ПОЛИТИКА

Албански терористички арач низ Македонија

КУРШУМИТЕ СВИРАТ СВОЈА ХИМНА

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Фактите од теренот, макар тоа да биле и лаички собирани, говорат дека акцијата против бандата на Саит Рушити била "исцинкарана". Кој го сторил тоа може да се провери во полицијата, бидејќи денес секој секого прислушува и за пари продава и препродава информации.
  • Но, проблемот не е веќе Рушити, туку полицијата која се покажа дека вака не може да функционира, бидејќи приучените "џандари" не можат да преземат посериозни дејствија.

Република Македонија, поточно невестата, повеќе не знае што треба да прави, односно како да расудува и кому да се жали оти во секој момент ја расчеречуваат, ја делат и ја грабаат. Тоа е секојдневна слика на улиците во Тетовско, во Кумановско, во Скопје и во другите делови од земјава. Никој во овој миг не може да се чувствува безбеден, бидејќи ненадејната смрт демне на сите страни.

Пиштолџиите не бираат средства и начини за да дојдат до пленот. Современите десперадоси, терористите, се вистинските лидери кои ја контролираат ситуацијата и тие го диктираат темпото на животот. Тој е суров, само што сега жртви на насилството станаа и Албанците. Тие сега го кркаат стапот заедно со Македонците.

ХИЕНАТА

Дрскоста на бандитите е голема. Но, сигурно дека има тесна врска меѓу полицијата и лицата што ги вршат овие злосторнички дела, бидејќи ако ја нема, акцијата за апсење на познатиот "бандит" Саит Рушити ќе успееше. Вака, хиената избега уште пред да засвират полициските сирени. Џабе куршумите свиреа своја химна, оти пилето избега. Рашомонијадата не може да се смири, бидејќи диргигентот оглувел, нема слух за штимање на оркестарот што тоне. Затоа безредијата се засилуваат.

Терористичките пусии по патиштата ни станаа секојдневие

Качачкото дивеење продолжува со несмален интензитет. Неодамна, една бугарска државјанка и една Албанка биле киднапирани од кафеаната "Теларија" во тетовското село Требош. Акцијата била изведена во стилот на холивудските каубојски вестерни. Влегле и излегле, а потоа заминале во "непознат правец". Затоа чуварот на јавниот ред и мир - полицијата - се уште не знае каде точно се однесени девојките кои во локалот работеле како келнерки. Според првите полициски сознанија, на 7 овој месец, околу 23 часот, жител од селото Порој заедно со уште две непознати лица пристигнале во кафеаната. Веднаш потоа, по нив група од околу десет лица со три автомобили "БМВ", "ауди" и "голф" дошле пред барот. Четворица од нив кои биле вооружени со автоматски пушки излегле од автомобилите. Тројца од инволвираните останале пред барот, а четвртиот влегол во кафеаната. Тој ја вперил автоматската пушка кон присутните гости и им наредил да излезат надвор. Во тој миг во кафеаната останале вооружениот напаѓач и трите непознати лица кои претходно влегле во кафеаната. Четворката ги грабнала девојките, а потоа ги внеле во возилата и испукале неколку истрели во воздух. По ова тие избегале во правец на селото Порој. На тој начин, покажаа дека институциите на системот не можат да го намалат тероризмот кој е во експанзија, се шири, бидејќи има сестрана политичка позадина.

ГРАБЕЖИ

Нешто порано, жител на тетовското село Челопек беше застрелан во главата, а негов соселанец ранет во сериозен инцидент од разбојници, кои бегале од полицијата. Настанот се случувал на локалниот пат Челопек - Брвеница. Околу 19 часот, таа кобна ноќ, Фуад Руфати (33 г.) со својот автомобил "форд ескорт", во кој имало уште четири членови од неговото семејство, направил лесна и ненамерна сообраќајна несреќа со автомобил "застава 128", во кој имало брачна двојка од селото Брвеница. Учесниците во овој сообраќаен прекршок одлучиле да не повикуваат полиција и да се договорат за отштетата. Притоа, настраданото лице Фуад Руфати го повикал Џемил Н., автомеханичар од Челопек, да ја процени штетата од сообраќајката.

Во тој кобен момент, наишле една "застава 128" и "сеат кордоба" во кои имало криминалци што претходно извршиле две разбојништва. Бандитите, кога ги забележале двата автомобили и неколкуте луѓе крај патот, помислиле дека полицијата им поставила блокада за да ги фати. Тие во паника почнале да пукаат од автоматски пушки. Во метежот, терористите го погодиле Фуад во главата, а во пукотницата настрадал и автомеханичарот од Челопек, кој бил погоден во рамото. По злосторството бандитите со голема брзина побегнале од местото на настанот и се упатиле во правец на тетовското село Горно Седларце. Таму во близина на селската депонија повторно почнале да пукаат во воздухот, а потоа излегле од возилата и ги запалиле. Двете возила целосно изгореле, а разбојниците влегле во друг автомобил и избегале во непознат правец.

Инаку, пред да го стори убиството, групата на локалниот пат од селото Желино кон селото Стримница, во месноста Мурѓаш, ограбила сопственик на златарски дуќан во Тетово. Насилниците со "опел корса" удриле во автомобилот во кој бил златарот Б.И. (30) од Стримница. Тие го избуткале од патот возилото на својата жртва, а потоа со впереното оружје насилно го извадиле "маченикот" од автомобилот и му одзеле околу 50 килограми златен накит, 3.000 евра и еден мобилен телефон. По грабежот, еден од бандитите го одвел златарот во блиската шума, каде што со дршка од пиштол го удрил по главата и го испрскал со спреј за онеспособување. По неколку минути на местото на грабежот наишло друго возило, во кое биле двајца жители на селото Стримница. Разбојниците ги нападнале и нив и им зеле 350 евра, два мобилни телефони и автомобил "сеат кордоба", а потоа со спреј ги онеспособиле. По ова разбојниците повикале на помош неколку свои познаници, кои дошле со автомобил "застава 128". Тие со двете возила по планинскиот пат преку Сува Гора заминале кон селото Брвеница, каде што во близина на мотелот "Бриони" го извршиле убиството.

НЕМОЌ

Силната подметната експлозија која се случи во центарот на Куманово и за среќа мина само со две лица повредени и огромна материјална штета, само ја надополни општата "безбедносна" слика во Република Македонија. Од силината на детонацијата, околу 2,25 часот бил повреден Марјан Поповски (14 г.) кој се здобил со расеченици од напукнатите стакла во околината. Од силната ескплозија биле искршени прозорските стакла на 22 стана, 17 дуќани, а е уништено и едно возило "рено 4". Разорната моќ на експлозивот била толку голема што последиците од детонацијата биле евидентни во размер од педесетина метри од местото на настанот. Според кумановската полиција, очигледно тој ден кумановчани ги следела среќата, бидејќи експлозивот за кој се предвидува дека е ТНТ можел да уништи цела станбена зграда. Меѓутоа, најверојатно таа била поставена само да предупреди.

Македонскиот крвав пир не запира, туку продолжува со несмален интензитет. Немоќта на државата, на полицијата и на другите органи да воведат ред, е се поголема. Затоа вината мора да се бара кај раководните лица кои не умеат да ги совладаат предизвиците. Разбојниците, односно терористите, се повеќе се самоорганизираат и се окрупнуваат. Таквата стратегија се чувствува на теренот.

Сите факти од теренот, макар тоа да биле и лаички собирани, говорат дека акцијата против бандата на Саит Рушити била "исцинкарана". Кој го сторил тоа може да се провери во полицијата, бидејќи денес секој секого прислушува и за пари продава и препродава информации. Но, проблемот не е веќе Рушити, туку полицијата која се покажа дека вака не може да функционира, бидејќи приучените "џандари" не можат да преземат посериозни дејствија.

За ваквите слабости се свесни оперативците во Министерството за внатрешни работи, но не можат да ја реорганизираат својата работа, бидејќи за неа ќе мора да добијат зелено светло од повисоките инстанци - политиката. Токму тие елементи ја кочат внатрешната иницијатива што веќе на големо ја заговараат професионалците во полицијата. Како дел од таа сеопшта акција за модернизирање на функционирањето на МВР е реактивирањето на полициската академија која беше укината од нивните довчерашни примадони, квази-правници и професори, коишто сметаа дека таа не е потребна. Нејзиното профункционирање и оправданост ги положи сите испити. Но, актуелната безбедносна ситуација не може да чека на неа, туку бара брза реакција на сите органи и институции. Во Тетовско и во Кумановско терористичкиот јавашлук се зголемува и тој директно влијае врз севкупните односи во Република Македонија. Последиците од нивните насилства се се поголеми.

Затоа, доколку МВР не преземе поконкретни акции за подобрување на влошената безбедносна ситуација, работите до крај ќе излезат од контрола. Впрочем, во одредени делови тие одамна се вон контрола, џабе велат дека сите кражби се дела на одредени банди. Токму припадниците на тие банди имаат сесрдна поддршка од албанската политичка врхушка која, сакале ние или не, ги контролираат и ги нарачуваат акциите на насилниците и на крвниците.

Во меѓувреме разбојниците се занимаваат со вистинската професија. Наместо да безделничат, тие си го собираат данокот во крв. Неволјата е заедничка, арачот го споделуваат и Албанците и Македонците кои се вистинските жртви на целокупната ситуација во земјава. Човек не треба да биде паметен за да извлече разумна генерална оценка дека во Македонија царува насилството. Тоа ги покажува своите заби кои се наострени и јадат се пред себе. Како тргнале да грицкаат се, полека, но сигурно ја уништуваат силата на државата. Таа веќе е исфрустрирана и истоштена од покажаните примери и од жестокоста на терористичките банди. Дали во моментов разбојниците се посилни и од полицијата? Можат ли неа да ја уценуваат?

Реската граница меѓу бандите и "џандарите" е тенка, таа дури и премногу е блиска, за да не можеме да поверуваме дека папочната врска не постои. Таа постои и тоа како, а како функционира, тоа го забележуваме. Кроце го освојуваат македонскиот пашалук.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"