КОМЕНТАР

Сито и Решето

ЕВРОПСКИ СЕНКИ

Од Редакцијата

Република Македонија, сакале или не, на мала врата влегува во зоната на самракот, во својата сенка на зајдисонцето. На тој начин зајдува пропелерот, симболот што едвај го избравме само за да не се судриме со интересите на Елада. Со таа трговска зделка, всушност, покажавме дека многу сме попустливи, така што за пари ќе си ја продадеме и душата.

По цели 12/13 години независност повторно стануваме зависни. По пројугословенските ветришта ни доаѓа "европското торнадо". Во нашиот дом доаѓаат истите душегрижници што не сакаа да го чујат нашиот глас во претходниот век, но затоа во овој ни приредуваат исто сценарио под фирмата "твининг". Ќе не надѕираат како се припитомуваме, како се приближуваме, односно себе се суредуваме кон патот за влез во Европската унија, што секако за нас станува "возот наречен желба". Но, очигледно влезот за во "Старата дама" останува пуста желба која никогаш нема да се оствари, бидејќи нашите политичари не успеаја да се снајдат во водењето на државата. Покажаа дека се неспособни да го преструктуираат општеството, економијата и другите сектори. Затоа им доаѓаат странските тутори. Нивната реч ќе биде главна, а нашата безвучна, како што и секогаш била. Секој не влече за нос, а од тегнењето на ушите станавме клемпави.

ЗАПАДНОТО СТАМПЕДО

Каде згрешивме? Оној момент кога избравме погрешни политичари. Но, и оние претходните, како и овие старите што сега се на власт, не беа цвеќе за мирисање. Сите се исти. Плукнати во суратот, во инаетот, дури во грабежот. Алчни колку ви душа сака. Не умееја да не приготват за европското стампедо. Така сега ќе уживаме во чвргите што од сенка ќе ни ги удираат т.н. советници на ЕУ. Тие ќе не потсетат на еден стар, добро разработен, но се уште не подзаборавен систем: "Ти - То работи".

Меѓутоа, сега ЕУ ќе не сработи. Од оваа кожа, од ова патешествие, нема бегање. Време е да се потсетиме како камшикот работеше во Отоманската империја, како "српскиот џандар" не тепаше и како Бугарите ги бараа "шумкарите".

Можеби слично ќе биде, но секако ќе биде тешко. Дури претешко, бидејќи узенгиите ги фатија луѓето од сенка. Тие нема да дозволат да дигаме џева, а уште помалку да креваме глава оти парите ги потрошивме. Исто онака како што ја потрошивме европската доверба и вечната англиска џентлментност. Затоа тие ќе ни наметнат нови правила на живот, на однесување што не веруваме дека некогаш ќе можат да се инсталираат на овие простори. Можеби токму и тоа е нивната цел за да докажат дека не заслужуваме да имаме држава која впрочем не знаеме ниту да ја водиме, а камоли со неа да раководиме. Затоа раководството го презема обединета Европа која божем ќе се обиде да ја зачува разединетата Македонија.

ЗАГУБЕНАТА ЗЕМЈА

Црно ни се пишува. Нова голгота ни се подготвува. Но, и така ни треба кога не сакаме на вистината да & погледнеме во очи. Таа е сурова и бескрајно лоша. Македонските политички претставници ја уништија Република Македонија. Ништо не сторија за да ја задржат интелигенцијата, туку напротив ширум му ги отворија портите на печалбарството, бидејќи се плашеа за својата судбина. Ако на паметниот му дозволеа да остане во РМ, да ја води државата, тогаш ќе немаше место за простиот. Тие не знаат да "безделничат" како што се снаоѓаат илјадници невработени. Тие знаат само да крадат. Ништо друго не умеат да сторат. Освен да се фалат и да ни мачкаат очи.

Затоа сега нема да бидат први, туку потчинети на некој Ото, некој Сер или Фон или Де Сантош. Клучевите од македонскиот трезор ќе бидат во Брисел, а не во Скопје. Затоа македонскиот народ ќе треба да го научи нивниот "валцер", бидејќи од сега тој ќе ни биде химна на "загубената земја". Џабе ни беа молитвите и сите паметни совети што побрзо да се прилагодиме на нивните барања. Вака го загубивме времето поминато во арчење на општествените пари, но ја губиме и самостојноста и државноста.

Без нивниот потпис нема да важи Буџетот. Без нивниот печат ќе нема да се спроведува Уставот и законите. Но, што се занесуваме! Тие со себе си носат свој Устав, свои закони и свои принципи на однесување.

Ќе умеат ли нашите да се прилагодат на нивниот ритам на работење? Тешко, бидејќи досега "акаа" по кафеани и лумпуваа. Но, отсега ќе мораат самите да си ја подвиткаат опашката, бидејќи кај нив се однапред е планирано. Дури и времето за спиење е строго определено. Не може цел ден да се спие, а ноќе да се работи. Тоа правило во ЕУ не важи.

ЧУВСТВО НА ПОТЧИНЕТОСТ

Доаѓањето на луѓето "во сенка" значи дефинитивен пораз на македонската политика. Таа покажа дека нема стратегија и национален интерес. Се што досега се правело било изнудено од настаните и од политичкиот, воениот или албанскиот притисок. Во меѓувреме ни помина времето, часовникот ни застана во Кумровец. Од таму неговите наследници ништо не научија, освен да ги следат стапките на Стариот кој беше познат "донжуан".

Токму затоа сега мораме да се соочиме со вистината. Твининг системот што ќе функционира во секое македонско министерство донесува ново чувство на потчинетост. Барем на таа форма на децениски притисок народецот е научен да живее. Ништо друго не се менува, освен "поробувачот". Европа ништо друго не носи. Ниту надеж дека еден ден ќе бидеме дел од неа во вистинската смисла на зборот.

Европскиот јарем што сега се инволвира зад владините кулиси, веќе утре ќе го почувствуваме сите на сопствениот грб. Македонија не е држава која ги решила сите проблеми, па сега да си дозволува некој од надвор да управува со неа. Ние како држава се уште имаме нерешени проблеми од стратешки државен и национален интерес - проблемот со името, приемот во Обединетите нации под уставното име, загубен територијален интегритет и суверенитет, терористички групации кои се уште го ораат северозападниот дел од Македонија итн. Зарем треба до дозволиме европјаните да преговараат за нашето име?! Зарем треба да се надеваме дека Европа ќе се заложи за наш прием во ООН под уставното име?! Зарем некој од надвор ќе дојде и ќе ни ги избрка терористите?!

Да не се залажуваме. Никој нема да ни ги реши проблемите. Сами треба да го направиме тоа. Со ум и со агресивна дипломатија. Конечно, народот вели дека на волкот му е дебел вратот, затоа што сам си ги лови овците. Не ни се требни никакви тутори над главата.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"