ленот на Светиот
архиерејски синод на Македонската православна црква, Неговото
Високопреосвештенство, Митрополитот Бргеланички, г. Агатангел, вели дека ќе
мора да се расчини поранешниот владика Јован, односно Зоран Вранишковски.
Според него, тој бил уфрлен да го уништи Синодот и МПЦ. Но, г. Агатангел
верува дека ако не Неговото Високопреосвештенство и другите митрополити,
тогаш следните генерации ќе доживеат помесните сестрински цркви да ја
признаат Македонската православна црква, која е жртва на силниот грчки блок.
МС: Ваше Високопреосвештенство, ги чувствуваме последиците од крајно
лошите односи меѓу Македонската православна црква и Српската православна
црква што се влошија со последното соопштение на Соборот на СПЦ. Кои се
Вашите впечатоци по притисокот што беше направен, а директно влијае и на
положбата на македонскиот народ и на Република Македонија?
Г. АГАТАНГЕЛ: Последниов месец се надвија црни облаци над
Македонската православна црква, но не само врз неа, туку и врз нашата
самостојност, самобитност, на нашата суверена држава Република Македонија.
Соборот на СПЦ, иако официјално немаме добиено ништо ново, но преку нивната
информативна служба на интернет прочитавме дека поранешниот митрополит Јован
е избран за егзарх на Охридска архиепископија. Во истото соопштение се
наведува дека се избрани и други двајца архиереи на Охридска ахиепископија.
Тоа нас, како највисока црковна ерархија, свештенството, монаштвото и
верните чеда на нашата Црква, не само во нашава татковина, но и во
дијаспората, ваквиот став, небратољубив, нехристијански, неканонски,
нечовечки, без љубов кон еден најблизок свој брат, во Христа, не изненади.
Поминаа 60 години од првото свештеничко собрание на овие простори, од 1943
година кога веќе тие наши дедовци и прадедовци, македонски свештеници, кои
останаа на просторите на оваа држава, во време на окупација, ја навестија
радосната желба за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на
Македонската парвославна црква. Тогаш архиереите од СПЦ кои во тој период,
од 1919 до 1941 година, ја напуштија Македонија, беа духовни водачи на овој
народ. Но, не духовно да го воспитуваат народот, туку него да го одродат, да
го обезличат, да ни го очистат македонскиот јазик со што, најверојатно,
размислувале и да раководат и да управуваат со нашата држава. Ако навистина
тие архиереи кои ја напуштија Македонија го чувствуваа овој народ дека е
нивен, тие немаше да го напуштат. Тие заминаа во своите градови, ја
напуштија оваа Црква и отидоа во Српската црква. Но, благодарение на тие
македонски свештеници што останале на просторот на Македонија, се одржува
Првиот свештеничко-народен собор на кој уште тогаш размислувале за
обновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската
православна црква. Потоа се одржал Собор во 1945 година, па во 1958/59
година кога и СПЦ со нивна Одлука од тогашниот Собор ја признава
самостојноста на МПЦ и ги одделува епархиите од Српската црква, кои имаа
свој македонски Устав за кои повеќе не важеше Уставот на СПЦ.
ГРЧКИОТ БЛОК
МС: Сите сметаат дека тоа бил преломен период за возобновувањето на
Охридската архиепископија во лицето на МПЦ.
Г. АГАТАНГЕЛ: Да. Но, прво би сакал да продолжам со мислата. Значи,
во 1961 или 1962 година Македонија ја посетува тогашниот руски Патријарх
Алексеј и со нашиот Блаженоупокоен архиепископ г.г. Доситеј, кој е
возобновител на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, заедно
богослужеа со српскиот Блаженоупокоен Патријарх Герман во црквата "Света
Мина". Во тој миг се почувствува тоа помесно евхаристичко единство што некои
цркви го оспоруваат и велат дека го немаме тоа преемство. Ние тоа преемство
го имаме, зашто и Патријархот Герман заедно со Блаженоупокоениот г.г.
Доситеј имаат хиротонисано двајца архиереи на МПЦ. Што значи тука се гледа
преемството - евхаристичкото единство. Потоа доаѓа 1967 година во која
српскиот Патријарх Герман никаде не не претставува како Македонска црква,
како самостојна црква, и тогашниот Собор на делегатите во Охрид, по 200
години, ја обновува Охридската архиепископија во лицето на Македонската
православна црква. Од 1967 година до сега веќе поминаа 35/36 години во кои
самостојно живееме и опстојуваме. Оспорувано ни беше дека немаме факултет,
дека немаме средно богословско училиште, дека немаме доволно свештенство,
архиереи. А, Бог даде сега се да имаме. Оспоруваа дека немаме држава,
бидејќи бевме во заедница со тогашните други југословенски народи. Еве, Бог
даде во 1991 година да имаме самостојна држава. Имаме Свет архиерејски синод.
Имаме свештенство. Зад нас стои македонски народ, црквите, монаштвото. Сето
она што го оспоруваа веќе го имаме и според 17 правило, седумнаесеттиот
канон од Четвртиот Вселенски собор - каде дословно стои дека еден народ кој
има своја држава, има своја ерархија, епископи, има свештенство, монаштво,
народ, црква - ние сме автокефална црква. Значи, ние не сме нова црква. Ние
сме стара црква, само што ја обновивме Охридската архиепископија во лицето
на МПЦ. Истото го направија Србите со Пеќската патријаршија и ја обновија во
СПЦ, Бугарската црква ја олицетвори Трновската патријаршија, Московската во
Руска православна црква, Атинската во Грчка црква итн. Секој според името на
државата, или на народот што е на овој балкански простор ја возобнови
својата црква. Значи, сега не треба од никого да бараме признавање. Но, има
тука еден проблем. Останува отворено прашањето дали Вселенскиот патријарх
треба или не треба да го потпише Томосот за признавање на помесна
православна црква. Или тоа треба да го направи најблиската црква,
сестринската црква. Според повеќе случаи кога се признавале црквите,
Вселенскиот патријарх е оној кој треба да ја признае Црквата, бидејќи тој е
врховното во Православието. И доколку се има желба, една христијанска почит,
исполнета со љубов кон еден народ, кон еден посебен народ со своја култура,
традиција, обичаи, со своја историја, тогаш Патријархот не треба воопшто да
размислува. Треба да го потпише Томосот и да не признае како возобновители
на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Јас се надевам дека ќе се
случи тоа, и се молиме на Господа, Богот Спасителот наш Исус Христос, дека
ќе ни помогне, ќе ги послуша нашите молитви и плачот на нашето срце, бидејќи
Бог е Вечност, Бог е Вистина, Бог е Љубов, Бог е Правда. И таа Божја Правда
можеби се забавува 200 години, но еден ден ќе излезе на виделина. Не сме
само ние што чекаме. Имало случаи кога некои цркви чекале и по повеќе години.
Ние чекаме 35 години, а има други што чекаат по 70 или 80 години.
МС: Господине Агатангел, факт е дека МПЦ е автокефална. Зошто толку
упорно се бара тој Томос, тоа признавање, кога е очигледно дека владиците од
СПЦ не не љубат. Зошто МПЦ не се сврти кон барањата на македонскиот народ,
на верниците, кои инсистираат да се престане со ваквата комуникација со СПЦ?
Г. АГАТАНГЕЛ: Ние како Македонска православна, помесна и автокефална
црква сакаме да воспоставиме едно евхаристичко единство со сите помесни
православни цркви. И токму тоа е причината што овие последни години сакавме
да воспоставиме врска со сите помесни цркви. И тоа го направивме. Но, за
жал, во повеќето помесни цркви, поради силното влијание на грчкиот блок во
Православието, немаат желба да не признаат.
МС: Се разбира, во таа смисла, огромна пречка е и тоа што и Неговата
Сесветост, Патријархот Вартоломеј, е грчки претставник?
Г. АГАТАНГЕЛ: Да. И Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх, е Грк.
Но, знаете, по природа ние сме народ со топла и гостопримлива душа и сакаме
да му покажеме што имаме. Таа љубов кон тие наши браќа што не не признаваат
сакаме да ја покажеме, да ни дојдат и да видат што ние имаме направено и
како работиме. Да ги видат нашите верници, затоа што јас, морам да кажам, се
гордеам со мојот македонски народ и со моите верници. Нашиве цркви
последниве години се полни со народ. И благодарение на тој верен народ, на
тие молитви на нашите баби и на нашите мајки кои и во времето на едноумието,
за време на комунизмот кога беше забрането да се влегува во црква, коленичеа
пред иконите на Господа Исуса Христа, пред Светата Мајка Богородица, за да
ја сочуваат верата. И навистина тие молитви ја зачуваа нашата вера која сега
продолжува. Комуникацијата со другите помесни цркви, како што реков, сакаме
да биде на една висина, да биде исполнета со љубов, со почит кон еден
посебен народ, кон една посебна култура, традиција, една нација која постои
не само на Балканот, туку и во цела Европа и во светот. Зашто колевката на
писменоста, на културата, на цивилизацијата, почнала од овие македонски
простори. Многу цркви, освен СПЦ и некои браќа и архиереи од Бугарската
црква, не знаат многу за МПЦ. Вие знаете дека пред неполна година имавме
гостин, Архиепископот на Австралиско-новозеландската епархија, кој е од
Антиохиската црква. Тој ја посети МПЦ, ја посети Македонија и притоа беше
воодушевен од она што го виде во Скопје, во Охрид, во Брегалничката
епархија, во Преспанско-пелагониската епархија. Значи, сакаме да ги
воспоставиме тие врски - да дојдат, да видат и на еден начин да се извинат
што толку време не држат во една зачауреност со која и ние не можеме да
појдеме кај нив и да видиме нешто и да се помолиме.
МС: Но, во моментов е побитен македонскиот народ, неговата судбина,
судбината на МПЦ, отколку комуникацијата со помесните цркви кои продолжуваат
со старата тактика?
Г. АГАТАНГЕЛ: Ние народот го сакаме, го почитуваме тој наш македонски
народ. Црквата живее од тој народ. Ние како Црква можеби некој пат ќе
добиеме некаква донација за изградба на нов храм, но исклучиво живееме од
нашиот македонски православен народ и од другите етнички групи коишто се
православни и живеат во РМ. Гласот на народот го почитуваме и еве веќе
застанавме да го исполниме барањето на народот. Но, ние ќе мораме да
продолжиме да комуницираме со сите помесни цркви. Ова што ни се случува не
значи дека треба да се затвориме тука и да чекаме. Напротив, ние мораме да
комуницираме и да докажуваме дека постоиме како Црква, како македонски
народ, како држава. Проблемот сега не е само црковен, туку и државен. Јас
уште пред десетина години реков дека ако некој успее да го смени името на
Македонската православна црква, тогаш многу полесно ќе се смени името на
државата.
ПРИТИСОК
МС: Гласот на македонскиот народ во последнава година на четири пати ја
покажа својата верност и ја бранеше МПЦ. Тој кажа "не" за нишкиот документ,
му се спротивстави на поранешниот владика, Зоран Вранишковски, и неговите
грабежи, го осуди неговото канонско единство со СПЦ, дури потенцираше дека е
против соопштението на Српската црква. Зошто во највисокото црковно тело на
МПЦ се нема храброст еднаш засекогаш да се расчисти со одродниците на
македонскиот народ?
Г. АГАТАНГЕЛ: Видете вака, ние прво како архиереи, второ како Црква,
должни сме на секој оној што ќе погреши, дури и на обичниот верник, да му
дадеме шанса за покајување. И ние можеме да погрешиме. Ако сме архиереи, не
сме светители. Бидејќи сме луѓе, подложни сме на грешење. Затоа Црквата дава
можност на овој или на оној да се покае. Тоа како Архиерејски синод му го
дадовме на нашиот Митрополит кој се отцепи од МПЦ. Го повикавме еднаш, два
пати, три пати да се покае, но тој тоа не го стори. Но, ако ја земеме
историјата на нашиот македонски народ да ја читаме, ние најмногу сме патиле
од своите внатрешни непријатели. Тоа повторно ни се случува во овие времиња
кога треба да се одлучи за името на нашата држава. Така, на пример, лани
привршуваше привремениот договор со Грција склучен во ООН. Еве повторно се
обновуваат разговорите меѓу двете држави за името. Затоа повторно ни се
случува страшен притисок со кој се упатуваат ултиматуми за расчинување на
сите архиереи итн., за да се откажеме од името на нашата Македонска
православна црква и да се откажеме од нашиот автокефален статус. Во
историјата на Православието не постои случај некоја Црква со одлука на
собор, или на друг начин, од автокефална да се врати на автономна. Но, се
чека време, поволно за државата и за Православието, за да се признае тој
статус што го изгласал народот или соборот на архиереи на една помесна
православна црква. Мислам дека поранешниот владика Јован беше уфрлен во
Синодот со цел да ја растури Македонската православна црква. Тој никогаш, на
ниту една синодска седница или богослужба, на ниту една трибина, не се
заложи за нас. Тој имаше одбојност кон македонскиот народ и кон Македонската
православна црква. Очигледно е дека целта му беше да стане архиереј во
нашата Црква, да го прими чинот, и ако може нешто да направи за да дојде до
кавга меѓу архиереите, со што може да дојде до раскол за да основа паралелна
црква. Но, фала му на Господа Бога што ете сам отиде и ние како Синод не му
пресудивме, туку македонскиот народ, верниците од Повардарската епархија.
Ние отидовме само да го одземеме она што & припаѓа на МПЦ, бидејќи тој
повеќе не е член на оваа Црква, на овој Синод, и тој мораше да си оди. Ние
му дадовме манастир, од него луѓето го избркаа и натаму знаете што се случи.
Но, верувам дека ќе дојде денот кога ќе го расчиниме. Тоа е неспорно.
МС: Токму за ова сакавме да поразговараме, оти ако народот ја земе
правдата во свои раце, а таа опција се уште е жива, постои шанса да се
усложни ситуацијата и да се зголеми притисокот. Вие како Синод во Црквата
имате човек кој постојано пропагира нова црква, ново-стара духовна политика.
Токму затоа кај верниците постои сомнеж дека некој од Синодот го поддржува
поранешниот владика?
Г. АГАТАНГЕЛ: Би сакал да ви напомнам дека пред две до три години СПЦ
не сакаше да слушне ние да се викаме Охридска архиепископија. Таа тоа го
оспоруваше. Тие велеа "Тоа не Ваша црква, тоа е бугарска црква", па потоа
истакнуваа дека тоа е грчка црква. Од каде сега така одеднаш таква идеја да
ни го дадат името Охридска архиепископија? Ова е само барање на поранешниот
владика Јован за да си направи паралелен синод, мислејќи дека народот тоа ќе
го поддржи. Ние испративме писмо до членовите на САС на СПЦ и до членовите
на Соборот дека зад него не стои народ, нема монаштво. Тие тоа образложение
не го прифатија. Значи, на целта со Јована веројатно се работело подолго
време. На Јован одеднаш не му текнало да ја приклучи Повардарската епархија
кон СПЦ. Веројатно се договарал. Јован повеќе беше во Грција, отколку во
својата Епархија, односно во Македонија. По сметките ќе видите дека тој имал
стан во Солун кој Епархијата го плаќала итн. Полицијата на сето тоа ќе даде
одговор. Но, ние како Синод што направивме? Им испративме писмо на браќата
Срби и кажавме дека од името на МПЦ не се согласуваме со ултиматумот. За
мене тоа е многу важно и верувам дека сите архиереи од Синодот ќе се држат
до таа реакција, дека нема да го порекнеме она што сме го решиле, така што
веројатно нашава генерација нема да ужива во признавањето. Но, верувам дека
другите генерации што ќе дојдат по нас ќе ја имаат таа среќа МПЦ да биде
призната од другите помесни цркви. Ние нема да дозволиме да бидеме
предавници на нашиот македонски народ и на Македонската православна црква.
Јас не би можел да замислам да го издадам својот народ. Не можам да замислам
да се откажам од името на мојата Македонска православна црква.
МС: Ако постојат сите услови за расчинување на Јован, вклучувајќи го
неговото протерување од Брегалничката епархија кога свештениците се
побунија, ако има материјални докази за судска постапка, тогаш постои ли
сила во Синодот да се донесе одлука за негово расчинување и со тоа да му се
докаже на македонскиот народ дека никој во ова тело не го поддржува?
Г. АГАТАНГЕЛ: Видете, можеби грешката е во мене. Сакајќи да покажам
љубов кон него како собрат, да покажам љубов кон својата МПЦ, љубов кон
мојот македонски народ, ја отстапив Повардарската епархија за да му помогнам
да му се даде уште една шанса. Ете, размислував дека тој е млад, дека има
желба повеќе да работи, да се докаже, можеби немал многу контакти со луѓе,
па затоа погрешил. Со сета љубов, верувајте ми, сакав да му помогнам, се што
имаше Христово во мене, се што имаше човечко, му го подарив, оти јас немав
никакви проблеми во Повардарската епархија. И сега ми е жал што тој народ го
оставив, мислејќи дека владиката Јован сепак ќе има поучително слово од она
што му се случи во Брегалничката епархија. Но, тоа траеше кратко време и тој
повторно почна со своите постапки. Ние ќе смогнеме сили, а и вие слушнавте
пред извесен период, Митрополитот Петар имаше прес-конференција и излагање
околу неговото финансиско работење. Тој јавно кажа, но мора уште некои
работи да се доиспитаат, а тука треба многу да ни помогне и државата.
Инспекторите го препрочитуваат финансиското работење на Јован и се уверуваат
во тоа дека средствата биле префлани од една во друга фирма. Сепак, тоа
треба стручни лица да го докажат. Ние дури имавме проблеми и со полицијата
во Велес. Практично, три до четири месеци ни ги држеа сите финансиски книги,
документи од другата каса што не & припаѓаше на Епархијата. Ние имавме увид
само во епархиската каса. Но, малверзациите беа во другата каса од која
документите ги зеле во МВР. Документите сега ни се предадени и веќе се
оформи извештајот околу неговото финансиско работење во сите три епархии.
Тој беше викарен епископ во Преспанско-пелагониската епархија, потоа беше
Епископ Брегалнички и како Митрополит во Повардарската епархија.
МС: Значи, има услови за донесување одлука?
Г. АГАТАНГЕЛ: Ви реков дека ние ќе мораме да го решиме случајот со
Јована. Јас верувам дека ќе смогнеме сили и ако не на наредната, тогаш на
една од другите синодски седници ќе мора да се расчини Јован.