СПОРТ

РЕКРЕАЦИЈА: Беспрекорно организиран традиционалниот пролетен маратон "Скопје - Водно - Матка 2003"

СЕКОЈ КОЈ ЌЕ ЈА ПОМИНЕ ПАТЕКАТА Е ПОБЕДНИК

Пишува: Ружица ГОЧЕВСКА

  • И оваа година манифестацијата беше масовно посетена. Оние кои не учествуваа директно во трката уживаа во природата и културните знаменитости.
  • Годинешниот маратон се одржа на 11 мај, а на него зедоа учество 120 натпреварувачи. Почетокот на трката беше означен пред Основното училиште "Кочо Рацин" во Скопје.
  • По завршувањето на трката се одржа културно-забавна програма во која сите зедоа активно учество.

По секојдневната трка на динамичното време од егзистенцијален карактер, планинарењето претставува релаксација од психичките напнатости што човекот ги доживува на работното место, во урбаната средина. Местоположбата на градот Скопје ни овозможува со мали трошоци, кратко време да престојуваме во природа. Основното мото на сите масовни акции на планинарската асоцијација е добропознатата мудрост "Во здраво тело, здрав дух".

Учесниците на годинешниот маратон

И оваа година под покровителство на скопската Планинарска асоцијација и Црвениот крст на Скопје се одржа традиционалниот планинарски маратон "Скопје - Водно - Матка 2003".

ПОБЕДНИЦИ

Годинешниот маратон се одржа на 11 мај, а на него зедоа учество 120 натпреварувачи. Почетокот на трката беше означен пред Основното училиште "Кочо Рацин" во Скопје, на подножјето на Водно. Трката започна во 9 часот. Натпреварувачите имаа должност да истрчаат 18.800 метри со висинска разлика од 800 метри. Патеката беше означена со седум контролни пунктови и тоа: Мост, Средно Водно, Орашец, Врв Водно, Бел камен, Јасени манастир и црквата "Св Никола". Контролните пунктови беа обезбедени со радио-врска.

И оваа година манифестацијата беше масовно посетена. Оние кои не учествуваа директно во трката уживаа во природата и културните знаменитости. Посебно треба да се истакне одличната организација и кооридинираност на луѓето кои ја преземаат задачата оваа година.

Господинот Јаков Јаковчевски, еден од главните организатори на маратонот

Како и минатата, така и оваа година маратонот се одржа во женска и машка конкуренција. Посебен куриозитет беше присуството на најмладиот маратонец кој имаше само седум години, и најстариот седумдесет и седум години - особена симболика која остави пријатен впечаток кај сите учесници и доказ дека предизвикот не познава старосна граница. Тука посебно треба да се нагласи одличната соработка на членовите на Комисијата кои беспрекорно си ја извршија работата.

Конечната цел беше Планинарскиот дом "Матка" кој беше отворен до 16 часот.

Иако оваа година натпреварувачите не ги соборија рекордите од минатогодишното натпреварување, сепак сите пристигнаа на целта со што трката беше комплетирана и прогласена за успешна. Во 14 часот беа прогласени победниците кои добија посебни признанија за постигнатите резултати.

Победник во машка конкуренција беше Перо Тодоровски кој пристигна за 2 часа и 3 минути. За жал, не успеа да го собори рекордот на Благоја Спасовски кој изнесуваше 1 час и 29 минути. Второпласиран беше Горан Стојанов, додека третото место го освои Томе Полчевалиев.

Комисијата доследно си ја заврши работата

Во женска конкуренција победи Ирина Алаѓозевска, чие време за жал не беше регистрирано, но изнесува приближно 3 часа и 15 минути. И во женска конкуренција не беше соборен минатогодишниот рекорд кој изнесуваше 2 часа и 31 минута. Второто место го освои Оливера Алексова, додека третото место & припадна на Драгица Ивановска.

Исто така беа прогласени победници во конкуренција на најмлад и најстар натпреварувач. Мартин Врбовски, кој има само седум години, пристигна за 6 часа, додека Александар Вукашиновски со своите седумдесет и седум години пристигна за пет часа.

Сите маратонци добија пригодни награди и дипломи, додека најмасовната екипа доби преоден пехар.

ЗАБАВА И ДРУЖЕЊЕ

Во попладневните часови се одржа пригодна културна-забавна манифестација во Планинарскиот дом "Матка". Амосферата беше прекрасна и сите земаа учество во општата веселба.

Неминовно е да се спомене еден од главните организатори на целата оваа манифестација, човекот без кого овој спортско-рекреативен настан немаше да биде комплетен и толку успешен. Тоа е познатиот планинар-водач, а воедно и екологист, господинот Јаков Јаковчевски. Господинот Јаковчевски заслужува посебно признание за големата трпеливост, упорност и креативност. Но, знаејќи ја неговата голема љубов кон природата и планинарењето, никој не треба воопшто да се сомнева во неговите заложби.

Господинот Јаковчевски беше видно задоволен од годинешниот маратон и неговата организација. Имено, тој им се заблагодари на луѓето од Армијата на Република Македонија со чии транспортни средства беа пренесени дел од организаторите на маратонот. Исто така, голема благодарност беше искажана и до бројните спонзори кои несебично помогнаа.

Пораката од господинот Јаковчевски до сите граѓани е секогаш да ги почитуваат и да земат активно учество во вакви манифестации. Освен дружбата, рекреацијата и пријатните мигови, ваквите собири му овозможуваат на човекот да се ослободи од секојдневните грижи и проблеми и на кратко да ужива во природата и нејзините убавини.

На крајот беше искажана надеж дека во годините кои следат овие манифестации ќе се почести и секако помасовни.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"