КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ТРГОВИЈА СО СОПСТВЕНИОТ ОРГАНИЗАМ

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Најмоќната воена светска машинерија не би можела да остане настрана од случувањата, кога би имала неколку десетици илјади војници во Косово, Србија, Македонија, Романија, или Бугарија.
  • Што е она што го нуди Европа за заштита од напливот на американскиот експанзионизам на овие простори и доведување на малите нации во подредена положба? Освен повикот да не го прифатат барањето на Вашингтон за потпишување договор за изземање на војниците, официјален Брисел како престолнина на европските демократии на овие земји не им понуди никакво одбранбено средство за заштита.

Американската армија може наскоро да почне да ги користи базите на Балканот за обука и како појдовен пункт за евенту-ални интервенции на Блискиот Исток. Претпоставките за распоредување американски бази во Источна Европа започнаа пред неколку месеци со одлуката на НАТО за проширување кон Исток со земји од поранешниот комунистички блок. Пентагон сака да ги користи големите романски и бугарски бази за остварување на целогодишни програми, во кои би биле распоредени до 3.000 војници во борбена готовност. Пентагон, исто така, планира американските војски, пешадија, артилерија и хеликоптери да поминат интензивна обука од 30 до 90 дена во базите на Балканот, а потоа да се вратат во Западна Европа или САД. Тие, исто така, сметаат дека војниците ќе бидат подготвени за брзо придвижување до "жешките точки" на Блискиот Исток или во Централна Азија.

Значи ли тоа дека големите стратези повеќе не планираат балканското подрачје да биде жешка точка на конфликти, судири и караници, па целата мегаломанска драма ќе ја префрлат на Средниот Исток, онаму каде што извира црното злато, нафтата? Зголеменото воено присуство на американската држава на Балканот се совпаѓа со ултиматумот кој администрацијата во Вашингтон им го постави на неколкуте балкански земји за изземање на војниците пред интернационалниот кривичен суд. Се ближи рокот кога Белград и Скопје треба да се изјаснат околу барањето на Вашингтон да потпишат договор за неиспорачување на американските државјани (или само војници ) на Меѓународниот кривичен суд.

ЛАБАВАТА ФЕДЕРАЦИЈА

Воениот аналитичар и уредник на магазинот "Џејнс дифенс", Пол Бивер, вели: "Не верувам дека Србија ќе биде толку луда или храбра да го одбие овој понуден договор, бидејќи во овој момент за Србите е многу важно да ги одржат пријателските врски со САД, кои во спротивност би биле нарушени. Америка сега ќе врши огромен притисок на своите европски сојузници, како што се Србија, Македонија, Бугарија и Романија".

Во политичката практика тоа изгледа вака: претседателот Џорџ Буш ќе го повика премиерот или претседателот на соодветната држава, културно ќе го замоли да го смени мислењето, а за возврат ќе понуди финансиска и политичка награда. Што се однесува до Србите и Македонците, Америка најверојатно ќе им понуди кредити под подобри услови од ММФ или Светската банка, бидејќи тие се институции кои Вашингтон практично ги контролира. Освен тоа, можно е Америка да ја понуди својата помош и во ОН за некои од проблемите кои овие две земји моментно ги имаат - Македонија со името, а Србија со Косово. Пол Бивер завршува со реченицата: "Ако наскоро добијат финансиска инјекција или поддршка во Советот за безбедност за некое прашање, Србите и Македонците ќе знаат зошто е тоа".

Прочитано меѓу редови, тогаш нема да можеме да ја одбиеме понудата на Вашингтон за потпишување билатерален договор за изземање на неговите војници од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд. Сега е јасно зошто САД на младите балкански демократии им наметнаа таков предизвик. Америка се подготвува за масовно воено присуство на Полуостровот, па оттука за секој случај полезни се тие билатерални договори за заштита на своите војници од можни прогони и судења за воени злосторства. Западната цивилизација мошне добро знае дека балканскиот регион е се уште чувствителен и кревок, знае дека во секој момент може да избијат нови судири, поделби и разграничувања. Во таков случај, најмоќната воена светска машинерија не би можела да остане настрана од случувањата, кога би имала неколку десетици илјади војници во Косово, Србија, Македонија, Романија, или Бугарија. Европа е свесна за тоа и затоа притиска врз балканските земји да не подлегнат на пресијата од вашингтонската администрација, бидејќи нивниот параф врз унилатералните договори би значел институционално самоубиство. Но, од друга страна пак, имаат ли поинаков избор земјите од западниот Балкан, да донесат поинакво решение од она што им го нуди Буш и неговите советници за надворешна политика? Што е она што им го нуди Европа за заштита од напливот на американскиот експанзионизам на овие простори и доведување на малите нации во подредена положба? Освен повикот да не го прифатат барањето на Вашингтон за потпишување договор за изземање на војниците, официјален Брисел како престолнина на европските демократии, на овие земји не им понуди никакво одбранбено средство за заштита. А должна е тоа да го стори, како во географска така и во политичка смисла на зборот.

Американската воена армада ќе доаѓа на Балканот во периодот кога треба да се одредува статусот на меѓународниот протекторат, или српската покраина Косово, кога ќе се знае дали може да опстои лабавата српско-црногорска федерација. Или ќе се распадне, кога треба да се види дали ќе опстои Македонија во рамките предвидени со охридскиот мировен Договор.

НАЈСКАПИОТ ЗБОР

Сакале - нејќеле, најголемата главоболка како за странските дипломати и војски така и за земјите од балканското опкружување ќе биде видот на државноста на Косово и неговите влијанија врз соседните земји. Најскапиот српски збор - Косово - конечно доби цена. Ако до пред петнаесетина години ниту еден Србин не можеше да поверува во ситуацијата која денес е присутна во најмалиот сегмент од поранешната југословенска федерација, денес истите тие Срби се доведени пред свршен чин. Ироничните аналитичари продажбата на Косово ја споредуваат со ситуацијата Србите да си ги продаваат сопствените бели бубрези на пазар и се ценкаат за цената. Косово мора да се продаде. Првата и основна причина да се стори тоа е трајната стабилност на Балканот. Оптималното решение до кое може да дојдат Србите е само трговијата, онака како што им остави во тестаментот покојниот им премиер Ѓинѓиќ. Да тргуваат со светот, да им дозволат на Албанците да го држат мнозинскиот пакет акции на Косово, да откинат колку можат повеќе делови за православните енклави и постојано да инсистираат на враќањето на армијата на Косово. Сепак, со ваквиот начин на решавање на статусот на областа се создава впечаток дека владата која иницира такво решение на замрсениот јазол не е ништо друго освен "шверцерска".

Но, за разлика од Србите, Албанците се подготвени да платат и многу повисока цел за остварување на она што со децении го посакуваат, независноста. Тие се решени да дадат уште човечки животи за реализирање на таа идеја. Дали и Србите се подготвени на тоа по сите премрежја што ги поминаа во последната деценија? Тешко. Планот на Ѓинѓиќ за поделба на Покраината сега е многу потежок за реализирање отколку пред десетина години. Тогаш, во 1993-та, српската држава ја пропушти можеби последната шанса да спаси дел од Косово. Популарниот амбасадор Цимерман му понуди на Добрица Ќосиќ една третина од Покраината, но Борисав Јовиќ и Слободан Милошевиќ му се заканија на Ќосиќ дека ќе го обесат на Теразије ако на Албанците им отстапи макар една педа од "светата српска земја".

А денес, што денес Србите би дале за да добијат една третина од "светата земја"? Дали прогласувањето независност на Косово ќе го спречи демолирањето на демографската структура на Балканот и дали меѓународната заедница работи на тоа токму за да ги заштити соседите на официјална Приштина од континуираното губење на православните територии. Ако не се стопира процесот на постојано растење на бројот на Албанците во актуелните граници, се поизвесно ќе биде дека еден ден тие ќе стигнат до Ниш во Србија или до Штип и Струмица во Македонија. Значи, потребна е гранична рампа која нема да ги дели само териториите, туку и етникумите. Затоа, според некои, потребни се територијални разграничувања по етничка основа, за да не се дојде до ситуација утре или задутре соодветната етничка заедница да биде асимилирана само поради поголемиот наталитет и прираст на населението на другата заедница.

Оттука, како мислат обемните западни војски кои имаат намера да ни дојдат на поседок на неограничено да ги решаваат предизвиците за кои и самите не знаат како произлегуваат? Но, тие веројатно ќе им бидат само локални теми за решавање. Главниот акцент и најголемиот дел од преокупацијата ќе биде насочена кон кризните точки на Блискиот исток каде моментно се наоѓаат најгорливите светски прашања - Ирак, Сирија, Иран, Палестина. Како стојат работите на тоа поле и нивната можна импликација по нашиве простори?

НЕРЕДИ НА СРЕДНИОТ ИСТОК

Иран, како и што се очекуваше, се најде под нов американски дипломатски притисок за стопирање на производството на нуклеарното оружје и за сопирање на процесите на сместување на терористичките бази на Ал Каеда. Се поверојатни стануваат шпекулациите дека следната мета на Вашингтон ќе биде режимот во Техеран кој по секоја цена мора да биде симнат од политичката арена на арапскиот свет. Се погласни се и најавите дека САД ќе употребат воена сила за смена на политичката клима во иранската држава која според Американците создава нереди на Средниот Исток. Оттука, јасни се потезите на безбедносната стратегија на Буш за дислокација на неговите трупи од западна Европа на Балканот. Тие на тој начин ќе бидат подостапни до критичните точки каде ќе се напаѓа. Но, притоа ретко кој и да размислува дека балканските народи повторно ќе бидат изложени на опасностите од терористичкиот свет само поради фактот што на американските агресори им дале прибежиште и бази за подготовки. Времето и околностите можеби ќе го демантираат сето ова.

Но, едно е јасно. Следува периодот на сопствена и регионална трансформација. Ќе треба од многумина да се чуваме, па и од оние во кои нашите избраници имаат претерана, а на моменти и сервилна доверба. Добро е да им се верува на сојузниците, но само доколку се вистинските сојузници.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"