"Голема Албанија" од Косово
Националното обединување на Албанците е аманет што ми го остави татко ми,
Ахмет Зогу. Тој ме научи дека Косово треба да биде обединето со Албанија,
потсетил на големоалбанскиот
шовинистички сон престолонаследникот Лека Зогу во Приштина, на прославата од
125 годишнината од "Призренската лига".
Амнестија за регрутите што ја ескивираа АРМ
Сите оние што во изминативе десетина години, или од 1 јануари 1992 година
до денес на различен начин ја одбегнале обврската да отслужат војска, ќе
бидат амнестирани за што Владата подготвува закон.
Се намалува бројот на учениците Македонци
Од година во година драстично опаѓа бројот на децата - Македонци, поради
што се затвораат училиштата, паралелките и е намален бројот на забавишните
групи на македонски јазик. Истовремено рапидно расте бројот на учениците -
Албанци. Ваквите заклучоци произлегоа од трибината "Каде сме - каде одиме",
на која се расправаше за проблемите во образованието.
Грција ги отвори границите за протераните Македонци
Грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Андреас Ловердос, во
интервју за атинска "Елефтеротипија" изјави дека е изнајдено решение на
проблемот на политичките емигранти кои потекнуваат од "грчка западна
Македонија". Првиот чекор што го најави Ловердос е да се дозволи слободна
посета на тие граѓани во Грција и тоа за време на овој летен период.
Владата незадоволна од Бранковиот закон
Владата не е докрај задоволна од досегашната примена на т.н. Бранков
закон за вработување, изјави
владиниот портпарол Чолаковски кој го пренесе владиниот заклучок дека се
евидентни пропусти во маркетиншкиот пристап кон примената на Законот за
поттикнување на вработувањата.
Керим се повлекува од дипломатијата
Претставникот на Република Македонија во Обединетите нации во Њујорк,
Срѓан Керим, поднесе оставка. Во писмото кое тој му го упати на Трајковски
вели дека причините за неговата оставка на претседателот му се добро познати
и дека нема да ги повторува. Трајковски ја прифати оставката.
"Матав" се испазари со Владата
Претседателот и главниот и извршен директор на унгарската компанија за
телекомуникации Елек Штрауб, по средбата со премиерот Бранко Црвенковски и
министерот за финансии Петар Гошев, подлегна под граѓанскиот притисок. Тој
реши да ги намали тарифите за локален и меѓуградски сообраќај и наместо
досегашното ребалансирање на цените на импулсот од 25 отсто во мајските
сметки ќе се вкалкулираат 15 отсто.
Во согласност со договореното меѓу Владата и сопственикот на Македонските
телекомуникации, унгарскиот "Матав", новите цени на спомнатите услуги ќе
бидат рангирани на 1,38 денари. Тие ќе се применуваат од први мај 2003
година.
Владата не дава пари за Самоиловата тврдина
Министерството за култура за годинава ги сопре парите за натамошните
работи во реконструкцијата на Самоиловата тврдина. Тоа значи дека Заводот и
Музејот од Охрид годинава ќе добијат 5.300.000 денари помалку, износ во кој
влегуваат и натамошните истражувања и на подводната археологија во
Охридското Езеро.
Даравелски сам ќе се пријави во судот
Драган Даравелски, поранешен директор на Царинската управа, ќе дојде во
Македонија и самиот ќе се пријави во Судот во кој против него се води
истрага, веднаш откако ќе закрепне од неодамнешната хируршка интервенција
извршена во странство, изјави таткото
на Даравелски, Томислав Стојановски.
Забрана за извозот на месо?
Македонија може да биде казнета со повеќегодишна забрана за извоз на месо,
ако мршите во кумановската фарма за свињи предизвикаат некоја заразна болест.
Поради тоа, подвижни ветеринарни екипи постојано се на терен, ги собираат
пцовисаните од глад свињи и вршат дезинфекција на местото.
Последната фотографија на Делчев во Париз
Фотографија на која Гоце Дечев е сликан со својата чета неколку дена пред
да биде убиен во селото Баница, како и други документи за настаните пред, за
време и по задушувањето на Илинденското востание, на 2 август првпат ќе
бидат изложени во Архивот на Париз.
Весна ќе ги лечи изгорениците во Мелбурн
Охриѓанката Весна Наумовска (26) која има тешки изгореници ќе замине на
лекување во Австралија со помош на Организацијата "Австралиска хуманитарна
помош за Македонија" од Мелбурн.
Наумовска настрадала во пожарот што го зафатил струшкиот ресторан "Аквариум"
на 26 декември 1999 година.
|