радиотелевизија 300 - 400 луѓе биле деградирани, односно преместени на други работни места. Според неговите кажувања, и во МРТВ ќе има голем број на отпуштања.

Она што се случи со Нова Македонија, за господинот Танушевски е пораз на новинарството.

Треба ли, вели господинот Танушевски, да споменам што се случуваше пред изборите. Каде е сега тоа Зружение на новинари, каде се тие нивни гласноговорници, на кои места сега отидоа. Дали требаше да се задоволат нивните лични интереси, да заборават на преостанатите новинари.

Здружението не располага со точни податоци за бројот на вработени во јавната администрација, бидејќи како што вели неговиот претседател, станува збор за затворен систем, надлежните објавуваат информации само ним што им одговараат, а Здружението нема пристап до нив.

Врз основа на добиени сознанија за прекршување на правата на луѓето вработени во јавниот сектор, од Здружението се обратиле до народниот правобранител, но не добиле одговор.

За овие неколку месеци, колку што постои нашето Здружение, можеме да издадеме црна книга за неправдите кои им се нанесени на вработените во јавната аминистрација и сето тоа да го поткрепиме со аргументи, вели господинот Танушевски. Мислам дека тоа што ние излеговме пред јавноста со информации кои досега воопшто не се демантирани, ја натера Владата да позабави со реформите. Ние како Здружение ќе се спротивставиме на секое незаконско дејствување на која било влада. Не не интересира дали станува збор за оваа или која било друга.

Господинот Танушевски го посочува примерот со штрајковите во другите земји, односно таму Синдикатот ја крева целата јавност на нозе.

Нашиот Синдикат "мравка не го лази". Во изминатите 13 години, тој покажа неодговорност. Народот треба да одлучи дали сака демократија, заклучува господинот Танушевски.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"