Имено, треба да потсетиме само дека Турците беа задоволни што среќно
успеаја да победат во Скопје, а Лихтенштајн успеа да ни одземе два планирани
бода и да не оддалечи од нашата цел - третото место во групата.
ЛИХТЕНШТАЈН
Сите во Македонија со нетрпение го очекуваат мечот со Лихтенштајн, затоа
што токму Лихтенштајн е таа репрезентација која фудбалски не понижи на
нашиот прв натпревар. Имено, иако појдени со мисла дека лесно ќе ги освоиме
бодовите и дека Лихтенштајн ќе биде лесен залак за нашата репрезентација, па
дури имаше и најави дека ќе го срушиме светскиот рекорд (да потсетиме -
победата на Македонија против Лихтенштајн во изминатиот циклус квалификации
од 11 спрема еден на гости претставува светски рекорд во највисок резултат
постигнат на една репрезентација на гости), сепак уште еднаш се потврди дека
во денешниот модерен фудбал не треба да се потценува никој, ние одигравме
само едни мизерно срамни 1:1.
Се надеваме дека ироничната лекција со Лихтенштајн е разбрана и дека
односот на нашите репрезентативци кон овој натпревар ќе биде далеку
посериозен. Сите ние се надеваме дека на овој натпревар нема да има дилеми
околу победникот. Она што загрижува е тоа што на ранг - листата на ФИФА
нашиот рејтинг опасно се доближува до рејтингот на Лихтенштај. Дали нашиот
фудбал е навистина во опаѓање или пак Лихтенштајн има се поквалитетна школа,
ќе дознаеме токму на натпреварот кој ќе се одигра на 7 јуни во Скопје. Овој
пат сите очекуваме сигурни три бода и дека конечно по подолго време
македонската репрезентација ќе извојува победа која, иако е остварена против
Лихтенштај, ќе дојде како добар мевлем на рана. Се друго освен победа ќе
биде срамно и жално!
ТУРЦИЈА
Мечот, пак, со Турција го играме на гостински терен. На сите ни се свежи
сеќавањата од мечот со Турција одигран на Градскиот стадион во Скопје кога
Македонија ја даде својата можеби најдобра партија, но сепак несреќно
изгубивме и им ги зголемивме шансите на Турците за пласман на европското
првенство.
Но, она што не треба да се заборави е и тоа дека токму против
репрезентацијата на Турција во Турција изигравме една феноменална партија и
успеавме да дојдеме до нерешен резултат. Токму на едно такво изненадување се
надеваме и овој пат затоа што навистина претставува дополнителна мотивација
да се игра против четвртата репрезентација од последното светско првенство.
Се надеваме дека нашите момчиња по победата со Лихтенштајн (која како што
рековме не треба да се доведе во прашање) ќе соберат сили за уште едно
изненадување и дека ќе успеат да ја победат или барем да извадат нерешен
резултат против репрезентацијата на Турција со што уште еднаш на сите
скептици ќе им покажат дека нашата репрезентација има нешто во себе кое
треба да излезе на површина.
ИЗЈАВИ
Она негативно што се случува во нашата репрезентација се секако изјавите
од типот - "Додека е тој селектор….".
Вистината е дека Џиџи се реши во репрезентативниот дрес да ги повикува
само најподготвените. А најкомпетентен да одлучи за тоа кој е подготвен да
го носи репрезентативниот дрес е само селекторот. Ако селекторот како во
случајов се одлучи да не ги повикува досега стандардните Христов и Митрески
или пак некој друг, тоа е затоа што селекторот смета дека во моментот тие не
се подготвени да го носат дресот со националниот грб. Ако таквата стратегија
не даде резултати, тогаш одговорноста за таквите резутати ја сноси само
селекторот и никој друг. Поради тоа играчите треба да сфатат дека местото во
репрезентацијата не им е капарено и дека тие како играчи треба во секој
момент да бидат подготвени да ги бранат боите на својата држава.
Сепак, и покрај сите превирања и проблеми со повреди се надеваме дека
претстојните две средби ќе ни донесат убави резултати што само ќе биде
одлична увертира за натпреварот со Англија во септември.
"Цементарница" победник во Купот
Екипата на "Цементарница" е победник на македонскиот куп. Таа успеа во
еден навистина тежок, но за македонски услови екстра квалитетен натпревар да
ја совлада екипата на "Слога" дури по изведувањето на пеналите откако во
регуларниот дел натпреварот заврши нерешено - 4:4.
Самиот натпревар ја врати надежта дека и во Македонија може да се игра
квалитетен фудбал, затоа што изобилуваше со напнатост и пресврти. Сите
посакуваат овој натпревар да претставува урнек за идните натпревари кои ќе
се играат во Македонија.
Она што остави црна дамка на таа прекрасна вечер секако е дивеењето на
навивачките групи поради што самиот натпревар беше одложен. Оваа појава ја
осудија сите релевантни фактори во македонскиот спорт и сите ние искрени
вљубеници на фудбалот очекуваме во иднина да се преземат конкретни мерки
против сите хулигани на спортските терени.
Со победата во Купот, екипата на "Цементарница" стана наш претставник во
Купот на УЕФА. Се надеваме дека со квалитетни засилувања оваа екипа достојно
ќе не претстави во ова реномирано клупско натпреварување.