ПОЛИТИКА

Шпекулации за туторство на Европската унија во државава

МАКЕДОНИЈА КАКО ПРОТЕКТОРАТ СО ЕВРОПСКА ВЛАДА ВО СЕНКА?

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Според вицепремиерката за европски интеграции, Радмила Шекеринска, политичката декларативност за евроинтеграција веќе не е доволна, туку сега е потребна голема работа. Според Шекеринска, ЕУ не подготвува туторство над Македонија.
  • Ако оваа Влада чувствува потреба од тој вид совети, место евросоветници во Владата, има можност да ги повика поранешните министри од Владата на Георгиевски, порачува Зоран Крстески, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и актуелен претседател на Државната пописна комисија.

Дали се поголемото учество на странските експерти и дипломати во министерствата на Владата на РМ, односно таканаречениот твининг систем, според се поприсутните шпекулации, значи и туторство, односно протекторат за Македонија, е прашање кое веќе подолго време многумина си го поставуваат.

Ќе бидам вулгарен во овој момент и ќе кажам дека тоа е едно од најглупавите прашања што може воопшто да се постави во овој момент на македонската политичка сцена, бидејќи сакате да го третирате како политичко прашање, а не како едукативно, беше одговорот на портпаролот на Владата на РМ, Сашо Чолаковски, во врска со нашето прашање дали со се поголемиот број евросоветници во нашата Влада, Македонија практично станува протекторат.

За оние што добро ги познаваат политичките состојби во државава, кога и за банални прашања Владата мора да се консултира со западните дипломати - советници, тогаш, велат познавачите, не сме далеку од состојбата на протекторат како што моментно е на Косово. Неспорно е дека нашите патишта водат кон семејството на ЕУ, но за да го изодиме тој пат сигурно не значи дека треба да оставиме и друг да ни ја посолува манџата во сопствениот дом.

Дали и колку твининг системот е неопходен за македонската Влада?

Да се стават претставници на Европската унија како советници на министрите е преседан кој го прави ЕУ кон која било земја - аспирант за влез во ЕУ. Сегашната Влада нема капацитет да го води процесот на евроинтеграција во согласност со динамиката на активностите утврдени од претходната Влада, но затоа укажува на евидентен застој на реформите пред се во економијата и на институциите кои треба да го прифатат моделот на европско законодавство како и се поголемата неизвесност и несигурност на безбедносен план. Некои владини претставници даваат некаква претстава за твининг-моделот за соработка. Овој модел го применуваат земјите кандидати за влез во ЕУ, а во основа се состои во следново: европските земји, членки на ЕУ, да даваат техничка поддршка на конкретниот Проект во конкретните институции кои треба да го зголемат капацитетот на ефикасноста на однапред усвоените закони за соработка со ЕУ, констатира Зоран Крстески, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и актуелен претседател на Државната пописна комисија.

ТВИНИНГ СИСТЕМ ИЛИ?

Вицепремиерката Радмила Шекеринска на шпекулациите за твининг системот, изјави дека тоа не е хендикеп, туку опција што треба да ја искористи државата. Според неа, твинингот како можност постои од 1998 година и Македонија одамна барала да биде вклучена во таа програма, но не ги исполнувала условите. Како пример Шекеринска ја спомена Шведска која остварила дури 102 твининг - аранжмани на нејзините институции со соодветни од земјите членки на ЕУ, дотолку повеќе што, според неа, во Македонија досега дошле и работеле околу илјада странски експерти, така што на таквата стручна асистенција не треба да се гледа на застарен начин. Според зборовите на Шекеринска, Македонија напредува во евроинтеграцијата, а политичката декларативност веќе не е доволна. Вицепремиерката, која во својство на одговорна за евроинтеграции зборуваше пред членовите на Комисијата за надворешна политика, изрази увереност исто така дека самитот на ЕУ во Солун ќе биде успешен за Македонија и дека голем дел од заложбите на регионот се земени предвид во платформата што се подготвува за Западниот Балкан. Шекеринска потсети дека од 37 препораки во три клучни области што се споменуваат во последниот извештај на Унијата за Македонија, дури 21 препорака биле повторени од претходниот, што покажува дека тие или воопшто не биле реализирани, или само парцијално биле остварени барањата на Брисел во тие области.

"Твининг системот е опција што треба да ја искористи државата", Радмила Шекеринска

Колку повеќе ги решаваме сами проблемите, толку ќе биде посилна нашата позиција во однос на Унијата, изјави вицепремиерката Шекеринска, додавајќи дека низ ЕУ обуките поминале над илјада службеници, дека се активирани и засилени телата за евроинтеграции, дека се подготвува отворање на информативен центар за Унијата и дека годинава ќе се засили мисијата на Македонија во Брисел.

МАРАТОН

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Донато Кијарини, ја спореди евроинтеграцијата со маратон, со оцена дека Македонија сепак е целосно подготвена да се вклучи во него.

Не може ЕУ да се сведе само на пари и на виза, вели Кијарини, додавајќи дека еднаш кога ќе се затворат преговорите за сите поглавја, ние ќе бидеме внатре во Унијата. Останува нејасно како ако не сме маратонци, ќе го трчаме последниот круг за влез во Унијата?!

Ако се обидете да ги најдете примерите на земјите кои претендираат за членство во Унијата, ќе најдете еден систем кој се вика твининг. Тој систем подразбира размена на експерти од земји од Европската унија кои работат на експертско ниво на прилагодување на легислативата на земјата - кандидат за влез во ЕУ кон легислативата на ЕУ. Нема бројка, не ни тврдам дека има голема бројка на странски експерти вклучени во моментот во Владата на РМ. Тоа воопшто не било и нема да биде табу тема - вклучувањето на такви експерти кои со својата експертиза ќе помогнат за приближување на РМ кон европското законодавство и европските стандарди на патот кон интеграција на РМ во ЕУ. Во овој момент не можам да зборувам за бројки, но примерите од Хрватска, Словенија и други земји кои стануваат претенденти за членство во ЕУ во овој круг или земји кои претендираат за во наредниот круг, се извонредно позитивни и покажуваат добри резултати. Погледнете ја кандидатурата на извеснот прием на Словенија во ЕУ, ја дополни својата изјава за "најглупавото прашање" довчерашниот наш колега, а сега владин гласноговорник, Сашо Чолаковски.

ПРОИЗНЕСУВАЊЕ

Евросоветниците се шема на ЕУ. Владата се уште се нема произнесено по тоа прашање. Сепак, присуството на евросоветниците нема политичка конотација. Воопшто не станува збор за туторство и за тоа дека сме протекторат во сенка, ни изјави Јордан Мирковски, шеф на кабинетот на министерот за финансии, Петар Гошев.

На оваа тема се обидовме да добиеме одговор и од државните секретари во Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но за жал секретарите не ни беа достапни со образложение дека се постојано на состаноци.

Според поранешниот прв полицаец и сегашен претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, Владата се уште не донела одлука за статусот на советниците во секое Министерство.

Многу е битно да се знае дали евросоветниците ќе имаат моќ на одлучување или пак само ќе даваат совети. Ако бидат само советници, тоа не е ништо лошо, но ако имаат моќ на одлучување, тогаш тоа ќе значи целосен протекторат за Македонија, ни изјави Трајанов.

Освен тоа, според Трајанов, битно е евросоветниците да бидат луѓе со искуство, проверени и докажани, а не неискусни волонтери кои ќе вршат експерименти со нас.

За да биде проблемот уште покомплициран, останува нејасно и прашањето што впрочем значи твининг системот, како дефиниција, со оглед на различното толкување и дали кај нас се практикува на вистински начин?!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"